Започна со работа ФЕИТ Фаб Лаб - лабораторија наменета за младите истражувачи

Од денеска младите истражувачи добиваат уште едно место каде ќе можат да работат на своите научни проекти, истражувања и иновативни идеи. ФЕИТ Фаб Лаб е една од трите лаборатории кои се поддржани од ФИТР во рамките на „Предизвикот за воспоставување на лаборотории за производство ФАБ ЛАБ”, која ќе им овозможи на младите отворен пристап до напредни технологии и материјали со кои тие ќе можат да ги материјализираат своите иновативни идеи. Во рамките на ФЕИТ Фаб Лаб, под менторство на академскиот кадар, надворешни стручни лица и претставници од приватниот сектор, ќе се одржуваат основни и напредни курсеви и менторство во повеќе области како што се: моделирање за 3Д печатење и работа со 3Д печатач, практична електроника и вградливи микрокомпјутерски системи, слободен и отворен софтвер и др.

ДФИТР Фестим Халили истакна дека: „Со отварањето на ФЕИТ Фаб Лаб им даваме шанса на голем број млади ентузијасти полесно да ги унапредуваат своите вештини и потенцијал, директно да учествуваат во научно истражувачката дејност и да влијаат на развојот на нивната кариера и нашето општество. За нас како институција која во континуитет ги поддржува креативците, од големо значење е што индустријата, академската заедница, јавниот и граѓанскиот сектор ќе соработуваат уште поинтензивно благодарејќи на овие проекти”.

Фондот за иновации и технолошки развој за прв пат реализираше еден поинаков предизвик, насловен како “Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, со што почнавме да вложуваме во развојот на националната иновациска инфраструктура.  Со овој тип на вложувања, ФИТР значително придонесува кон воспоставување на четворниот хеликс систем кој подразбира блиска соработка помеѓу академската заедница, индустријата, граѓанскиот сектор и јавниот сектор. Четворниот хеликс овозможува подобро искористување на иновациските потенцијали во сите општествени сегменти за успешно справување со социо-економските предизвици со кои се соочува нашата држава.

Со реализирање на овој предизвик добивме уште еден доказ дека нашата држава има потребата за сличен тип на инфраструктура во различни индустрии. Поради ова, Фондот минатата година реализираше уште еден ваков предизвик за воспоставување на лабаратории за производство “MAKERSPACE”, на кој резултатите ги очекуваме многу наскоро да бидат објавени.