Фонд за млади умови
ЈА ПОТТИКНУВАМЕ КРЕАТИВНОСТА И ИНОВАТИВНОСТА КАЈ МЛАДИТЕ
ОВОЗМОЖУВАМЕ МЛАДИТЕ ДА НАПРЕДУВААТ ВО СВЕТОТ НА ИДНИНАТА
НАЦИОНАЛЕН КОНТЕКСТ
Република Северна Македонија се соочува со огромен губиток на човечки потенцијал и креативна енергија. Еден од најголемите фактори за ова е образовниот систем кој целосно не ги задоволува потребите на учениците. Во поглед на резултатите од учењето, ПИСА тестирањето во 2015 год покажа дека Северна Македонија е меѓу земјите кои остваруваат најслаби резултати и е рангирана втора од крајот од сите земји што учествуваа во истражувањето. Според ова истражување, на повеќе од половина ученици им недостасуваат основни компетенции. Уште поголема пришина за загриженост претставува фактот што резултатите одат во надолна линија, што е спротивно на позитивниот тренд кај останатите земји од регионот. Истовремено, Република Северна Македонија се соочува со интензивен одлив на мозоци.
Во глобални рамки, економијата која подлежи на брзи промени бара сѐ повеќе специјализирани и преносливи вештини, додека образовните системи се соочуваат со потешкотии да оддржат чекор. Повеќе не е доволно децата само да поминат низ училишниот систем. Како што растат, девојчињата и момчињата имаат потреба од образование чиишто резултати од учење имаат смисла, преку кое стекнуваат пошироки вештини, вредности, и искуства кои ќе им помогнат да развијат начин на размислување ориентиран кон раст и да ги подобрат нивните способности за иновативност, соработка, вработливост и граѓанско учество. Уште повеќе, во свет на масовна поврзаност, младите луѓе имаат потреба да бидат чуени, да бидат вклучени во процесите на развој креирани да ги подобрат нивните животи, и да имаат пристап до веродостојни ресурси и информации.
Во тој поглед, охрабрувачки појдовни точки на национално ниве се неколкуте младински програми во земјата кои имаат покажано позитивни резултати. Сепак, многу од нив се имплементираат на ниво на проект, што претставува предизвик во поглед на постигнување значително влијание кое би поттикнало структурни промени. Во поглед на нивната добросостојба, младите луѓе се соочуваат со системски пречки и оттука потребно е Владата, приватниот сектор, граѓанското општество, како и националните и меѓународните агенции да размислуваат стратешки за нивната иднина и да им помогнат да го остварат сопствениот потенцијал. Особено е важно да се идентификуваат проблемите и недостатоците во системот со цел да се делува и да се изнајдат решенија, но исто така, подеднакво е важно да се препознаат позитивните примери, најдобрите практики, и научените лекции.
Со цел да се подобрат резултатите постигнати преку младинските програми, како што се „UpShift“, „Џуниор ачивмент“ и „Предизвик за млади истражувачи“, потребна е системска сеопфатна поддршка со која ќе се обезбеди конзистентност и одржливост на овие постојни програми.
Фондот за иновации и технолошки развој цели да ги соедини докажано најуспешните програми кои ја поттикнуваат креативноста, иновативноста, претприемништвото и вештините на 21виот век под една сеопфатна национална програма – „ФОНД ЗА МЛАДИ УМОВИ“, да го промовира и подржи нивното спроведување и на тој начин, да им овозможи на младите да напредуваат во светот на иднината.
ОСНОВНИ ЦЕЛИ
СОЗДАВАЊЕ НА ПЛАТФОРМА ПРЕКУ КОЈА ВЛАДАТА, ПРИВАТНИОТ СЕКТОР, МЕЃУНАРОДНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ, И ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ЗДРУЖЕНО ПРИДОНЕСУВААТ КОН УНАПРЕДУВАЊЕ НА МОЖНОСТИТЕ ЗА МЛАДИТЕ ЛУЃЕ ДА ГО ОСТВАРАТ СВОЈОТ ПОТЕНЦИЈАЛ, ДЕЛЕЈЌИ ЗАЕДНИЧКА ВИЗИЈА ЗА ПРОГРЕС.
ФОНДОТ ЗА МЛАДИ УМОВИ (ФМУ) ќе поддржува докажани програми и ќе ја прошири поддршката преку нови програми кои имаат потенцијал да го подигнат нивото на иновативност, креативно и критичко размислување, научно-технолошката извонредност, како и да ги развиваат претприемничките вештини. Овие програми ќе ги охрабрат младите луѓе да земат активно учество во општествените процеси и ќе влијае врз квалитетот на формалното образование. Дополнително, ФМУ ќе претставува отворена платформа за дијалог помеѓу приватниот сектор, донаторите, меѓународните организации и граѓанското општество, овозможувајќи започнување на партнерства, искористување на инвестиции и отворање на нови можности за младите луѓе.
