Врз основа на член 22 и член 27 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој, на седницата одржана на 22.02.2021 година, ја донесе следната:
”Програма за корпоративна иновативност”
Со оваа програма се утврдуваат основните карактеристики и цели за доделување на финансиски средства и техничка поддршка на новоосновани трговски друштва (стартапи) во насока на подобрување на реализацијата и пласманот на нивните производи и услуги преку нивна соработка со претпријатија кои имаат значително присуство и влијание на пазарот (корпоративен сектор).
1. Цел на програмата за корпоративна иновативност
Целта на програмата е да се промовира иновацијата и конкурентноста кај сите видови на претпријатија преку поттикнување на соработка, инвестиции и воспоставување на партнерства помеѓу корпоративниот сектор од една и стартапите од друга страна.
2. Очекувани придобивки од програмата
2.1. Придобивки за стартапите
Оваа програма ќе им овозможи на стартапите пристап до:
Финансиска и техничка поддршка во завршните фази на развој на нивниот иновативен производ/услуга;
- Поддршка при пласман на производите/услугите и можност за скалирање;
- Поддршка во унапредување на квалитетот на производот/услугата преку сертификација, акредитација и други процеси кои додаваат вредност на крајното решение;
- Раст на приходите и независност од надворешни извори на капитал;
- Поддршка при креирање на бренд идентитет и пазарен пристап;
- Поддршка за подобрување на својот процес на работење;
- Поддршка за стекнување на одредени вештини;
- Индиректно учење и трансфер на know-how и знаење преку менторирање.
2.2. Придобивки за корпоративниот сектор
Програмата ќе им овозможи на претпријатијата кои имаат значително присуство и влијание на пазарот да добијат директен пристап до иновативни решенија кои ќе придонесат кон унапредување на нивното работење, подобар пласман на производите и услугите и освојување на нови пазари. На тој начин, корпоративниот сектор ќе завземе директно и активно учество во развојот на стартап екосистемот и иновативната економија во целина. Истовремено, претпријатијата од овој сектор ќе можат да се позиционираат и како општествено одговорни претпријатија.
Придобивките можат да бидат во повеќе области во зависност од целите кои сакаат да ги остварат претпријатијата од корпоративниот сектор преку соработката со стартапите, како:
- Внесување на претприемачки дух во корпоративната култура
Работата со стартапи овозможува да се создаде претприемачки начин на размислување кај вработените кои стануваат изложени на стартапи со развиена претприемничка култура, кои паралелно се фокусираат на развојот на решението, бизнис моделот, како и пристапот кон пазарот (lean approach) и кои нудат свеж начин на размислување. Стартапите исто така им помагаат на претпријатијата од корпоративниот сектор да покренат свесност за идните трендови и потенцијалот на новите технологии.
- Инволвирање на постоечки големи брендови
Работата со стартапи не само што го подмладува размислувањето на претставниците на корпоративниот сектор одвнатре, дополнително ја модифицира и надворешната перцепција за корпоративните брендови меѓу нивните корисници, партнери и идни вработени.
- Решавање на деловни проблеми
Развојот на нови иновативни решенија и производи од страна на стартапи, честопати е многу побрз и помалку ризичен за основната деловна активност на претпријатијата отколку на корпоративниот сектор. Стартапите со себе носат нови технологии, бизнис модели и таленти.
- Проширување на идни нови пазари
Стартапите можат да бидат важен канал за проширување на деловните операции на нови пазари. Тие, исто така ги поседуваат потребните способности и флексибилност да се натпреваруваат во нови сектори и индустрии кои допрва доаѓаат.
2.3. Влијание врз општеството
Соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартапите е клучна за негување на култура на иновативност во државата. Оваа соработка се очекува да придонесе и кон:
- Градење на партнерства и трансфер на знаење од корпоративниот сектор кон стартапите и обратно, преку вклучување на иновации во портфолиото на производи и услуги на претпријатијата од корпоративниот сектор;
- Зголемено учество на корпоративниот сектор во развој на стартап екосистемот;
- Зголемување на степенот на одржливост на стартап бизнисите на пазарот;
- Градење на иновативна економија и
- Поттикнување на општествената одговорност.
