ДФИТР Халили на презентација на новата инвестиција на компанијата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, која ќе произведува електрични е-Go автомобили во РСМ

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот на новата инoвативна компанија „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово.

Со оваа инвестиција, за првпат во автомобилската индустрија во Република Северна Македонија, ќе се произведува целосен автомобил и за првпат ќе се произведуваат електрични е-Go автомобили.

На настанот по повод презентирање на новата инвестиција се обратија претставници на Владата, како и на компанијата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ и други почесни гости.

Говорниците најавија дека инвестицијата вредна 130 милиони евра, ќе отвори 900 работни места во Тетово и Полог и над 3.000 индиректни вработувања од локални компании кои ќе соработуваат директно со инвеститорот. Дополнително беше истакнато дека Компанијата e.GO ќе исплаќа просечна бруто плата од 1.340 евра.

Владините претставници потенцираа дека со оваа мултимилионска инвестиција на компанијата e.GO во ТИРЗ Тетово, започнува нова ера во делот на странските инвестиции, но и за граѓаните за користење на електрични автомобили.