Јавен повик за О2 предизвик 2 “СПРАВУВАЊЕ СО КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ“

Европа е првиот континент кој минатата година прогласи вонредна состојба во однос на климата. Во летото 2019 година се забележани топлински рекорди низ целиот европски континент, а сведоци сме на екстремни природни катастрофи кои се последица на климатските промени.

Светот е на средината на најтоплата деценија откако почнале да се водат податоци од 1850 година. Според предвидувањата на лондонската метеоролошка канцеларија температурите за секоја од наредните пет години ќе бидат за степен повисоки, а деценијата од 2014 до 2023 година најтопла во периодот од 150 години водење евиденција.

Зголемената просечна температура е резултат на се поголемата емисија на стакленички гасови во атмосферата кои ја задржуваат топлината.

Климатските промени се всушност долгорочни промени во климатскиот шаблон и просечните климатски вредности во кои спаѓаат и промени во температурата и врнежи. Климата се менувала и во изминатите векови, но сега климатските промени се менуваат со рапидна брзина.

Според сценаријата на меѓувладини и меѓународни научници кои работат на климатските промени и справувањето со нив се предвидува дека во наредните 30 до 50 години во Северна Македонија и регионот ќе има повисоки температури и долги суши, но и поројни дождови. Исто така ќе има зачестени невремиња со електрични празнења и со град, што може да има големи негативни последици врз земјата и таа да стане непогодна за земјоделско производство и за живеење.

Научниците предупредуваат дека разорните последици на климатските промени ќе влијаат врз сите, без оглед на местоположбата, економската развиеност и големината на заедницата во која живеат луѓето.

Поради тоа климатските промени мора да бидат сфатени како сериозна закана по животната средина, здравјето и благосостојбата на луѓето, достапноста на природните ресурси и храна, економијата, изградената инфраструктура и квалитетот на животот.

Истражување на јавното мислење спроведено од  Програмата за развој на Обединетите Нации, УНДП и Министерството за животната средина покажува дека македонските граѓани во климатските промени гледаат како трета најсериозна закана за општеството, но тие сѐ уште немаат доволно знаење за адаптацијата на климатските промени.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги креира политиките поврзани со климатски промени врз основа на емисиите на стакленички гасови, се оценува потенцијалот за нивно намалување или “ублажување на климатските промени” и врз основа на сценаријата за идна промена на климата прави анализи и мерки за адаптација.

Водејќи се од тоа дека климатските промени се глобален проблем, се јавува и потребата од дополнителни напори и внимание за да се промовираат најдобрите практики за адаптација и да се поддржи развојот на конкретни мерки за надминување на овие проблеми преку иновативни идеи и акции кои ќе поттикнат решавање на проблемот. Фондот за иновации и технолошки развој Ве повикува да учествувате на вториот „О2 ПРЕДИЗВИК 2“. Во реализацијата на предизвикот ќе се вклучат Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Град Скопје, Македонија 2025, Здружението Еко Свест како и други партнерски организации и експерти.

Вториот О2 Предизвик овозможува поширок опсег на натпреварувачи да се вклучат со свои идеи во решавањето на проблемот со климатските промени, а  со овој повик се отвора можност за воспоставување на партнерства од регионот на Западен Балкан (WB6) во кој спаѓаат Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија.

Ова во исто време претставува основа за дизајнирање и воведување на нов регионален Инструмент на Фондот за иновации и технолошки развој насочен кон организирање натпревари и предизвици за изнаоѓање на иновативни решенија од општествен интерес во регионот

Натпреварувачите треба да понудат решение/ја со кои ќе придонесат кон намалување на емисиите на стакленички гасови или со кои се подобрува отпорноста кон климатските промени (мерки за адаптација кон климатските промени) во една од следниве области на национално или регионално ниво:

  • Eнергетика
  • Индустрија
  • Транспорт
  • Шумарство
  • Биолошка разновидност
  • Здравство
  • Водни ресурси
  • Земјоделство
  • Намалување на ризици од катастрофи

Листата на области не е ограничувачка.

Решенијата можат да ги таргетираат следните фази од процесот на решавање на проблемот со климатските промени:

  • Намалување на емисијата на стакленички гасови преку воведување на нови процеси/услуги/производи/методологии или активности кои ќе поттикнат промени на секојдневните практики на граѓаните и/или
  • Проекти наменети за прилагодување кон променетите климатски услови

Поддршката ќе биде доделена на проекти кои предвидуваат истражување и развој на иновативни решенија кои се во понапредна фаза на технолошка спремност, имаат најмалку „потврден концепт“ (proof of concept) и јасна комерцијална амбиција.

Предлог проектите треба да содржат системско решение, производ, услуга или иновативна методологија која придонесува кон решавање на еден или повеќе од горенаведените специфични предизвици кои придонесуваат за намалување на емисиите на стакленички гасови, или подобрување на отпорноста кон климатските промени.

Предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати, како што се на пример нова услуга за граѓаните, нов ефикасен и еколошки производ, поефикасна јавна услуга или пак промена на однесувањето на граѓаните.

Повикот О2 предизвик II-Справување со климатските промени е наменет за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност, претпријатие и/или здружение од земјата или регионот на Западен Балкан (WB6) – Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина и Албанија.

Предлог проектите може да бидат поднесени од поединечен натпреварувач или од конзорциум предводен од водечки натпреварувач. При аплицирање во партнерство/конзорциум, главен носител на проектот е Водечкиот натпреварувач.

Натпреварувачот (Водечкиот натпреварувач) треба да биде правен субјект кој ги исполнува следните услови:
– да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и
регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија

  • да е микро, малo или среднo претпријатие (до 250 вработени);
  • да е со мнозинска македонска сопственост (со 50,1 % или повеќе);
  • да е во сопственост на физичко лице/а и/или микро, мало, или средно претпријатие (со мнозинска македонска сопственост со 50,1% или повеќе) и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност (со сопственички удел во апликантот до 20%);годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 10.000.000,00 (десет милиони) евра, според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
  • да не е капитално поврзан (согласно Законот за трговски друштва) со друго претпријатие каде што годишните приходи на двете претпријатија надминуваат 10.000.000,00 (десет милиони) евра во претходните две фискални години, освен во случај на капитална поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
  • да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двеста илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгороченпрестанок со работа на претпријатието), и
  • да не се занимава со производство на јаглен.

Доколку предлог проектот вклучува соработка на натпреварувачот со високообразовна, односно научно-истражувачка установа, здружение и/или претпријатие, условите за партнерот/член на конзорциум се:

  • Да е микро, мало или средно претпријатие, здружение или високообразовна установа од земјата или регионот на Западен Балкан (WB6).
  • Доколку е од Република Северна Македонија треба да е регистрирано согласно Законот за високото образование, Законот за здруженија и фондации, Закон за трговските друштва.

Предлог-проектот кој вклучува партнери/членови на конзорциум од регионот на Западен Балкан ќе има предности при бодувањето.

Прифатливи активности за финансирање се:

  • Активности за истражување и развој
  • Активности за тестирање
  • Анализа на регулатива (со идентификување на потреба од измена/дополнување)
  • Дизајн
  • Развој на пилот линии
  • Услуги поврзани во интелектуална сопственост
  • Функционалност на решението на пазарот

Горенаведената листа на активности не е ограничувачка.

Прифатливи трошоци за финансирање се:

  • Бруто плати (само за вработени кај водечкиот натпреварувач). Износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот пред почетокот на проектот;
  • Купување и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • Поддоговорни услуги за истражување и развој (пр: тестирање, лабораториски услуги и сл.);
  • Ангажирање на експерти/советници за истражување и развој;
  • Ангажирање на консултанти за останати потреби директно поврзани со очекуваните резултати на проектот (експертиза поврзана со иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на средства и капитал, бизнис развој, маркетинг, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго);
  • Подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и индустриски дизајн;
  • Канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, хостинг и останати видови на административни трошоци) во максимален износ од 15% (петнаесет проценти) од вкупниот буџет на проектот.

Се препорачува најмалку 10% од вкупниот буџет на проектот да биде издвоен за: развој на бизнис план, истражување на пазар и маркетинг стратегија, валидација на пазар и заштита на права од индустриска сопственост.

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот, а кои се во согласност со одобрениот Буџет на проектот и Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата (pdf) ќе се сметаат за подобни трошоци.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор (во натамошниот текст: Комисијата), а пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Во случај проектот да се базира на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, натпреварувачот е должен, пред потпишувањето на Договорот за доделување на награда, да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за „in-kind“ придонес или друг вид на договор кој потврдува дека натпреварувачот има право на користење на интелектуалната сопственост на која се базираат резултатите од проектот.

Времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства може да биде до 12 (дванаесет) месеци

За финансирање проекти под овој повик обезбеден е вкупен износ од 5.000.000 (пет милиони) денари.

Преку овој  инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 85% (осумдесет и пет проценти) од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 30.000,00 (триесет илјади) евра во денарска противвредност.

Преостанатиот износ од вкупниот буџет за проектот односно минимум 15% од вкупниот буџет на проектот треба да биде обезбеден од натпреварувачот.

Средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на натпреварувачот/корисникот на наградата.

Доколку нема доволно квалитетни предлог проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно Правилата за натпревари и предизвици, Фондот го задржува правото да не додели награда.

Предвидени се и специјални награди и тоа:

За три од тимовите кои влегле во фазата на селекција

  • Студиско патување во Израел -“Start-up Nation & Mentorship” кое ќе вклучи можност за средба и размена на искуства со водечки компании, акцелератори и хабови во областа на високата технологија и одржливост.

