ФИТР со нов јавен повик за комерцијализација на иновативноста на македонските компании

Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави јавниот повик „Ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации”, преку кој се обезбедени 8 милиони евра за поддршка на проекти за комерцијализација на иновациите на македонските компании.

Повикот е наменет за компании кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност. Финансиската поддршка е достапна за домашните претпријатија кои имаат проекти со јасна комерцијална цел и кои се во фаза на прототип, па се до преткомерцијална фаза. Доколку предлог проектот се поднесува од страна на конзорциум, во тој случај предлог проектот го поднесува водечкиот апликант, а членови на конзорциумот можат да бидат претпријатија, високообразовни и научно-истражувачки установи од земјата и странство.

Преку инструментот комерцијализација на иновации на ФИТР, досега се поддржани 180 проекти на домашни компании, со вкупен обем на инвестиции во износ од 45 милиони евра, од кои ФИТР има кофинансирано 30 милиони евра од сопствениот буџет. Овој податок говори дека ФИТР е централна институција која континуирано инвестира во подобрување на претприемничката дејност во земјата, во поддршка на иновациите на домашните компании, зголемена продуктивност и конкурентност.

На овој повик се охрабруваат да аплицираат сите компании кои имаат иновативни идеи и кои не се тековни корисници на инструментите од Фондот. Вкупниот награден фонд изнесува 8 милиони евра, а Фондот ќе обезеди финансирање до 70% или до 60% од вкупниот буџет на проектот, во зависност од бројот на вработени и годишниот приохд остварен во последните две години. Времетраењето на проектите може да биде до 24 месеци.

Дополнително, со овој инструмент ги поттикнуваме компаниите да бараат дополнителни извори на финансирање, па така доколку за времетрањето на проектот а се до одобрување на завршниот извештај од страна на Фондот, корисникот достави доказ за привлечен инвеститот кој вложил износ кој изнесува најмалку 50% од износот на финансиска поддршка доделена од страна на Фондот на корисникот, во тој случај корисникот ќе биде ослободен од обврската за плаќање на ројалти.

Активности кои ќе бидат одобрени за финансирање во рамките на повикот се за: истражување и развој, тестирање, активности поврзани со заштита на интелектуалната сопственост, дизајн, развој на пилот линии, активности поврзани со обезбедување квалитет и активности за маркетинг и продажба.

Како главни критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите се: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, потенцијал на пазарот и влијание на проектот.

Поцесот на евалуација на предлог проектите ќе се одвива во две фази: фаза на претселекција која се спроведува од страна на три домашни стручни лица по проект, две стручни лица од областите што соодветствуваат со критериуммите за евалуација и едно лице од областа што соодветсвува на предлог проектот. Во втората фаза, односно фазата на селекција се спроведува од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кои ја носат и финалната одлука за финансирање на проектите.

Рокот за аплицирање на јавниот повик Кофинансирани грантови за комерцијалиација на иновации е до 10 Јули 2023 година, до 14:00 часот. Повеќе информации за повикот се достапни на следниот линк: https://fitr.mk/komercijalizacija2023/