Предизвик за воспоставување лаборатории за истражување, креирање и иновативност „МАKERSPACE“
Почитувани потенцијални апликанти,
Ве известуваме дека е направен технички превид во образецот на документот „Буџет на проектот“ за повикот „Предизвик за воспоставување лаборатории за истражување, креирање и иновативност MAKERSPACE”.
Времетраењето на проектот може да биде до 18 (осумнаесет) месеци но во објавениот образец за „Буџет на проектот” се наведени само 4 (четири) квартали наместо потребните 6 (шест) квартали.
Со цел надминување на овој направен превид, во обрасците достапни на веб-страницата сега е достапен ревидиран образец за „Буџет на проектот“ кој е соодветно корегиран и ги содржи потребните 6 (шест) квартали.
Со оглед на кусиот рок кој преостанува за доставување на проектните апликации, Ве молиме доколку сте во можност да го пополните соодветниот ревидиран образец за „Буџет на проектот“ со 6 (шест) квартали. На сите натпреварувачи кои ќе достават образец пополнет со 4 (четири) квартали во дадениот рок за аплицирање, за време на процедурата за административна проверка ќе им биде дадена можност истите да ги ревидираат согласно соодветно корегираниот образец за „Буџет на проектот“ со 6 (шест) квартали.
Врз основа на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата бр 01-514/17 од 20.01.2020 година, Правилата за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата бр 01-797/6 од 16.03.2020 година и Правилата за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата бр 01-1662/5 од 01.06.2020 година, Фондот за иновации и технолошки развој на 29.09.2022 година објавува
Предизвик за воспоставување лаборатории за истражување, креирање и иновативност „МАKERSPACE“
Во свет во кој се соочуваме со сѐ поголем проток на информации, каде напредокот на науката и технологијата е сѐ побрз и има сѐ поголемо влијание врз секојдневниот живот на човекот, образовниот процес мора да се прилагоди на потребата да одговори на предизвиците на иднината. Оттука, станува сѐ позначајно младите, учениците и студентите не само да стекнат определено знаење, туку да стекнат и вештини истото тоа знаење на креативен и аналитички начин да можат практично да го применат во насока на изнаоѓање нови решенија на постојните и претстојните проблеми.
Предизвикот за воспоставување на лаборатории за истражување, креирање и иновативност – MAKERSPACE има за цел на младите во заедницата да им овозможи работни, просторни, материјални и технички услови за стекнување и споделување на знаења и истражувањe, во кои ќе се користат алатки од научните, технолошките области и креативните индустрии. MAKERSPACE е простор отворен за млади креативци и содржи широк спектар на опрема – како вистински инкубатор на знаење и технологија за 21от век. Истовремено овие лаборатории ќе претставуваат место за соработката помеѓу приватниот сектор, високо-образовните и научни установи, образовните установи, претпријатијата и граѓанските здруженија.
Лабораториите за истражување, креирање и иновативност кои ќе се воспостават преку овој предизвик ќе бидат лоцирани во рамки на високо-образовните и научно-истражувачките установи, ќе исполнуваат определени просторни и технички услови и ќе претставуваат место за игра, креација и пронаоѓање. Овие лаборатории на младите ќе им овозможат пристап до напредни технологии преку кои тие ќе можат да го материјализираат она што го замислиле, место каде младите ќе учат и создаваат преку поттикнување на нивната иновативност.
Натпреварувачите треба да понудат предлог проект за воспоставување на лабораторија за истражување, креирање и иновативност – „МАKERSPACE“ во простории кои се наоѓаат во рамките на високо-образовните или научно-истражувачките установи каде младите на возраст од 15 до 29 години ќе добијат инспирација и да им овозможи вмрежување, споделување на искуства и примена на знаења и вештини. Истовремено, овде младите ќе добијат бесплатен пристап, менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип на иновативно решение кое ќе можат да го тестираат во лабораториска, во индустриска средина и/или на пазарот. Корисниците на овие лаборатории ќе имаат отворен пристап до сите содржини – од библиотеки, компјутерски мрежи до разни машини и помагала.
Од натпреварувачите се очекува да понудат сеопфатен предлог кој ќе опфаќа што повеќе можности, решенија и флексибилност за различни целни групи во различни фази на истражувачкиот и иновацискиот циклус, во согласност со програмата и спецификите на лабораторијата.
Лабораториите за истражување, креирање и иновативност – „МАKERSPACE“ можат да бидат прилагодени и за потребите на специфични научно-технолошки и/или индустриски сектори. Особено се охрабруваат проекти кои имаат интердисциплинарен карактер и подразбираат меѓусекторска соработка, соработка помеѓу различни високо-образовни установи и помеѓу различни единици во виско-образовните установи. Предност ќе имаат оние лаборатории кои вклучуваат аспекти на зелена трансформација односно циркуларна економија.
