Подобра животна средина, приоритет на концептот на циркуларна економија

Концептот на циркуларна или кружна економија беше презентиран на последниот #FITRClassroom, од страна на Adam Mitchell Heggs, експерт во развој на концептот на циркуларна или кружна економија, експерт за иновации и корпоративни вложувања. Учесниците на вебинарот добија совети и практични примери како компаниите можат да го унапредат процесот на циркуларна економија, колку е таа значајна и кои се придобивките од нејзината примена.


Порастот на индустриите на глобално ниво, големата експлоатација на суровини, порастот на популација и отпад придонесоа кон големи промени кои го загрозуваат животот на луѓето. Сето тоа придонесе кон создавање на токсична околина и големи количини на отпад, кој не може да се рециклира, кон климатските промени и сл. Приоритет на циркуларната економија е насочен токму кон елиминирање на високата потрошувачка на природни ресурси и кон креирање на циркуларни системи кои ги користат ресурсите поефикасно и одржливо, истовремено обезбедувајќи нови работни места, економски пораст и повисок квалитет на живот.

“Добро креиран концепт на циркуларна економија има голем придонес кон создавање на подобра животна средина. Сите компании треба да се насочат кон адаптација на нови бизнис модели, да креираат со цел подобра иднина на целото општество и да соработуваат со екосистемот. Компаниите треба да ги идентификуваат можностите и да се приклучат кон концептот на циркуларна економија, притоа следејќи го правилото: земете помалку, создадете повеќе, помалку трошете” потенцираше Adam Mitchell Heggs.


Вебинарот заврши со презентација на практични примери од страна на Adam Mitchell Heggs, на познати и реномирани компании како го користат концептот на циркуларна економија и овозможуваат подобро општество за сите.