Јавен повик за финансирање проекти за социјално претприемништво „Предизвик за иновативно решение за обезбедување #Оброк ЗаСите”

Јавен повик за финансирање проекти за социјално претприемништво

„Предизвик за иновативно решение за обезбедување #ОброкЗаСите”

  1. Во Република Македонија над 20% од населението е погодено од сиромаштија, а околу 450.000 лица живеат под прагот на сиромаштија. Според податоците од Државниот завод за статистика најмногу се погодени луѓето со низок степен на образование, старите лица, лицата со посебни потреби, раселените лица, домаќинства со самохрани родители и ромската популација. Особено алармантен е фактот дека во последниве години континуирано највисока стапка на сиромаштија е забележана кај деца на возраст од 0-17 години и тоа со околу 29%.

    Според податоците од Министерството за труд и социјална политика на територијата на Република Македонија се отворени  50 народни кујни во кои се опфатени околу 4.000 лица. За оваа цел, Министерството за труд и социјална политика годишно алоцира околу 100 милиони денари средства од Буџетот на РМ, но заради ограничените ресурси, над 90% од лицата со потреба од поддршка дефинирани како ранливи категории во Законот за социјална заштита не се опфатени со оваа помош. Дополнителен проблем во отворањето на народни кујни е вклучувањето на локалните власти во процесот кои треба да обезбедат простории или пунктови за подигање на храна во урбани/рурални средини и транспорт на истата до крајните корисници  поради што овој модел за обезбедување на  оброк  не е соодветен за  различните  категории на потенцијалните корисници. Потребно е да се развијат соодветни модели согласно потребите на корисникот.

    Елиминацијата на апсолутната сиромаштија е еден од главните приоритети на ООН. Првата цел на Милениумската кампања на ООН е искоренување на екстремната сиромаштија и гладта во светот до 2030 година. Владата на Република Македонија ги поддржува овие цели.

    Поаѓајќи од ова, Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за труд и социјална политика и ве покануваат да учествувате на Повикот за финасирање на проекти за социјално претприемништво „Предизвик за иновативно решение за обезбедување #ОброкЗаСите”.

 

Основна цел на повикот е да се поттикне развој и примена на иновативни решенија во различни сегменти од општеството за подобрување на квалитетот на живеење.

Развој и примена на системско и одржливо решение за обезбедување на храна за лица (семејства) со реална потреба од поддршка од заедницата и институциите.

Притоа, ќе се придонесе и кон зајакнување на социјалната кохезија, како и генерирање на општествена вредност, при што заедницата ќе има конкретна полза од претприемачките активности.

Иновативно решение (пр. платформа) за мобилизирање на храна од пазарните вишоци, ефикасна дистрибуција, администрирање на мрежата (инфраструктура) и учесници, достава до точки каде пристапуваат семејства со потреба за ваква помош.

Решението треба да опфати и модел на взаемна интеракција на сите субјекти/учесници во системот.

Во рамки на предложеното решение треба да се предвиди ефикасен систем на активност, поврзување и координација на следните учесници:

  • Субјекти со пазарни вишоци (производители на храна, дистрибутери, трговци, угостители), како и граѓани кои сакаат да донираат прехранбени производи.
  • Дистрибуција (систем на волонтерски канали и/или еден дистрибутер кој ќе ги координира сите помали со расположливи капацитети/возила во даден временски период)
  • Администрирање на мрежа и учесници (МТСП/Црвен крст/партнерска организација/социјално претпријатије регистрирано за ваква дејност)
  • Инфраструктура за прифаќање и пристап до лица/семејства со потреба (мрежа на народни кујни или други пунктови, регистар на лица/семејства со реални потреби од ваква поддршка)
  • Систем на признанија (налепници, беџови, дипломи, поени) за општествената одговорност и воедно подигање на свеста за неа кај други субјекти

Платформата треба да обезбеди одржливо решение и ефикасно искористување на ресурсите на државата, како и рационално користење на ресурсите од приватниот сектор (заедницата), дел од кои досега завршувале на отпад.