Вон програмата за млади поддржана под проектот, лабораторијата за проиводство може да се користи и во комерцијални цели.
Времетраењето на проектот треба да биде до 18 (осумнаесет) месеци.
Фондот, врз основа на оправдани околности може да одобри продолжувања на спроведувањето на проектот до (6) шест месеци.
Во случај на продолжување на времетраењето на спроведувањето на проектот, износот на доделениот грант не може да биде зголемен.
За финансирање проекти под овој повик обезбеден е вкупен износ од 20.000.000 (дваесет милиони) денари.
Преку овој повик, Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, во максимален износ од 5.000.000 (пет милиони) денари по проект.
Преостанатите 10% (десет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од натпреварувачот (средствата добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на натпреварувачот).
Обезбеденото кофинансирање може да биде и во форма на парично кофинанисрање и/или во форма на in-kind учество. Предност ќе имаат оние предлог проекти кои ќе обезбедат парично кофинансирање од сопствени средства и кофинансирање од трети страни (трговски друштва, донатори, бизнис здруженија и др.).
Фондот го задржува правото да не додели награда доколу нема доволно квалитетни предлог-проекти или доколку не се исполнети условите за доделување на наградата согласно Правилата и условите наведени во Јавниот повик.
Предлог проектот може да биде поднесен од поединечен натпреварувач, од поединечен натпреварувач во партнерство со други правни лица или од конзорциум предводен од водечки натпреварувач.
Условите кои треба да ги задоволува секој натпреварувач се:
- Да е правен субјект регистриран во Централниот регистар на Република Северна Македонија, и тоа:
(а) јавни универзитети во нивните единици насочени кон наука (научни институти) и во единици насочени кон образование засновано на наука (факултети);
(б) самостојни јавни високообразовни установи;
(в) приватно-јавни непрофитни високообразовни установи;
(г) јавни научни установи и мешовити научни установи основани согласно Законот за високо образование или Законот за научно-истражувачка дејност;
(д) трговски друштва кои се во доминантна сопственост на јавни високообразовни установи (50,1% или повеќе) кое согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis) да ги исполнува следните услови:
- да нема акумулирано повеќе од 200.000 (двеста илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот;
- да нема аклумулирано повеќе од 100.000 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај;
- да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието), и
- да не се занимава со производство на јаглен.
(ѓ) правни субјекти регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации активни во областите на млади, образование, наука, технологија и/или иновациска дејност.
Просториите на лабораторијата за производство треба да бидат во сопственост на:
(а) јавни универзитети во нивните единици насочени кон наука (научни институти) и во единици насочени кон образование засновано на наука (факултети);
(б) самостојни јавни високообразовни установи;
(в) приватно-јавни непрофитни високообразовни установи,
(г) јавни научни установи и мешовити научни установи основани согласно Законот за високо образование или Законот за научно-истражувачка дејност; или
(д) трговски друштва кои се во доминантна сопственост на јавни високообразовни установи (50,1% или повеќе).
Како партнер/и или член/ови на конзорциум може да се јават правни лица регистрирани во земјата и/или регистрирани надвор од Република Северна Македонија.
Во случај кога предлог проектот е поднесен од натпреварувач во чија сопственост не се просториите на лабораторијата за производство, натпреварувачот треба да има склучено договор или обезбедено писмо за изразување на интерес за користење на просториите на лабораторијата за производство за намените на наградениот проект во минимално времетраење од 24 (дваесет и четири) месеци.
Еден натпреварувач може да аплицира само со еден предлог проект. Водечки натпреварувач не може да се јави како член на конзирциум во друг предлог проект. Водечки натпреварувач може да се јави како партнер во друг предлог проект. Еден партнер може да се јави во повеќе од еден предлог проект.
Корисниците финансирани под Предизвикот за воспоставување на лаборатории за производство „FAB LABS” не можат да се јават како поединечен или водечки натпреварувач но можат да бидат вклучени како партнери или членови на конзорциум.
Активности подобни за финансирање во рамки на наградениот проект се:
- Воспоставување (просторно адаптирање и опремување) на лабораторијата за истражување, креирање и иновативност со опрема за истражување и развој;
- Спроведување на менторски програми и обезбедување стручна поддршка за истражување и развој, дизајн, тестирање, развој на пилот линии, обезбедување на квалитет, маркетинг и продажба, за младите на возраст од 15 до 29 години кои се директно поврзани со предложената програма.