Иако придобивките се повеќекратни за двете вклучени страни, сепак ваков тип на соработка носи со себе низа предизвици и ризици од потенцијален неуспех. Успешноста на соработката, а со тоа и реализацијата на придобивките, зависи пред сѐ од тоа колку секоја инволвирана страна е подготвена да научи кои се интересите, како и очекувањата, мотивацијата, културата и работната етика на другата страна. Успешноста на соработката се базира на тоа двете страни да ги идентификуваат најсоодветните модели за соработка кои одговараат на нивната ситуација, а со тоа и јасно да ги дефинираат нивните улоги и одговорности во процесот.
3. Модели на соработка
Во зависност од целите, соработката меѓу претпријатијата од корпоративниот сектор и стартапите, може да се реализира преку различни модели и тоа:
Модели на соработка |
Цели
| Внесување претприемачки дух | Иновирање на големи брендови | Решавање на деловни проблеми | Проширување на идни нови пазари |
Еднократни настани (натпревари и хакатони) | ||||
Споделување на ресурси (бесплатни алатки, простор за работа) | ||||
Поддршка за развој на бизнисот(инкубатори, акцелератори) | ||||
Градење партнерство (заеднички развој, ланци на набавка-supply chains) | ||||
Инвестирање (corporate venturing) | ||||
Преземања (на тимот или целиот стартап бизнис) |
Рамката за соработка укажува на тоа колку вообичаените модели на соработка со стартапи се успешни во остварување на клучните цели на претпријатијата од корпоративниот сектор во однос на соработката со стртапите. Нивото на затемнетост на полињата укажува на нивото на соодветност на секој модел во исполнувањето на клучните цели.
3.1. Еднократни настани
Овој тип на настани можат да бидат добри почетни точки за да се поттикнат внатрешни промени во културата на претпријатијата од корпоративниот сектор преку изложување на вработените на претприемачкиот начин на размислување на стартапите, да се обезбеди воведување на нови деловни трендови и технологии и да се подобри перцепцијата на корпоративниот бренд помеѓу корисниците. Овој тип на соработка индиректно придонесува во градењето на долгорочни деловни односи и исто така бара многу внимателно разгледување на потребите на самите стартапи со цел да се обезбеди нивно учество. Конкретните настани може да вклучуваат, но не се ограничени на:
Организирање на предизвици – натпревари кои го фокусираат вниманието на одредено прашање и ги поттикнуваат иноваторите да изнајдат нови решенија за презентираниот проблем со кој се соочува корпоративниот сектор. Темите на предизвикот може да бидат од било која област, како на пример: стратегија за дигитален маркетинг, ребрендирање на постојна линија на производи и сл.
Организирање на хакатони – овој тип на настани се повеќе фокусирана форма на натпревари кои се доста популарни. На овие настани, кодерите и креативците (или како поединци или организирани во тимови) се собираат за период на интензивен, фокусиран развој околу одредена цел, како што е решавање на специфичен технички проблем или развој на одредено парче код кој ќе биде дел од поголемо софтверско решение.
3.2. Споделување на ресурси
Споделувањето ресурси со стартапите може да биде ефикасен и економичен начин за градење на иновативен бренд од страна на претпријатијата од корпоративниот сектор. Сепак, важно е да се напомене дека овој модел на соработка, особено снабдувањето со бесплатни алатки, индиректно придонесува во градењето на долгорочни деловни односи со стартапите. Повторно, од клучно значење е да се направи истражување и тестирање зошто стартапите би ги користеле тие бесплатни ресурси и да се осигури дека тие ресурси ги исполнуваат барањата на претприемачите. Типовите на ресурси кои претпријатијата од корпоративниот сектор може да ги споделуваат ги вклучуваат следните:
Бесплатни алатки – Многу претпријатија од корпоративниот сектор нудат ‘soft’ поддршка на стартапите во форма на бесплатен или поевтин пристап до нивните сервиси, алатки и продукти – или пак до нивното организациско знаење. Голем дел од нив пак одбираат да ги направат нивните продукти достапни за стартапите преку трети лица, како дигитални платформи или пак акцелераторски програми.