Предлог проектите треба системски да пристапат на проблемот и да понудат иновативна методологија која ќе го реши прашањето со ефективна достава и обезбедување на храна за лица од загрозената категорија.

Времетраењето на изработка на решението (проектната задача) не треба да надминува 12 месеци.

Предложените проекти треба да имаат видливи резултати, како на пример:

  • зголемување на опфатот на лицата/семејства со реална потреба од помош во системот на корисници на донирани оброци
  • поефикасно искористување на пазарните вишоци на компаниите, вишоците на граѓаните и јавните ресурси (средства) што се вложуваат во системот на обезбедување на оброк за семејства со потреба.

На повикот може да учествуваат правни лица: сите микро, мали и средни претпријатија, граѓански организации и  кои се социјално одговорни и/или имаат за цел својата дејност да ја прошират кон социјалното претприемништво.

Учесникот на повикот треба да ги исполнува следните услови :

  • Да е регистриран во Централниот регистар на Република Македонија согласно Законот за трговските друштва или Законот за здруженија и фондации.
  • Да е микро, мало или средно претпријатие согласно класификацијата во Законот за трговските друштва;
  • Да е со мнозинска македонска сопственост (со 50,1% или повеќе)
  • Да не е претпријатие во потешкотии и навремено да ги сервисира своите обврски кон добавувачите/партнерите.

Вкупниот буџет за Јавниот повик #ОброкЗаСите изнесува 2 милиони денари.

Наградувањето ќе се врши согласно со рангирањето на предлог-проектите сè до исцрпување на вкупниот износ на буџетот.

За #ОброкЗаСите Фондот обезбедува финансирање до 90% проценти од вкупниот буџет за предлог-проектот. Преостанатиот паричен износ од вкупниот буџет за проектот се обезбедува од страна на натпреварувачот.

Максималниот износ на средства кои се бараат од Фондот за поединечен предлог-проект не смее да го надмине вкупниот износ на определениот буџет за предизвикот.

Средствата добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на натпреварувачот/корисникот на наградата.

Доколку нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно Правилата за натпревари и предизвици, Фондот го задржува правото да не додели награда.

Активностите предвидени во предлог-проектот треба да соодветствуваат на фазите на истражување и развој, односно на напредување на технологијата до степен на прототип/модел функционален и во реалните животни околности.

Активностите задолжително треба да вклучуваат и:

  • Истражување на состојбата со ранливите категории
  • Истражување на пазарот (во контекст на идентификација на субјекти и обем на пазарни вишоци)
  • Анализа на регулатива (со индетификување на потреба од измена/дополнување)
  • Изработка на решение и комуникација со потенцијални учесници
  • Финансиска анализа на трошоци и придобивки, со приказ на подобрена ефикасност во користење на средствата од Буџетот на РМ за потребите на обезбедување на оброк за семејствата со потреба
  • Маркетинг стратегија за промоција на решението
  • Функционалност на решението на пазарот

Трошоците предвидени во буџетот на проектот за набавка на опрема и ресурси за истражување, развој и имплементација треба да соодветствуваат на активностите предвидени во проектната апликација.

Трошоци подобни за финансирање се:

  • бруто плати: износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот на наградата пред почетокот на проектот;
  • набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • обезбедување на квалитет, стандардизација и акредитација;
  • ангажирање на консултанти директно поврзани со очекуваните резултати на предизвикот (експертиза поврзана со иновациски менаџмент, социјално претприемништво, финансиски менаџмент, мобилизација на дополнителни финансиски средства, истражување и развој, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго) и
  • канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, хостинг и слично) во максимален износ од 10% од вкупниот буџет на проектот.

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот, а кои се во согласност со одобрениот Буџет на проектот и Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата ќе се сметаат за подобни трошоци.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Во случај проектот да се базира на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, натпреварувачот е должен, пред потпишувањето на Договорот за доделување на награда, да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за „in-kind“ придонес или друг вид на договор кој потврдува дека натпреварувачот има право на користење на интелектуалната сопственост на која се базираат резултатите од проектот.

