Доделени 13 грантови за кофинансирање на предлог проекти за дигитална трансформација

Денес во просториите на Фондот за иновации и технолошки развоj беа презентирани победниците од предизвикот „Со дигитална трансформација до иновација“.

ДФИТР Фестим Халили ги врачи одлуките за кофинансирање на 13-те предлог-проекти, каде истакна: „Денес не само што го славиме вашиот успех, туку и ја потврдуваме взаемната посветеност за поттикнување култура на иновации и технологија во нашето општество. ФИТР се гордее што е катализатор за овие идеи што ја менуваат играта. Нашата мисија отсекогаш била да ги поттикнеме иноваторите и претприемачите кои се осмелуваат да размислуваат поинаку и да поттикнат позитивни промени во нашето општество. Искрени честитки до сите проектни тимови кои се избрани да ја добијат нашата поддршка. Вашата напорна работа, посветеност и иновативен дух ве издвоија и ние сме почестени што сме дел од вашето патување.“

Инаку ФИТР овој предизвик го реализира во партнерство со Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка и ИНОФЕИТ ДИХ.

Вкупниот буџет на предизвикот изнесува 18.450.000 денари и нуди поддршка за развој, имплементација и одржување на дигитални решенија кои преку дигитална трансформација ќе доведат до развој на иновативни производи, процеси и услуги.