ЈАВЕН ПОВИК ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ

за новоосновани трговски друштва „Старт-ап„ и „Спин-оф“ во југозападниот регион на РСМ како дел од проектот „Иновативен Еко-Систем во областа на прекуграничната соработка.

Проектот „Иновативен Еко-Систем во областа на прекуграничната соработка“ претставува проект за воспоставување иновациска инфраструктура за трансфер на „know-how“ технологии помеѓу старт-ап компании и МСП во областите на прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија кој го спроведуваат ФИТР, Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ), EuroPartners Development и National Agency of Scientific Research and Innovation (ARTI). Проектот е финансиран од Европската комисија, застапувана од Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија, преку прекуграничната програма за Република Северна Македонија – Република Албанија според инструментот за претпристапна помош (ИПА II), алокации за 2014-2020.

Главната цел на предложената акција е да помогне во воспоставувањето, во рамките на постојниот образовен и бизнис контекст, прекуграничен иновативен екосистем за МСП и старт-апи, преку:

1. Зајакнување на капацитетите на клучните засегнати страни во унапредувањето на конкурентноста и знаење во областите на прекугранична соработка.
2. Подобрување на меѓу секторската соработка помеѓу МСП и Старт-апи, фокусирајќи се на комплементарност и искористување на сегашните и идните деловни можности за заеднички вложувања и нудејќи повеќегодишна услуга.
3. Актуелизирање на воспоставениот иновациски екосистем од национален до прекуграничен.

Република Албанија и Република Северна Македонија се соседни земји, но нивото на трговија меѓу нив е најниско. Прекуграничните старт-апи и МСП, покрај недоволно развиената инфраструктура, се карактеризираат со високо ниво на имиграција, а постојните бизниси се со ниско ниво на технолошкиот развој и конкурентност, додека образовните институции обезбедуваат формално знаење вклучително и наставни програми кои го поддржуваат самовработувањето.

Фондот за иновации и технолошки развој, во склоп на предвидените активности во рамките на наведениот проект објавува – Јавен повик за финансирање на проекти за новоосновани трговски друштва „Старт-ап„ и „Спин-оф“ во југозападниот регион на РСМ како дел од проектот „Иновативен Еко-Систем во областа на прекуграничната соработка“

Финансиската поддршка обезбедена преку овој вид на грант има за цел да го поттикне нивото на иновативност преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности на истражување и развој на „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија во Југозападниот регион кој ги вклучува следниве општини: Центар Жупа, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски брод, Охрид, Пласница, Струга и Вевчани. Грантот се очекува да ја поттикне културата на преземање ризик и иновација, и да обезбеди поддршка за претпријатијата кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес, услуга како и да поттикне комерцијализација на резултатите од истражувања настанати во високообразовните, односно научно-истражувачките установи.

Времетраењето на проектот не треба да надминува 3 (три) месеци.

Корисникот на наградата има обврска со Фондот за иновации и технолошки развој да доставува извештаи и тоа:

  • Месечен извештај за напредок (описен дел и финансиски дел) кои корисникот на наградата е должен да ги доставува за времетраењето на проектот и тоа во рок од 5 (пет) дена по истекот на месецот,
  • Завршен извршен (описен и финансиски дел) кои корисникот на наградата е должен да го достави во рок од 30 (триесет) дена по истекот на последниот календарски ден од проектот.

Средствата за грантовите за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија преку Проектот „Иновативен Еко-Систем во областа на прекуграничната соработка“, финансиран од Европската Комисија, застапувана од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

За финансирање на проекти под овој повик обезбеден е вкупен фонд од 33.500,00 (триесет и три илјади и петстотини) евра односно приближно 2.066.000,00 (два милиони шеесет и шест илјади) денари при што максималниот износ на грант по апликант може да изнесува 6.700,00 (шест илјади и седумстотини) евра односно приближно 413.122,00 (четиристотини тринаесет илјади сто дваесет и два) денари. Овој износ целосно ќе биде покриен од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, во рамки на Проектот „Иновативен Еко-Систем во областа на прекуграничната соработка“

Средствата за одобрените предлог проекти ќе се исплаќаат авансно, на месечна основа, на посебна проектна сметка. Средствата за секоја наредна рата ќе бидат исплатени откако ќе бидат исполнети следните услови:

  • одобрен месечен извештај за напредок (описен дел и финансиски дел), и
  • наменски потрошени најмалку 70% (седумдесет проценти) од претходно буџетираните средства.

Подобни за финансирање под овој инструмент се апликантите кои ги исполнуваат следните критериуми:

  • правно лице основано во согласност со Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • да не поминале повеќе од 3 (три) години од денот на основање на апликантот до денот на аплицирање;
  • Претпријатијата апликанти треба да бидат со регистрирано седиште во Југозападниот регион кој ги опфаќа следните општини: Центар Жупа, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски брод, Охрид, Пласница, Струга и Вевчани;
  • микро или мало претпријатие (до 50 вработени);
  • да е со мнозинска македонска сопственост (50,1 % или повеќе);
  • да е во сопственост на физичко лице/а и/или микро или мало претпријатие (со мнозинска македонска сопственост со 50,1% или повеќе) и/или установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност (со сопственички удел во апликантот до 20%),
  • годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 1.000.000,00 (еден милион) евра според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
  • да не е капитално поврзано (согласно Законот за трговски друштва) со друго претпријатие каде што збирните годишни приходи на двете претпријатија надминуваат 1.000.000,00 (еден милион) евра во претходните две години, освен во случај на капитална поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двесте илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако е активен во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да не е претпријатие во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието), и
  • да не се занимава со производство на јаглен.