Оценувањето, селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор на победници, се врши од страна на Комисија за оценување и избор.

Оцената на проектите се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на пријавите (дали пријавата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик) (08.06.2018)
  • Прва оцена на предлог-проектот (предселекција) (22.06.2018)
  • Селекција на најдобри предлог-проекти со презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор (29.06.2018)
  • Потпишување на договори со победниците (10.07.2018)

Фондот го задржува правото за измена на горенаведените рокови.

Секој предлог-проект се оценува од Комисијата за оценување и избор, која се состои од 7 членови и тоа:

  • Претставник на Фондот;
  • Претставник на институцијата корисник на наградениот предлог проект (МТСП);
  • Двајца претставници на партнерски организации;
  • Надворешен експерт од областа во која се организира натпреварот или предизвикот;
  • Експерт во областа на развој на бизнис и/или маркетинг, дистрибуција и продажба
  • Експерт во областа на техничкото решение (технички науки, природни науки и друго).
  1. Влијание на зголемување на опфатот на лицата/семејства со реална потреба од помош во системот на корисници на донирани оброци (30%)

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои ќе се однесуваат на приоритетните области на делување дефинирани во овој предизвик и ќе понудат мерливи индикатори за придонесот на решението во намалувањето на бројот на неухранети лица на краток и среден рок

  1. Степен на иновативност и одржливост (30%)

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат предлог-проектите чии решенија се разликуваат од веќе постоечките решенија на пазарот, се одржливи на среден и долг рок и имаат висок потенцијал за заштита на право од интелектуална сопственост

  1. Степен на зголемување на ефикасност во искористување на јавните фондови за оваа намена (20%)

Најмногу поени под овој критериуми ќе добијат натпреварувачите чија финансиска анализа на трошоци и придобивки, верификувана од Комисијата, ќе покаже дека за ист или помал износ на средства што се одвојуваат од Буџетот на РМ ќе се зголеми опфатот на лица што имаат потреба за користење на ваква помош во рамки на понуденото системско решение.

  1. Капацитет на натпреварувачот и проектниот тим (10%)

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите со претходно искуство во развој на слична иновативна технологија, претходно искуство во областа на делување (социјално претприемништво, обезбедување и дистрибуирање храна до ранливите категории), и чии членови имаат балансирано искуство во поглед на изработка на техничкото решение и развој на бизнис. Истото се однесува и на партнерите на натпреварувачите (доколку постои партнерство). Квалитетот на соработката меѓу партнерите (доколку е применливо) особено ќе се земе во предвид при оценувањето.

  1. Квалитет на предлог-проектот (10%)

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои јасно ги имаат дефинирано фазите на истражување и развој со адекватно вклучување на што поголема мрежа потенцијални учесници и имаат соодветна алокација на човечки ресурси и материјални трошоци.

За да се пријави на #ОброкЗаСите, натпреварувачот на повикот треба да:

  • Се регистрира на следниот линк fitr.mk/obrokzasite и да ги поднесе пополнети, потпишани и печатирани обрасците за Проектна апликацијаБуџет на проектот и Изјава дека се согласува со условите на Фондот;
  • Поднесе најмногу 5 биографии на клучните луѓе на проектниот тим;
  • Поднесе Тековна состојба од Централниот регистар не постара од 6 месеци.

Бараните документи треба да се пополнети на македонски јазик и во PDF формат да се испратат на следната e-мaил адреса: obrokzasite@fitr.mk.

Пријавувањето на повикот #ОброкЗаСите е до 15.06.2018 година, до 23:59 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог-проекти кои се пополнети во обрасците определени за #ОброкЗаСите од страна на Фондот,  доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата.

За сите дополнителни информации можете:

  • да не посетите во контакт канцеларијата на Фондот на адреса ул.„Димитрие Чуповски“ бр. 8 (на Рекорд)
  • да ни пишете на електронската адреса: obrokzasite@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број  2 322 3373

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог-проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани и консултативни средби. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на нашиот facebook профил.