Простори за соработка (co-working spaces) – Физичките работни простори се уште една почеста форма за обезбедување ресурси, но треба да се земе во предвид дека за нив е потребно поголем износ на финансиски средства. Стартапите можат да користат бесплатно, или понекогаш изнајмуваат, работни маси, простории за состаноци, интернет и така натаму. Станува збор за понуда на флексибилно деловно опкружување со услови за изнајмување, прилагодено на многу динамични стартапи кои постојано растат.
3.3. Поддршка за развој на бизнисот
Претпријатијата од корпоративниот сектор исто така работат со различни форми на програми за поддршка на развој на бизнисот, особено инкубатори и акцелератори, кои го помагаат растот на стартапите во рана фаза и ги подготвуваат за инвестиции, влез на пазарот, брз раст и скалирање. Овие програми можат да бидат моќни алатки за поттикнување на промена на културата и внатрешно учење во организацијата преку ангажирање на вработените како ментори или советници.
Програмите за поддршка на развојот на бизнисот, треба да се развиваат согласно потребите на стартапите, притоа да се внимава главниот фокус да не биде насочен само кон растот на претпријатијата од корпоративниот сектор.
3.4. Градење партнерство
Стратешките деловни партнерства можат да заземат различни форми и по природа можат да бидат од краткорочен тип со соработка со стартапот за одреден конкретен ангажман, до долгорочен тип со градење на долгорочна деловна соработка со стартапот. Од перспектива на стартапот, следниве програми се особено привлечни:
Заеднички развој на производ – може да вклучува заедничко истражување и развој на производи или услуги кои решаваат деловен проблем на самата компанија или пак на нивни клиенти. Овие решенија заеднички се идентификуваат, специфицираат, развиваат и потоа пилотираат. Успехот на заедничкиот развој обично зависи од јасни насоки од страна на корпоративниот сектор, однапред дефиниран буџет и јасна временска рамка во рамките на која треба да се одлучи дали ќе се прекине партнерството или соработката ќе продолжи и после спроведувањето на пилот-проектот.
Вклучување на стартапите во ланецот на набавки – набавката од стартапи може да придонесе кон значителни придобивки за корпоративниот сектор во форма на пристап до врвни технологии и нови бизнис модели. Вклучувањето на стартапите во ланецот на набавки им овозможува на претпријатијата од корпоративниот сектор брзо да пронајдат нови пристапи кон специфични деловни проблеми како и искористување на нови можности. Важно е да се напомене дека ваквите партнерства бараат колаборативен начин на размислување и целокупно преиспитување на интерните процеси на набавки од страна на претпријатијата од корпоративниот сектор. Од страната на стартапите, валидацијата од стекнувањето на голема компанија како клиент честопати може да биде точка на пресврт во целокупното работење на стартапот, односно дали стартапот ќе расте забрзано и ќе премине во фаза на скалирање или ќе остане во раната фаза на развој.
3.5. Инвестирање
Директното инвестирање во стартапи, познато и под терминот corporate venturing, може да бидат корисен начин за пристап до нови пазари и можности за раст и развој преку финансиска поддршка на интересни стартапи, со ангажирање на помалку капитал и со многу поголема брзина во споредба со спроведување на истражување и развој со користење на интерните ресурси на корпоративниот сектор.