Надоврзувајќи се на националните стратешки приоритети, “grass-root” иницијативите, позитивните резултати и меѓународните практики засновани на докази, „ФОНД ЗА МЛАДИ УМОВИ“ ќе:
- им овозможи на младите да учествуваат на интелектуално стимулативни програми надвор од формалното образование („Предизвик за млади истражувачи“, “UpShift”, “Junior Achievment” и други)
- ги ‘опреми’ младите со вештини за решавање проблеми во контекст на свет на постојани промени
- ја поддржи меѓународната мобилност и интернационалните иницијативи на младите
- поттикне синергија помеѓу различните области на образование и обука
- обезбеди платформа која ќе ги поврзе образованиот сектор, бизнис секторот и граѓанските организации
- го зајакне гласот на младите.
РАМКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ
Фаза 1: Проценка на потребите и креирање на „Фонд за млади умови“
Разбирање
- Спроведување на сеопфатна проценка на потребите
- Разбирање на суштинскиот проблем а не само симптомите на проблемот
- Фокус на парципативно акционо истражување – вклучување на младите во сите фази на истражувањето
Мапирање
- Идентификување на постоечки младински програми на национално ниво
- Спроведување анализа за изводливост, функционалност и капацитетот на постоечките програми
- Идентификување на потребни промени во постоечката правна рамка со цел обезбедување на одржливост
- Развој на критерими за оценка и процес на селекција
- Идентификување на чинителите, нивната улога и способноста да влијаат на програмата
Креирање
- Креирање модел на основа на расположливите информации и пилотирање
- Собирање повратни информации со цел воведување промени и приспособување на моделот на потребите
Фаза 2: Обезбедување одржливост, комплементарност и надградба на успешните иницијативи (во прилог на документот следи краток опис на постојните програми)
- “UpShift”
- „Предизвик за млади истражувачи“
- “Junior Achievement”
- Останати програми кои ќе бидат идентификувани како успешни практики
Фаза 3: Проширување на поддршката и креирање нови програми засновани на анализата на потребите
- Идентификација на недостатоците и преклопувањата меѓу постоечките програми
- Обезбедување континуитет на програмите кои се надградуваат на вештините и знаењето што ги обезбедуваат
- Премостување на празнините со воведување нови иницијативи
Фаза 4: Зајакнување на гласот на младите
- Креирање платформа за поврзување на образованието, бизнис секторот и граѓанската вклученост
- Спроведување на кампања за подигање на свеста
МЕТОДОЛОГИЈА
За да се осигураме дека „ФОНД ЗА МЛАДИ УМОВИ“ ги задоволува потребите на младите луѓе во земјата, важно е да ги имаме сите потребни информации, да ја разбереме суштината на проблемот и да ги вклучиме и нив во креирањето на решението уште од самиот почеток. Пристапот фокусиран на човекот – ПФЧ (Human-Centered Design) претставува рамка на управување која развива решенија на проблемите со вклучување на човечката перспектива во сите чекори во процесот на решавање проблеми. Овој пристап се користи во голем број индустрии и сектори, и меѓу другото, може да се користи во креирање на услуги и системи.
Методологијата на ПФЧ ќе помогне во:
Разбирање
Собирање достапни информации за учениците и младите луѓе на национално ниво. Идентификација на обрасци на однесување, потреби и можни недостатоци.
Разбирање на суштината на проблемот а не само симптомите на истиот.
Фокус на партиципативно акционо истражување – не само да се документира целната група, туку да се ангажираат младите луѓе во процеси како бура на идеи, креирање модели и пилотирање.
Мапирање
Идентификација на младински програми на национално ниво. Спроведување на анализа за изводливоста, функционалноста и капацитетот на постоечките програми со цел надоградување и искористување на потенцијалот на младите за иновација, креативност, извонредност, претприемништво и граѓанска вклученост.
Да разбереме зошто некои од програмите се успешни и што ги разликува од оние кои не се. Дали може програмите да се надградат согласно потребите на корисниците?
Развој на критериуми за оценка (на пример: истражувањата покажуваат дека успешни, финансиски оправдани програми користат комбиниран пристап на обука за стекнување вештини со почетно финансирање – дали веќе се спроведуваат ваков тип програми?)
Какви промени треба да се направат во постоечката правна рамка за да се осигура одржливост на иницијативите под оваа национална сеопфатна програма?
Креирање
Идентификација на чинителите, нивната улога и способноста да влијаат на програмата (Владата, Фонд за иновации и технолошки развој, УНИЦЕФ, Министерство за образование и наука, приватниот сектор и стартап заедницата, донаторите и младински агенции и други).
Креирање мерки со користење на расположливите податоци (истражување на национално ниво, најдобри практики на светско ниво, докажано успешни постоечки програми, итн).
Пилотирање и евалуација на мерките со корисниците и чинителите, и употреба на податоци и резултати со цел дополнително развивање.