ФИТР поинтензивно ќе ја вклучува науката во развој на македонски иновации!

 

Интервју со Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Човек кој доаѓа од академската заедница, со голем сенс за важноста на истражувањата и иновациите во економскиот развој на земјавата. Дополнителен предизвик за него е мотивацијата на младите да влезат во претприемнички и иновациски води, како најсигурна карта да не заминат од земјава!

 

Која е лично вашата цел и визија за Фондот за иновации и технолошки развој?

Нескромно ќе кажам дека Фондот е лидер-институција во нашата земја за поддршка на мали, микро и средни претпријатија и ќе продолжиме да го оправдуваме тој епитет преку зголемување на можностите за компаниите. Свесни сме дека во периодов на глобална економска криза ќе се соочиме со повеќе предизвици, но верувам дека со мојот тим успешно ќе ги надминеме. Во фокус ни е изготвувањето на Првата стратегија за вештачка интелигенција во државата на која работиме како и изготвување на Законот за иновациска дејност. Преку инструментите за поддршка ќе се потрудиме да ги опфатиме компаниите кои имаат квалитетни проекти, односно придонесуваат за општеството и државата. И годинава се во план јавните повици за технолошки развој, Стартапувај 4, Комерцијализација на иновации, инвестиции во акцелератори итн. Но, наша цел е и да ги зајакнеме односите и партнерствата, особено со Светска банка, УНДП и Амбасадата на Република Швајцарија во Северна Македонија. Со сите нив веќе имавме средби и направивме  контури за идната заедничка соработка.  

 

Дали тоа значи дека остануваат сите досегашни инструменти на Фондот или можеби ќе има некаква промена?

Се стремиме и следиме што е актуелно во државата и што се бара. Го истражуваме пазарот и според тие анализи ќе имаме и тематски предизвици. На пример, од областа на вештачка интелигенција досега поддржавме седум компании, а една од нив – Кодвел во моментов работи на креирање на првиот AI (artificial intelligence) дигитален асистент за државна помош во регионот. Истиот ќе се користи за потребите на програмите за државна помош, а ќе се имплементира во ФИТР, во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

Фондот продолжува да работи и на инвестиции во иновациска инфраструктура, дигитални и иновациски хабови, лаборатории, акцелератори и нови менторски програми. Значи, нашата цел не е само да ги финансираме компаниите, туку да бидеме ентитет што ги обучува компаниите и што ги менторира овие програми. Во рамките на секој јавен повик имаме и инфо сесии во различни градови, преку кои ги информираме потенцијалните апликанти кои што се заинтересирани за нашите повици и програми.

Во своето портфолио ФИТР досега има поддржано над 780 проекти со инвестиција од околу 87 милиони евра, од кои 50 милиони евра биле поддршка од Фондот, а другиот дел кофинансирање од самите компании. Важен е и фактот дека дури 56%, односно 392 поддржани компании се стартап компании претежно основани од млади луѓе.

Годинава сакаме да поттикнеме и повеќе истражување. Во склоп на Фондот сакаме да основаме истражувачки центар, преку кој посилно ќе се поврземе со академската заедница која ќе ги истражува т.н. hot topics, односно темите што се најактуелни. Да речеме, енергетска ефикасност бидејќи знаеме дека сега во државата имаме енергетска криза. Таа идеја ја споделив и со амбасадорот на Швајцарија да ни помогне во поврзување со ETH универзитетот во Цирих кој е еден од најдобрите универзитети во светот. Идејата е да направиме еден мост на комуникација со нив и заеднички тимови да истражуваат одредени теми. Од тие истражувања ќе има резултати кои ќе може да се објавуваат во научни списанија, на конференции итн.

Целото интервју прочитајте го на линкот: inovativnost.mk