Наградата ќе ја обезбедат: Кајама центарот за одржлив дизајн од Израел и Министерството за надворешни работи на Израел (Kayama, the Center for Sustainable Design in Israel and The Israeli Ministry of Foreign affairs).

 

За еден од тимовите кои влегле во фазата на селекција

  • Потпишување на договор за екстензивно партнерство за идно менторирање, консултации или друг тип на услуга за време на имплементацијата на проектот (услуги или трошоци, кои не се обезбедени или поддржани од Фондот). Видот на поддршката ќе биде дизајниран согласно со потребите на корисникот.

Наградата ќе ја обезбеди Македонија 2025.

 

Услов за добивање на една од специјалните награди е компанијата да влезе во фаза на финална селекција, а изборот и конечната одлука ја носи институцијата која ја доделува наградата.

При оцената на предлог проектот се користи Табела за оцена на предлог проектите која ги содржи следните главни критериуми за оценување:

  1. Влијание на животната средина и справување со климатски промени – 30 поени

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои ќе се однесуваат на приоритетните области на делување дефинирани во овој предизвик и ќе понудат мерливи индикатори за придонесот на решението во справување со климатските промени на краток и среден рок.

  1. Степен на иновативност – 20 поени

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат предлог-проектите чии решенија значително се разликуваат од веќе постоечките решенија на пазарот и имаат висок потенцијал за заштита на право од интелектуална сопственост

  1. Капацитет на проектниот тим и квалитет на партнерство/конзорциум (доколку е применливо) – 25 поени

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите со претходно искуство во развој на слична иновативна технологија/решение, претходно искуство во областа на делување (справување со климатски промени), и чии членови имаат балансирано искуство во поглед на изработка на техничкото решение и развој на бизнис.

Истото се однесува и на партнерите на натпреварувачите (доколку постои партнерство). Квалитетот на соработката меѓу партнерите (доколку е применливо) особено ќе се земе предвид при оценувањето. Предлог-проектот кој вклучува партнери/членови на конзорциум од регионот на Западен Балкан ќе има предности при бодувањето.

  1. Потенцијал на пазарот – 15 поени

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние иновативни решенија со висок и јасно идентификуван пазарен потенцијал.

  1. Квалитет на предлог-проектот – 10 поени

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои јасно ги имаат дефинирано фазите на истражување и развој со адекватно вклучување на потенцијалните клиенти и имаат соодветна алокација на човечки ресурси и материјални трошоци.

Оценувањето, селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор на победници, се врши од страна на Комисија за оценување и избор.

Оцената на проектите се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на пријавите (дали апликацијата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик);
  • Прва оцена на предлог-проектот (претселекција);
  • Селекција на најдобри предлог-проекти – со презентација на претселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор (до 20.05.2020 год.);
  • Потпишување на договори со победниците

Фондот го задржува правото за измена на горенаведениот рок.

Секој предлог-проект се оценува од Комисијата, која се состои од:

  • Претставник на ФИТР;
  • Претставник на Министерство за животна средина и просторно планирање;
  • Претставници на партнерски организации;
  • Надворешен експерт од областа во која се организира натпреварот или предизвикот (експерт во областа на климатски промени);
  • Експерт во областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба 

НАПОМЕНА: По барање на членовите на Комисијата, Фондот може да ангажира експерти кои ќе дадат стручно мислење за одредени апликации, соодветно на областа на нивната експертиза. Во таков случај, стручното мислење ќе биде земено предвид од членовите на комисијата при оценувањето на апликацијата.

За да аплицира натпреварувачот треба да:

  • ги преземе обрасците со клик на копчето „Преземи документација“;
  • уредно да ги пополни, потпише и печатира обрасците за Проектна апликација, Буџет на проектот, Изјава на натпреварувачот за прифаќање на условите на Фондот, План за транспарентност и комуникација со јавност и Изјава за животна средина;
  • да поднесе кратки биографии на клучните лица ангажирани на проектот (од три до максимум пет лица);
  • да поднесе извод од Тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија не постар од 6 (шест) месеци;
  • да поднесе Биланс на успех поднесен во Централен регистар на Република Северна Македонија за претходните две години, освен за претпријатија кои се регистрирани во истата година кога е поднесен предлог проектот;
  • да поднесе Изјава за сопственичка/основачка структура на натпреварувачот (заверена на нотар).

Проектната апликација, буџетот на проектот и биографиите треба да бидат пополнети на македонски и на англиски јазик и во PDF формат, заедно со останатата документација која треба да биде доставена само на македонски јазик, да се прикачат на формуларот за аплицирање достапен на следниот линк: www.fitr.mk/predizvikklimatski  со клик на копчето „Аплицирај“.

