Јавен повик за дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција / дигитален асистент базиран на АИ / за потребите на програмите за државна помош на Владата на Република Северна Македонија реализирани преку Планот за економски раст

Врз основа на член 27 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), а во врска со Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата oд 20.01.2020 година, арх. бр. 01-514/17, Правилата за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 година, арх. број 01-797/6, и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 01.06.2020 година, арх. број 01-1662/5, Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој на ден 19.07.2021 година донесува:

Јавен повик за дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција /дигитален асистент базиран на АИ / за потребите на програмите за државна помош на Владата на Република Северна Македонија реализирани преку Планот за економски раст

 

Во денешниот динамичен свет, дигиталните практики што ги обезбедуваат владите и бизнисите веќе не се совпаѓаат со начинот на кој луѓето комуницираат. Во услови на голема глобална побарувачка, потрошувачите и граѓаните очекуваат брзо и лесно да добијат пристап до информациите што им требаат.

Дигиталните асистенти базирани на АИ нудат 24-часовна услуга, овозможувајќи непосредна комуникација со корисниците како и овозможување на брз одговор на нивните барања. Асистентите имаат можност да започнат проактивна комуникација со клиентите преку нудење на персонализирани препораки што го зголемува квалитетот на искуството на клиентите. Уште поважно, виртуелните асистенти базирани на АИ заштедуваат трошоци за обезбедување на услугата на клиентите.

Дигиталните асистенти базирани на АИ нудат неверојатни можности на владите да обезбедат повисоко ниво на квалитет на услугите преку поповолен и понепосреден пристап до истите за граѓаните, без тие да чекаат друго човечко суштество да им каже, како, кога или дали можат да ги добијат.

Други очекувани придобивки за граѓаните:

  • Брз пристап до податоци од јавен карактер
  • On-line поднесување на барање за приговор
  • On-line доставување на образец
  • Заштеда на време
  • Помош на мајчиниот јазик на корисникот
  • Ослободување од традиционалниот начин на комуникација преку телефонски повици и е-пошта.

Дигиталните асистенти придонесуваат и за остварување придобивки и на страната на јавните институции со тоа што им овозможуваат на вработените да ја заменат рутинската техничка работа со активности и задачи кои имаат повисока додадена вредност и бараат дополнителен емоционален ангажман кој еден ваков асистент не би можел да го замени. Очекувани придобивки од имплементацијата за државните агенции се следните:

  • Олеснување на решавањето на проблемите со граѓаните
  • Зголемена пристапност до јавните услуги
  • 24 часовна достапност до услугите и поголема пристапност до граѓаните
  • Намалување на посветениот обем на работа и времето за одговори
  • Лесна интеграција и управување
  • Обезбедување на повеќејазична поддршка
  • Обезбедување на поддршка на повеќе платформи

Преку овој повик, Фондот во соработка со Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања при Владата на Република Северна Македонија, организира предизвик за креирање на иновативни решенија со кои се олеснува комуникацијата помеѓу корисникот и компјутерот и кои ќе понудат уникатно искуство на клиентите кои се домашни и странски компании и инвеститори, кои користат државна помош според Законот за финансиска поддршка на инвестиции (Службен весник на РМ, бр. 83 од 8.5.2018 година).

Воведувањето на вештачка интелигенција во процесот на комуникација со постоечки и потенцијални инвеститори ќе донесе голем број на поволности, пред сѐ во делот на квалитетот на добивање на информации и заштедата на време на двете страни.

Самото елиминирање на човечкиот фактор ќе значи изедначување на добиените информации од различни институции, како и елиминирање на евентуалната субјективност во процесот. Одговорите што системот ќе ги генерира ќе бидат стандардизирани и прецизни, обезбедени во реално време и постојано достапни до корисниците. Покрај тоа, драстично ќе се намали просторот за грешка во комуницирањето на информации и податоци побарани од корисниците.

Една од главните придобивки на паметниот систем е опфатот на информации кој ќе се обезбеди по основ на различни теми, закони и програми поврзани со државната помош, наспроти ограничените податоци што секоја институција може да ги обезбеди во рамки на своите надлежности.

