Предизивик за воспоставување на лабаратории за производство FAB LABS „Младите Создаваат“
Во свет во кој се соочуваме со сѐ поголем проток на информации, каде напредокот на науката и технологијата е сѐ побрз и има сѐ поголемо влијание врз секојдневниот живот на човекот, образовниот процес мора да се прилагоди на потребата да одговори на предизвиците на иднината. Оттука, станува сѐ позначајно учениците и студентите не само да стекнат определено знаење, туку да стекнат и вештини истото тоа занаење на креативен и аналитички начин да можат практично да го применат во насока на изнаоѓање нови решенија на постојните и претстојните проблеми.
Предизвикот за воспоставување на лаборатории за производство кој за прв пат се објави во 2021 година има за цел на младите да им овозможи просторни, материјални и технички услови за развивање на иновативни производи, услуги, процеси, активности или методологии со кои се нудат практични и општествено корисни решенија за одредени прашања или проблеми во приоритетни области од науката и технологијата. Истовремено овие лаборатории ќе претставуваат место за соработка помеѓу приватниот сектор, високо-образовните и научни установи, претпријатијата и граѓанските здруженија.
Лабораториите за производство се лоцирани во рамки на високо-образовните и научно-истражувачките установи, исполнуваат определени просторни и технички услови и претставуваат место за игра, креација и пронаоѓање. Овие лаборатории на младите ќе им овозможат пристап до напредни технологии преку кои тие ќе можат да го материјализираат она што го замислиле, место каде младите ќе учат и создаваат преку поттикнување на нивната иновативност.
Овие лаборатории:
- На младите на возраст од 15 до 29 години ќе им овозможат бесплатен пристап, менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип или мало производство на иновативно решение кое ќе можат да го тестираат во лабраториска, во индустриска средина и/или на пазарот.
- Ќе им овозможат на физички и правни лица под одредени комерцијални услови употреба на опремата за потреби на прототипирање.