Контрол Церт -Софтвер за контрола на фабричко производство на градежните производи

Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… Или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

КОНТРОЛ ЦЕРТ е овластено тело за сертификација на производи, процеси и услуги од страна на Министерство за економија и акредитирано од страна на Институт за акредитација со главен фокус на сертификација на градежни производи согласно Закон за градежни производи.Освен сертификација на градежни производи, КОНТРОЛ ЦЕРТ врши и сертификација на системи за менаџмент како ISO 9001, ISO 14001, ISO 45001, ISO 27001, ISO 50001, ISO 22000 и ISO 13485.Покрај услугите за сертификација КОНТРОЛ ЦЕРТ врши и имплементација на GDPR (Заштита на лични податоци).

КОНТРОЛ ЦЕРТ е основан на 7.12.2017 година од страна на Даниел Трајковиќ кој е воедно и управител на претпријатието. Со акредитација за сертификација на производи, процеси и услуги се стекнува на 22.08.2018 со што почнува да ја врши својата главна дејност. Структурата на КОНТРОЛ ЦЕРТ е составена од директор, менаџер за сертификација, водител на сертификација, тим на оценувачи и комисија за заштита на непристрасност. Во однос на градежните производи, соработуваме со овластени и акредитирани лаборатории, додека за останатите услуги успешно соработуваме со сертификациони тела од Србија, Хрватска и Турција. Во овој момент КОНТРОЛ ЦЕРТ има повеќе од 50 клиенти.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Софтверот за контрола на фабричко производство на градежните производи ќе биде веб базирано решение и ќе претставува збир на процеси преку кои што се врши следење и анализа на фабричкото производство на бетон и агрегати. Корисникот ќе има пристап до сите процеси, процедури, работни упатства обрасци и записи кои што се нормативни согласно стандардот кој производителот го користи.

Една од клучните предности на софтверот е автоматската обработка на резултати од извршени испитувања на производот согласно кој изработува детални, дневни, месечни и годишни извештаи кои што производителите без софтверот мораат рачно да ги изработуваат поради што губат време, финансии и ресурси.

Софтверот ќе го алармира корисникот за секоја критична промена во квалитетот на производите и за нивната усогласеност со стандардите согласно кои се сертифицирани, но исто така ќе служи и како водич по принцип чекор по чекор во системот за контрола на фабричко производство што ќе доведе до максимална усогласеност на производот со релевантниот стандард.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Предвидено потребно време за реализација на проектот е 12 месеци. Во четвртиот квартал програмот ќе биде тестиран по што ќе биде достапен за јавноста.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Што се однесува до финансиската помош од страна на ФИТР, таа ќе биде во најголем дел насочена на експерти од областа на градежните производи и стандардизација како и на програмерите кои што ќе бидат вклучени во реализација на софтверот. Мораме да напоменеме дека без финансиската помош од ФИТР, можностите за реализација на проектот би биле сведени на минимум.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Smart Production Control (SPC) ќе биде наменет првенствено за домашниот пазар за производителите на градежните производи како и за лабораториите за испитување на градежни материјали, поточно во првите 2 години, а после извршените јазични модификации ќе биде достапен за продажба во Србија и Хрватска преку партнерите на КОНТРОЛ ЦЕРТ. Крајната цел на производот е да биде присутен на пазарот на земјите членки на Европската Унија.