Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19
Цели
Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи (во понатамошниот текст само „ПЗУ“) за надминување на последиците од КОВИД-19, кои ги исполнуваат условите наведени во Правилникот за за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19.
Доколку претпријатијата погодени од КОВИД-19 воведат нови методи и технологии во своето работење и мерки за заштита на здравјето на вработените и клиентите, тие можат да одржат задоволително ниво на продуктивност, да генерираат приходи преку нови канали на продажба, да воведат нови производи или услуги кои ќе одговорат на промените во побарувачката.
Поддржаните претпријатија во рок од 6 месеци од завршување на проектот, очекувано е да се вратат на ниво на остварени приходи пред кризата како резултат на прилагодувањата направени во нивниот модел на функционирање.
Преку овој Инструмент Фондот обезбедува финансиска поддршка до 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 3.000.000,00 (три милиони) денари по апликант и тоа:
- за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е до 10 вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 50.000,00 (педесет илјади) евра согласно финансиските извештаи за последните две фискални години, финансирање во максимален износ од 750.000,00 (седумстотини и педесет илјади) денари,
- за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 10 до 50 вработени и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 50.000,00 (педесет илјади) евра, а помал од 2.000.000,00 (два милиони) евра согласно финансиските извештаи за последните две фискални години, финансирање во максимален износ од 1.500.000,00 (еден милион и петстотини илјади) денари и
- за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2.000.000,00 (два милиони) евра, а помал од 10.000.000,00 евра согласно финансиските извештаи за последните две фискални години, финансирање во максимален износ од 3.000.000,00 (три милиони) денари.
Критериум за подобност
Критериумите за подобност кои треба да ги исполнува поединичен апликант се:
- да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот Регистар на Република Северна Македонија или да е приватна здравствена установа основана согласно Законот за установи и Законот за здравствената заштита регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
- да е претпријатие или ПЗУ со максимум 250 вработени;
- годишните приходи на апликантот да не надминуваат 1000.000,00 (десет милиони) евра според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
- да не е поврзан со друго претпријатие или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10.000.000,00 (десет милиони) евра и збирниот број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
- против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
- да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
- против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
- апликанти со над 3 (три ) години на постоење од моментот на аплицирање да немаат генерирана загуба во последните две фискални години согласно официјалните биланси на успех за тие години;
- да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis), односно:
- да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двестотини илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
- да нема аклумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
- да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието); и
- да не се занимава со производство на јаглен.