Воведувањето на оваа новина ќе донесе и потенцијална заштеда на финансиски средства за институциите кои се вклучени во делот на привлекување, менаџирање и одржување на контакт со инвеститорите.

 

Дигиталниот асистент за АИ треба да го опфати Планот за економски раст на Владата на Република Северна Македонија кој се реализира преку трите столба:

Столб I: мерките за поддршка на инвестиции преку Владата на Република Северна Македонија;

Столб II: мерките за поддршка на конкурентност преку Владата на Република Северна Македонија;

Столб III: мерките за поддршка на иновативноста кои се реализираат преку инструментите и предизвиците на Фондот за иновации и технолошки развој.

Дигиталниот асистент базиран на АИ, што го бараме во овој предизвик треба да ги поседува следните карактеристики:

  • Способен за брзо учење
  • Да овозможи комуникација со крајните корисници преку размена на текстуални пораки;
  • Базиран на напредни АИ технологии како процесирање на природен јазик (НЛП) и разбирање на природен јазик (НЛУ);
  • Персонализиран односно да може да го прилагоди својот јазик и тон врз основа на контекст;
  • Способен да се справи со сложено барање;
  • Способен да разбере и да одговори на македонски, албански и англиски јазик со голема прецизност на природен начин и да се справи со повеќе прашања;
  • Способен да го разбира македонскиот јазик подеднакво добро на латинично и кирилично писмо;
  • Безбеден и транспарентен во однос на податоците кои ги собира и користи;
  • Фокусиран на овозможување на услуги засновани на знаење;
  • Можност да пренесува информации преку различни канали за поддршка;
  • Лесно да се ажурира во реално време, без нарушување на другите каталози на податоци и без никакви прекини;
  • Способен за пренесување на задачата на човечки агент во рамките на истиот разговор кога некое барање е надвор од неговата база на знаење;
  • Да обезбеди одговори и информации поврзани со механизмите и програмите за поддршка на Владата;
  • Да ракува со билети за поддршка;
  • Да им помогне на корисниците да се запознаат со достапните програми и да обезбеди „чекор по чекор“ водич за корисниците кога аплицираат за владините програми;
  • Да овозможи услуга на македонски, албански и англиски јазик;
  • Да обезбеди 24/7 достапност и непосредна пристапност до граѓаните преку Facebook Messenger, Viber и Web;
  • Да разговара на природен начин, да го разбере контекстот на разговорот и да може да одговори на секакво прашање;
  • Способен да служи неограничен број луѓе истовремено;
  • Да е во согласност со GDPR, европската регулатива за заштита на податоци.

Имплементацијата на проектот може да биде во времетраење од вкупно 24 месеци: 12 месеци за развој и имплементација и 12 месеци за одржување и надградба.

Фондот врз основа на оправдани околности може да одобри продолжувања на спроведувањето на проектот до 6 (шест) месеци.

Натпреварувачот треба да биде правен субјект кој ги исполнува следните услови:

  • Да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • Да е со мнозинска македонска сопственост (со 50,1% или повеќе);
  • Годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра во претходните две фискални години, според финансиските извештаи;
  • Да е претпријатие со максимум 250 вработени;
  • Да не е поврзан (согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечен број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, освен во случај на капитална поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • Да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis), односно:
  • Да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двестотини илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • Да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • Да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието) и
  • Да не се занимава со производство на јаглен.

Доколку предлог-проектот вклучува соработка на Натпреварувачот со друго претпријатие, условите за партнерот се исти како и за водечкиот Натпреварувач.

За финансирање на проект во рамки на овој повик обезбеден е вкупен буџет од 9.000.000 (милиони) денари.

За победничкиот предлог проект, Фондот обезбедува финансирање од 100% (сто проценти) од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 9.000.000 (девет милиони) денари.

Доколку нема доволно квалитетни предлог проекти или не се исполнети условите за финансирање, Фондот го задржува правото да не додели финансиски средства.

Предлог-проектот треба да опфати активности за развој на ново, иновативно решение во фази од потврден концепт до решение функционално во реална средина.

Натпреварувачот треба да има искуство и референци од претходно изработени и докажани решенија за дигитален асистент базиран на АИ на македонски, албански и англиски јазик, во земјата и странство.