Лабораторијата за истражување, креирање и иновативност треба да биде опремена со опрема која соодветствува на предложената програма и може да биде прилагодена кон специфична индустрија (пр. техничка-технолошка, прехранбена и др).
Предложена листа на опрема (незадолжителна):
- 3D печатар
- 3D скенер
- Ласерска машина за сечење во 2D и 3D
- CNC машина со висока точност за обработка на струјни кола, калапи и др.
- Машини со рутер за обработка на дрво
- Основни алати за сечење, бушење и обликување на дрво и метал
- Механички уреди за електронска контрола
- Опрема за лемење
- Мерни инструменти
- Различни електронски компоненти
- Машина за ДНК секвенционирање (PCR)
- Машина/и за шиење
Трошоци подобни за финансирње во рамки на наградениот проект се:
- Набавка на опрема за истражување и развој, вклучително и софтвер, како и адаптација на простор за инсталирање на набавената опрема;
- Набавка на потрошни материјали за истражување и развој (електронски компоненти, канцелариски материјал, литература и др.);
- Бруто плати – износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот на наградата пред почетокот на проектот;
- Ангажирање на консултанти за менторски услуги, маркетинг и стручна поддршка – до 30% од вкупниот буџет на проектот;
- Деловна поддршка (трошоци за управување со проектот, сметководствени услуги, правни услуги и др.) – до 15% од вкупниот буџет на проектот;
- Aдминистративни трошоци (банкарски провизии, трошоци за објава на јавни повици и др.) – до 5% од вкупниот буџет на проектот.
По завршувањето на проектот, набавената опрема треба да остане во трајна сопственост на јавната или приватно-јавната непрофитна високо-образовната/научно-истражувачката установа чии простории се користат за лаборторијата за истражување, креирање и иновативност.
Трошоци кои не се подобни за финансирње во рамки на наградениот проект се:
- Отплата на камата или долг на друга страна;
- Трошоци и провизии за минати или можни идни загуби или долгови;
- Покривање на загуби поради размена на валута, такси и казни;
- Трошоци за забава и угостителство;
- Трошоци за регрутирање на кадар (трошоци за објавување на оглас, провизии од агенции за вработување, трошоци поврзани со селекција на кандидати и слично) и трошоци за преселба;
- Купување на земја или згради, вклучувајќи и реновирање;
- Готовинскa исплата од посебната сметка на проектот;
- Извозни активности (трошоци директно поврзани со извоз на производи, со основање и работење на мрежа за дистрибуција и слично);
- Годишни такси за оддржување на патент (со исклучок на добро оправдани случаи проценети како дозволив трошок при евалуација на предлог проектите);
- Додатоци на плата;
- Трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на сопственик/ици на претпријатие кое е корисник на наградата;
- Наем на деловен простор од закуподавец кој учествува во активностите на проектот или е поврзано лице со корисникот на наградата;
- Набавка на патнички, товарни и транспортни возила;
- Набавка на половна опрема;
- Данок на додадена вредност (ДДВ), во случај кога наградениот субјект има право на поврат на ДДВ;
- Не се подобни за финансирање и трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори.
Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор пред потпишување на Договорот за доделување на награда.
Натпреварувачот не смее свесно или намерно да ги нарушува правата на интелектуална сопственост на кое било трето лице.
Фондот нема да биде одговорен за спорови поврзани со правата на интелектуална сопственост помеѓу натпреварувачот/корисникот на наградата и трети страни.
Секој предлог проект доставен на јавен повик за доделување средства на Фондот кој има влијание врз животната средина мора да биде во согласност со Законот за животна средина и другите релевантни важечки закони и подзаконски акти на Република Северна Македонија.
Оценката, изборот и одлуката за доделување награди се врши од страна на Комисија за оценување и избор.
Оцената на проектите се состои од неколку чекори:
- Административна проверка на доставените документи (дали документацијата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик);
- Прва оцена на предлог-проектите (претселекција);
- Селекција на најдобри предлог-проекти – по презентација на претселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор.
Процесот на административна проверка, претселекција и селекција ќе биде завршен во рок од 60 (шеесет) дена по крајниот рок за доставување на предлог проектите.
Секој предлог-проект се оценува од Комисија за оценување и избор, од најмалку 5 (пет) члена во состав:
- Претставник од Фондот за иновации и технолошки развој;
- Претставник од Министерството за образование и наука;
- Претставник од академската заедница;
- Претставник од партнер организации;
- Претставник од бизнис секторот (експерт во област на развој на бизнис).
Комисијата за оценување и избор го оценува секој предлог проект одделно според следните критериуми за оценување:
- Квалитет на предлог проектот – 20 поени
- Предложениот предлог проект соодветствува со целите на јавниот повик.