Прифатливи активности за финансирање се:

  • Активности за истражување и развој
  • Развој на пилот линии
  • Активности за тестирање
  • Услуги поврзани во интелектуална сопственост
  • Дизајн

Горенаведената листа на активности не е ограничувачка.

Прифатливи трошоци за финансирање се:

  • Бруто плати (само за вработени кај апликантот). Износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот пред почетокот на проектот;
  • Купување и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • Надоместоци за подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и индустриски дизајн
  • Aнгажирање на консултанти директно поврзани со очекуваните резултати на предизвикот (експертиза поврзана со истражување и развој, бизнис развој, маркетинг, правни услуги, прибирање средства „fundraising“ и сл.)
  • Канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, хостинг и останати видови на административни трошоци во максимален износ од 15% (петнаесет проценти) од вкупниот буџет на проектот.

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот, а кои се во согласност со одобрениот Буџет на проектот и Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата ќе се сметаат за подобни трошоци.

Неприфатливи трошоци за финансирање се:

  • трошоци за отплата на камата или долг на друга страна;
  • трошоци и провизии за минати или можни идни загуби или долгови;
  • покривање на загуби настанати при размена на валута, такси и казни;
  • трошоци за забава и угостителство;
  • трошоци за регрутирање на кадар (трошоци за објавување на оглас, провизии од агенции за вработување, трошоци поврзани за селекција на кандидати и слично) и трошоци за преселба на вработени;
  • купување на земја или згради, вклучувајќи и реновирање;
  • готовинска исплата од посебната сметка на проектот;
  • извозни активности (трошоци директно поврзани со извоз на производи, со основање и работење на мрежа за дистрибуција и слично, или други тековни трошоци на претпријатието поврзани со извозни активности);
  • годишни такси за одржување на патент (со исклучок на добро оправдани случаи проценети како дозволив трошок при евалуација на предлог проектите);
  • додатоци на плата;
  • трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на сопственик/ици на корисникот;
  • наем на деловен простор од закуподавец кој учествува во активностите на проектот или е капитално поврзан со претпријатието корисник;
  • набавка на товарни транспортни возила од страна на претпријатија кои вршат товарен патен транспорт за наем или надоместок;
  • набавка на патнички возила (со исклучок на добро оправдани случаи проценети како дозволив трошок при евалуација на предлог проектите);
  • трошоци за набавка на половна опрема; и
  • Данок на додадена вредност (ДДВ)

Не се подобни за финансирање и трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори.Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Во случај проектот да се базира на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, натпреварувачот е должен, пред потпишувањето на Договорот за доделување на награда, да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за „in-kind“ придонес или друг вид на договор кој потврдува дека натпреварувачот има право на користење на интелектуалната сопственост на која се базираат резултатите од проектот.

Апликантот не смее свесно или намерно да ги нарушува правата на интелектуална сопственост на кое било трето лице.

Сите права на интелектуална сопственост и „know how“ кои ќе бидат создадени за време на спроведување на проектот и/или како резултат на спроведувањето на проектот му припаѓаат на корисникот и доколку е применливо, корисникот треба да ги заштити правата на интелектуална сопственост.

Фондот нема да биде одговорен за спорови поврзани со правата на интелектуална сопственост помеѓу апликантот/корисникот и трети страни.

Оцената на проектите се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на поднесените предлог проекти (дали предлог проектот е комплетен и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик)
  • Прва оцена на предлог-проектот (предселекција)
  • Селекција на најдобар предлог проект – со презентација на поднесените предлог проекти пред Комисијата за оценување и избор
  • Потпишување на договори со победниците

Фондот го задржува правото за измена на горенаведените рокови.

Секој предлог проект се оценува од Комисијата за оценување и избор, која се состои од пет членови и тоа:

  • Претставник на Фондот за иновации и технолошки развој
  • Претставник на Центар за развој на Југозападен плански регион
  • Претставник од Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресури
  • Надворешен експерт

За да се пријави на повикот секој апликант треба да:

  • Се регистрира на следниот линк www.fitr.mk/innov8 и да ги поднесе пополнети, потпишани и печатирани обрасците за Проектна апликација, Буџет на проектот, Изјава дека се согласува со условите на Фондот и Изјава за сопственичка/основачка структура на Апликантот (заверена на нотар)
  • Поднесе најмногу 3 биографии на клучните луѓе на проектниот тим
  • Поднесе Тековна состојба од Централниот регистар не постара од 6 месеци
  • Копија од биланс на успех поднесен во Централен регистар на Република Северна Македонија за претходните две години, освен за претпријатија кои се регистрирани во истата година кога е поднесен предлог проектот

Уредно пополнетите обрасци заедно со придружните документи се доставуваат во електронска форма преку системот на Фондот на линкот www.fitr.mk/innov8 со клик на копчето „АПЛИЦИРАЈ“ најдоцна до 25.08.2019 година до 23.59 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог проекти доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документите Правила за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата

За сите прашања поврзани со повикот можете:

  • да ни пишете на електронската адреса: innov8@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број  02/314-5258
  • да не посетите во Иновацискиот хаб – Факултетот за туризам и угостителство – Охрид (Кеј Македонија 95, Охрид)