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 20.07.2020 година, до 23:59 часот.

За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог проекти доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата 

За сите дополнителни информации можете:

  • да не посетите во контакт канцеларијата на Фондот на адреса – ГТЦ, локал 6 Д.Е. 220, Скопје, Р. С. Македонија
  • да ни пишете на електронската адреса: o2predizvik@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број: 02 3145 258

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани, бесплатна техничка помош од експерти и менторски работилници. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот како и на официјалните профили на ФИТР на социјалните мрежи (фејсбук, твитер и инстаграм).

Учесниците на О2 предизвик II- Справување со климатски промени ќе добијат можност за менторска помош при подготвување на нивните апликации. За таа цел предвидено е одржување на менторски онлајн сесии во организација на Амбасадата на Израел за Република Северна Македонија и Македонија 2025.

Сите заинтересирани натпреварувачи на О2 предизвик II – Справување со климатски промени, со учество во менторската програма ќе имаат можност:

  • да го презентираат својот бизнис концепт или проектна идеја/производ и да добијат индивидуална консултациска и менторска помош од страна на домашни и странски менаџери и бизнис сопственици со искуство во развој на бизнис и промоција на производите на пазарот во земјава и пошироко;
  • да слушнат мотивациски предавања од врвни македонски и странски експерти/претприемачи;
  • да воспостават деловни контакти со израелски старт-апи кои работат во областа на климатските промени и чистиот воздух и имаат искуство во заштита на животната средина.
  • Да имаат континуирано менторство со израелски ментори и/или старт-апи кои работат во областа на климатските промени и чистиот воздух и имаат искуство во заштита на животната средина.

За регистрација на менторската програма Ве молиме да го пополните формуларот од следниот линк.

Сите учесници на О2 предизвик II, ќе добијат можност во текот на 2020 година да искористат активна мерка за невработени лица – Обука за стручни квалификации и вештини согласно Вашите барања и потреби. Обуките ќе се реализират со поддршка на УНДП, во партнерство со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ), со финансиска поддршка обезбедена од Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC).

Оваа можност натпреварувачот ќе ја добие независно од исходот на оценувањето на предлог проектот. Клучниот фактор за искористување на мерката и реализација на обуката е потребата на натпреварувачот од вработување на стручна и квалификувана работна сила.

Реализацијата на обуката почнува по претходно идентификување на потребите на натпреварувачот (како иден работодавач), а потоа следи идентификација и утврдување на потенцијални спроведувачи на стручна обука. Спроведувач на обуката може да биде и самиот натпреварувач кој во случајот ќе има статус на обучувач и иден работодавач. Програмата или планот на обука се модифицира или дизајнира заедно со спроведувачот на обуката согласно со потребите на натпреварувачот. Во случај кога тој самиот се јавува во улога на обучувач, ќе добие стручна поддршка за дизајнирање на планот на обуката.

Обуката за стручни квалификации може да се реализира во период од 2 до 4 месеци, напоредно во просториите на спроведувачот на обука и/или во работните простории на натпреварувачот, согласно претходно утврдениот план на обука.

Лицата кои ќе се вклучат на обуката мора да бидат невработени лица пријавени во евиденцијата на АВРСМ. Бројот на лица вклучени во обуката, ќе зависи од бројот на потребните вработувања, односно ќе биде двојно повисок од бројот на идните вработувања.

Доколку успешно се завршат сите подготвителни активности и се потпише договор за реализација на обуката, вашето претпријатие се обврзува дека ќе вработи најмалку 50% од невработените кандидати кои успешно ја завршиле обуката, во времетраење од минимум 6 месеци.

Селекцијата на кандидатите заинтересирани за обука ја врши натпреварувачот, врз основа на критериуми кои претходно ги утврдил во рамки на барањето (степен на образование, претходно работно искуство и сл.). Конечниот избор на лицата кои ќе се вклучат на обуката, ќе зависи и од понудата за вработување на работодавачот, бидејќи невработеното лице кое ќе ја одбие понудата за вработување откако ќе ја заврши обуката, должно е да ги врати средствата добиени за време на обуката, освен во случај на вработување кај друг работодавач.

Висина на финансиската поддршка                            

Лица што ќе посетуваат обука ќе добијат месечен надоместок во висина од 9.000 денари, со вклучено осигурување во случај на несреќа на работно место и данок на личен доход за времетраењето на обуката (2 до 4 месеци).

Спроведувачите на обука можат да добијат вкупен надоместок во висина до максимум 30.000 денари по лице на обука.

Повеќе информации на следните контакт телефони:

Suzana Ahmeti suzana.ahmeti@undp.org 072204140

Urim Kasapi urim.kasapi@undp.org 070364775

Подетални информации и насоки ќе добиете на инфо-настаните и консултативни средби кои ќе бидат организирани од Фондот.