- Предложениот предлог проект има интердисциплинарен карактер, подразбира меѓусекторска соработка, соработка помеѓу различни високо-образовни установи и/или соработка помеѓу различни единици во виско-образовните установи.
- Целите на проектот се остварливи во контекст на предложените материјални и човечки ресурси и времетраењето на проектот.
- Предложените активности се јасно формулирани и водат кон остварување на очекуваните цели.
- Целните групи се јасно формулирани и соодветствуваат со целите на проектот.
- Квалитет на предложената програма – 20 поени
- Предложената програма води кон остварување на целите на проектот.
- Предложената програма соодветствува со возраста и опфатот на целните групи.
- Предложената програма овозможува соодветен пристап на целните групи до просторните, техничките и материјалните ресурси на лабораторијата за истражување, креирање и иновативност.
- Предложената програма е остварлива во контекст на времетраењето и расположливите ресурси на проектот.
- Квалитет на проектниот тим – 20 поени
- Проектниот тим поседува соодветни квалификации и претходно искуство во управување со слични проекти.
- Проектниот тим поседува соодветни квалификации, технички познавања и претходно искуство соодветни за спроведување на програмата на проектот.
- Проектниот тим поседува соодветни квалификации и претходно искуство во вмрежување и промоција.
- Влијание (научно-технолошка извонредност, поттикнување на иновациската активност во приватниот сектор, вработливост, инклузивност, регионален и економски развој, влијание врз животната средина и др.) – 20 поени
- Проектот ќе има значително влијание на идентификуваните целни групи;
- Проектот ќе има значително влијание надвор од идентификуваните целни групи, особено во насока на јакнење на иновациската дејност во приватниот сектор;
- Потенцијалното влијание на идентификуваните целни групи и на пошироката заедница е добро објаснето и остварливо;
- Проектот вклучува аспекти на зелена трансформација односно циркуларна економија.
- Лабораторијата за истражување, креирање и иновативност е лоцирана во помалку развиен регион.
- Обезбедено дополнително финансирање – 10 поени
- Натпреварувачот ќе обезбеди парични средства како сопствено кофинансирање (5 поени).
- Натпреварувачот ќе обезбеди дополнителни парични средства над задолжителното кофинансирање од сопствени или од други извори (5 поени).
- Вмрежување, промоција и одржливост – 10 поени
- Натпреварувачот на убедлив начин и со доволно информации ја образложува оддржливоста на активностите на лабораторијата за истражување, креирање и иновативност по завршувањето на проектот.
- Активностите за вмрежување и промоција се соодветни на поставените цели на проектот и идентификуваните целни групи.
- Натпреварувачот има доставено договори, писма за соработка и/или писма за изразување интерес за обезбедување финансиска/in kind/техничка поддршка од страна на трговски друштва, донатори, бизнис здруженија, други здруженија и фондации, образовни установи и слично.
За да се пријави на Предизвикот секој натпреварувач треба да ги поднесе следните документи:
- Проектна апликација пополнета, потпишана и печатирана во образец определен од страна на Фондот, скенирана во PDF формат;
- Буџет на проектот – пополнет, потпишан и печатиран во образец определен од страна на Фондот, скенирана во PDF формат;
- Договори, писма за соработка и писма за изразување интерес за обезбедување финансиска/in kind/техничка поддршка од страна на трговски друштва, донатори, бизнис здруженија, други здруженија и фондации, образовни установи и слично;
- Во случај просториите на лабораторијата за производство да не се во сопственост на натпреварувачот, натпреварувачот задолжително треба да достави Договор или Писмо за изразување интерес за отстапување на простории за потребите на проектот од страна на високо-образовна / научно-истражувачка установа.
Обрасците на Проектната апликација и Буџет на проектот се достапни и може да се превземат од интернет страницата на Фондот преку копчето „ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТАЦИЈА“.
Поднесувањето на Проектната апликација се врши со пополнување на основни податоци и прикачување на целата потребна документација преку копчето „АПЛИЦИРАЈ“.
Фондот го задржува првото од натпреварувачот да побара и дополнителна документација во сите фази на постапката. Натпреварувачот е должен побараната документација да ја достави во рок определен од страна на Фондот.
Рокот за поднесување на предлог проекти трае до 31.10.2022 година заклучно со 14.00 часот.
За доделување награди ќе бидат земени предвид само оние предлог – проекти кои се пополнети во обрасците определени за овој предизвик од страна на Фондот, доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.
Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата.
За сите дополнителни информации можете да ни пишете на електронската адреса: fondzamladi@fitr.mk.
Со цел да Ви помогнеме при подготовка на предлог-проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на социјалните медиуми.