Претпријатијата од корпоративниот сектор можат да вложуваат во стартапи директно преку формирање на фондови за ризичен капитал во рамките на своите претпријатија или пак индиректно преку поддршка и инвестирање во веќе постоечки фондови за ризичен капитал со слична инвестициска стратегија како нивната.
3.6. Преземања (Acquisitions)
Доколку претпријатието од корпоративниот сектор се реши да влезе во директно инвестирање во стартапи, логична екстензија на активностите во таа сфера би вклучиле и преземање на стартапи, што може да биде брз начин на стекнување на комплементарна технологија или специфично знаење и способности за решавање на одреден деловен проблем, како и влез на нови пазари. За еден стартап кој веќе има надворешни инвеститори, бизнис ангели или фондови за ризичен капитал (Venture Capital), продажбата на стартапот на корпоративен стратешки партнер е главниот начин за излез на надворешните инвеститори од стартапот и остварување на поврат на нивната инвестиција.
Претпријатието од корпоративниот сектор може да се одлучи да го преземе тимот на стартапот и да го апсорбира во сопствената корпоративна структура или пак целосно да го преземе бизнисот со намера за присвојување на технологијата и средствата кои ги има стекнато стартапот до тој момент.
4. Начини на спроведување на програмата
Програмата ќе се спроведува врз основа на иницијатива и во партнерство со претпријатија од корпоративниот сектор.
За остварување на партнерството потребно е претпријатието до Фондот да изрази интерес за партнерство или соработка со Фондот чија цел ќе биде развивање на корпоративната иновативност во согласност со предложените модели на соработка Фондот ја поттикнува соработката помеѓу стартапите и корпоративниот сектор во согласност со целите на оваа програма, преку:
- Финансиска и техничка поддршка за стартап претпријатија за подобрување на реализацијата и пласманот на нивните производи и услуги и
- Можност за вмрежување и воспоставување соработки и партнерства
Финансиската поддршка за стартапите вклучува:
- Финансирање на активности поврзани со развој на производот и негов пласман на пазарот;
- Поддршка во унапредување на квалитетот на производот/услугата преку сертификација, акредитација и други процеси кои додаваат вредност на крајното решение;
- Поддршка при креирање на бренд идентитет и пазарен пристап;
- Пазарно тестирање на производот и креирање на пилот линии.
Техничката помош вклучува консултантски сесии и менторирање заради стекнување на одредени деловни вештини и способности, особено во областа на пласман на производите и/или услугите на пазарот.
Фондот ќе обезбеди и можност за вмрежување и воспоставување на соработка помеѓу стартапите и претставниците на корпоративниот сектор преку организација на настани за вмрежување.
5. Постапка на избор на претпријатија од корпоративниот сектор како партнери на Фондот
Програмата врз основа на која заинтересираните претпријатија од корпоративниот сектор ќе може да поднесат предлог-концепт, ќе биде објавена на веб страната на Фонд за иновации и технолошки развој.
Фондот формира Комисија за разгледување на доставените предлог-концепти, која ќе биде составена од најмалку 3 (три) члена.
Одобрувањето на предлог-концептите ќе се врши според следните критериуми:
- Усогласеност на предлог-концептот со целите на Програмата за корпоративна иновативност и предложените модели на соработка;
- Квалитет на предложениот концепт;
- Опсег на понудена поддршка за стартапи;
- Референтна листа на реализирани проекти наменети за директна или индиректна поддршка на стартапи/стартап екосистемот и развој на иновации и
- Годишен приход на компанијата.
Во рамки на одобрувањето на предлог-концепти предложени од партнери од корпоративниот сектор, Фондот го задржува правото да побара дополнително разработување на концептот, да одреди дополнителни критериуми, како и да побара да се достави дополнителна документација од страна на истите.
Претпријатијата чии предлог-концепти се одобрени, ќе склучат договор за корпоративна иновативност со Фондот.
Договорот за корпоративна иновативност ќе биде реализиран согласно правила и процедури утврдени од страна на Фондот.