Активностите може да вклучуваат:

  • Активности за тестирање;
  • Дизајн;
  • Активности за истражување и развој;
  • Активности за тренирање и ре-тренирање на дигиталниот асистент за АИ.

Горенаведената листа на активности не е ограничувачка.

Трошоци подобни за финансирање

Трошоци прифатливи за финансирање во рамки на предлог проектите поднесени на натпреварите односно предизвиците се:

    • Бруто плати – износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот на наградата пред почетокот на проектот;
    • Набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој (набавка и/или изнајмување на сервер, хостинг и сл.);
    • Ангажирање на експерти/советници за истражување и развој;
    • Ангажирање на консултанти за останати потреби директно поврзани со очекуваните резултати на предизвикот (експертиза поврзана со иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на дополнителни финансиски средства, бизнис развој, маркетинг, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго);
    • Обезбедување на квалитет, стандардизација и акредитација;

Трошоци неприфатливи за финансирање во рамки на предлог-проектите поднесени на натпреварите односно предизвиците се:

  • Трошоци за набавка на лиценци на веќе постоечки решенија за градење на дигитален АИ асистент;
  • Отплата на камата или долг на друга страна;
  • Трошоци и провизии за минати или можни идни загуби или долгови;
  • Покривање на загуби поради размена на валута, такси и казни;
  • Трошоци за забава и угостителство;
  • Трошоци за регрутирање на кадар (трошоци за објавување на оглас, провизии од агенции за вработување, трошоци поврзани со селекција на кандидати и слично) и трошоци за преселба;
  • Купување на земја или згради, вклучувајќи и реновирање;
  • Готовинскa исплата од посебната сметка на проектот;
  • Извозни активности (трошоци директно поврзани со извоз на производи, со основање и работење на мрежа за дистрибуција и слично)
  • Годишни такси за одржување на патент (со исклучок на добро оправдани случаи проценети како дозволив трошок при евалуација на предлог проектите);
  • Додатоци на плата;
  • Трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на сопственик/ици на претпријатие кое е корисник на наградата;
  • Наем на деловен простор од закуподавец кој учествува во активностите на проектот или е поврзано лице со корисникот на наградата;
  • Набавка на патнички, товарни и транспортни возила;
  • Набавка на половна опрема;
  • Данок на додадена вредност (ДДВ), во случај кога наградениот субјект има право на поврат на ДДВ.

Не се подобни за финансирање и трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори.

Главните критериуми за оценување на предлог проектите се:

  • Степен на иновативност;
  • Капацитет на проектниот тим;
  • Квалитет на проектот;
  • Потенцијал за имплементација / пазарен потенцијал;
  • Влијание

Фондот го задржува правото да преговара со натпреварувачите по однос на дефинирање на активностите и деталите во буџетот на проектот врз основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор, пред потпишување на Договор за доделување на награда.

Фондот го задржува правото да не додели награда доколку нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно овие Правила и условите наведени во Јавниот повик.

Критериумите и подкритериумите за оценување на проектите се опишани во образецот Табела за оценување.

Во случај проектот да се базира на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, Натпреварувачот е должен, пред потпишувањето на Договорот за доделување на награда, да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за „in-kind“ придонес или друг вид на договор кој потврдува дека Натпреварувачот има право на користење на интелектуалната сопственост на која се базираат резултатите од проектот.

Фондот не е одговорен за спорови поврзани со правата на интелектуална сопственост помеѓу Корисникот на финансиските средства и трети страни.

Сите права на интелектуална сопственост и „know-how“ кои ќе бидат создадени за време на имплементација на Проектот и/или како резултат на спроведувањето на Проектот му припаѓаат на Корисникот и доколку е применливо, Корисникот треба да ги заштити правата на интелектуална сопственост.

Постапката, од прием на пристигнатите апликации сѐ до селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор и доделување на финансиски средства на корисникот/ците, се состои од следните чекори:

  • Административна проверка на проектната документација (дали е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик)
  • Прва оцена на предлог-проектот (пред-селекција)
  • Селекција на најдобри предлог-проекти
  • Пичинг односно презентација на пред-селектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор
  • Избор на победничко решение и потпишување на договор

Избраните решенија ќе бидат целосно и бесплатно достапни до сите граѓани на Република Северна Македонија, најмалку во рок од една година по завршувањето на проектот. Политиката за пристапот и користењето на решенијата за граѓани на други држави ја определува апликантот.

