Голем интерес за учество во работата на првата Ино Фаб Лаб во Северна Македонија

Младите покажаа голем интерес за учество во работата на првата Ино Фаб Лаб  во земјата, основана со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, во рамките на „Предизвикот за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS“.

На првиот повик наменет за млади кои имаат иновативни идеи, кој заврши на 30 јуни 2022, се пријавија 38 кандидати на возраст од 15 до 29 години кои сакаат да се приклучат на работата на Ино Фаб Лаб која е лоцирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Најголем број од пријавените се средношколци(58%) и студенти (37%), a половина од пријавените учесници се девојки.

Во моментов во тек е формирање на првите тимови кои наскоро ќе ја започнат својата работа  во лабораторијата за производство и прототипирање Ино Фаб Лаб, која е опремена со најнова генерација на 3Д печатари, ЦНЦ машина за дрво, метал и пластика, линија за рециклирање на пластика и преса за композитни материјали.

 

Tимовите ќе разработуваат иновативни идеи и ќе ги реализираат до фаза на прототип.

 

Оваа лабораторија на младите ќе им овозможи пристап до напредни технологии и материјали и на овој начин ќе им се даде можност на сите млади ентузијасти да ги унапредат своите знаења и вештини, како и да стекнат искуства преку директно учество во научно-истражувачка дејност и да влијаат на развојот на нивната кариера и општеството.