 

При аплицирање задолжително треба да се достават следниве документи:

Проектна документација (која треба да е потпишана од овластен претставник на Натпреварувачот и печатирана, а достапна е преку веб страницата на Фондот):

  • проектна апликација;
  • буџет на проектот;
  • изјава на Натпреварувачот за прифаќање на условите на Фондот;
  • нотарски заверена изјава за сопственичка – основачка структура на Натпреварувачот;
  • кратки биографии за проектниот тим (најмногу до 5 (пет) лица) на македонски јазик.

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик. Проектната документација задолжително се доставува на обрасци, изготвени од страна на Фондот.

Проектната документација заедно со кратки биографии да се прикачат на формуларот за аплицирање достапен на следниот линк.  со клик на копчето „Аплицирај“

Во случај на натпреварувачот да му биде доделена награда, Фондот го задржува правото да побара и друга документација, која треба да се достави во најкраток можен рок.

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 20.09.2021 година, до 14.00 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог-проекти кои се доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 20.01.2020 година и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 и 01.06.2020 година.

За сите дополнителни информации можете:

– да ни пишете на електронската адреса: ai@fitr.mk

– да се јавите на телефонскиот број: 02 3145 258

Со цел да Ви помогнеме при подготовка на предлог проектите за времетраење на повикот, Фондот ќе организира инфо-настани со претставници на Фондот и Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања при Владата на Република Северна Македонија и менторски работилници.

Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот, како и на официјалните профили на социјалните мрежи на Фондот (Фејсбук и Инстаграм).

Кои институции ги имплементираат програмите преку Планот за економски раст?

  • Кабинет на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции-како тело во чие портфолио се сите инвестиции

Линк до веб страница: https://vicepremier-ekonomija.gov.mk/

Линк до План за економски раст: https://vicepremier-ekonomija.gov.mk/?q=node/275

Министерство за економија-како носител на Законот за финансиска     поддршка на инвестиции

 Линк до веб страна: https://www.economy.gov.mk/

 Линк до Закон за финансиска поддршка на инвестиции: https://www.economy.gov.mk/doc/2362

  Дирекција за технолошко индустриски развојни зони-како орган задолжен за   управување со зоните

 Линк до веб страна: https://fez.gov.mk/?lang=MK

 Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот-како орган којшто е  надлежен за контрола на комплетност на документација за договорите по ЗФПИ

 Линк до веб страна: https://investnorthmacedonia.gov.mk/

 Фонд за иновации и технолошки развој

Линк до веб страна: https://www.fitr.mk/

 

  1. За каков број и тип на технички персонал со кој што ќе треба да се соработува, обучи и сл. (идни администратори) станува збор?

 

  • Секоја од институциите кои го имплементираат планот за економски раст (https://vicepremier-ekonomija.gov.mk/?q=node/275), односно Кабинет на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции-како тело во чие портфолио се сите инвестиции (https://vicepremier-ekonomija.gov.mk), Дирекција за технолошко индустриски развојни зони-како орган задолжен за управување со зоните ( https://fez.gov.mk/?lang=MK),  Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот-како орган којшто е надлежен за контрола на комплетност на документација за договорите по ЗФПИ (https://investnorthmacedonia.gov.mk/), Фонд за иновации и технолошки развој ( https://www.fitr.mk/), ќе номинира по едно лице кое ќе биде одговорно за асистентот.  

 

  1. Со какви бази на податоци ќе треба да се спои решението во однос на тип, големина, структурираност?

 

  • Програмите за државна помош доаѓаат од неколку различни институции од страна на Владата на Република Северна Македонија и во моментот не постои централизиран систем и база на податоци. Според тоа, дигиталниот асистент треба да е во можност динамично да ги превзема информациите од различни извори и формати вклучувајќи но не ограничувајќи се на различни web страници, бази на податоци, стандардни оперативни процедури, правилници и останати документи во различни формати.

 

  1. Во однос на серверот на кој што ќе се имплементира решението, дали се обезбедува, изнајмува или е дел од проектот?

 

  • Техничката инфраструктура на решението треба да биде предложена и обезбедена во целост од страна на апликантот кој ќе биде избран како победник на предизвикот. Проектот како подобен трошок предвидува „Набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој (набавка и/или изнајмување на сервер, хостинг и сл.)“.

 

  1. Дали решението ќе подразбира само литературна форма на јазици? Што со дијалектите или со мешан јазик?

 

  • Дигиталниот асистент треба на природен начин да може да ги разбира македонскиот, албанскиот и англискиот јазик. Поради начинот на кој луѓето комуницираат преку chat каналите, дигиталниот асистент, покрај литературните форми треба да е во можност да ги разбере и неформалните разговорни форми на јазиците вклучувајќи и прашања кои се напишани на дијалект, популарни фрази и граматички некоректни прашања.

 

  1. Што се подразбира под Способен за брзо учење?

 

  • Дигиталниот асистент треба да е во можност брзо да ја надоградува својата база на знаење со цел да може да е во тек со најновите промени и да дава точни информации, како и да асистира со нововедените постапки поврзани со програмите за државна помош.

 

  1. Дали во системот треба да се обезбеди и решение за тикети за поддршка или само да се поврзе со постоечкото?

 

  • Системот треба да вклучува и решение справување со кориснички барања и билети за поддршка со следење на статус, како и можност за префрлување кон реален агент доколку тоа е потребно.

 

  1. 8. Дали имате дефинирана група на тест процеси преку кои ќе ја одредите прецизноста (точност) која ја барате, која прецизност (точност) е задоволителна?

 

  • Дигиталниот асистент треба да е во можност да комуницира со крајните корисници на природен начин и да ги разбира прашањата и барањата со што повисока прецизност. Целта е корисниците да можат да водат природна конверзација со асистентот и да добиваат одговори на нивните прашања и асистенција за нивните барања. Поради тоа, корисникот треба да достави и референци од претходно изработени и докажани решенија за дигитален асистент базиран на АИ на македонски, албански и англиски јазик, со цел да се валидира квалитетот на претходно изработените дигитални асистенти на корисникот.

 

  1. Што се подразбира под сложено барање?

 

  • Покрај одговарање на прашањата на корисниците, дигиталниот асистент треба да е во можност да ги води корисниците чекор по чекор низ сложени барања се до решавање на проблемот или барањето. Пример за сложено барање е можност дигиталниот асистент да го води корисникот чекор по чекор низ процесот за аплицирање на некоја од програмите за државна помош, па дури и можност преку дигиталниот асистент корисникот да испрати апликација.

 

  1. По кои критериуми ќе се одредува безбедноста и транспарентноста на решението?

 

  • Безбедноста на решението ќе се одредува според тоа дали предложената архитектура е во согласност со најновите трендови за безбедност на информационен систем, заштитата на корисничките податоци и отпорноста на системот од сајбер напади. Додека пак, транспаретноста на решението ќе се одредува спрема валидноста на информациите прикажани во аналитиките на системот со реалните податоци разменети со крајните корисници.

 

  1. 12. Кој е максималниот број на корисници како критериум за тестирање но и за евалуација?

 

  • Целта е дигиталниот асистент да е постојано достапен и да нема застој во работата, ниту задоцнување при одговарање дури и при голема оптеретеност и сообраќај, со цел да е во можност без престан да ги услужува корисниците дури и при голема оптовареност како најавување на нови повици и механизми за помош или крајни рокови за аплицирање. Според тоа дигиталниот асистент треба да е во можност да зборува со околу 2.000 корисници истовремено без задоцнување и намалување на перформансите.

 

  1. Дали референците за виртуелен асистент базиран на АИ, мора да вклучуваат проекти на македонски и албански јазик?

 

  • Со оглед на тоа дека согласно Јавниот повик, Натпреварувачот треба да има искуство и референци од претходно изработени и докажани решенија за дигитален асистент базиран на АИ на македонски, албански и англиски јазик, во земјата и странство, овие референци секако би додале поголема вредност и поени при оценувањето од страна на Комисијата.