Завршен јавниот повик „Стартапувај 2“ на ФИТР – 53 микро и мали компании ќе бидат поддржани со 1,5 милиони евра од државата

Заменичката на претстедателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, на настан кој се организираше преку електронската апликација „Zoom“, ги објавија добитниците на кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“, преку јавниот повик за „Стартапувај 2“ на ФИТР.

Станува збор за 53 микро и мали компании, кои ќе реализираат проекти во вкупна вредност од 1,88 милиони евра, од кои дури 80%, или 1,5 милиони евра се грант средства од Фондот за иновации и технолошки развој.

Во своето воведно обраќање на настанот, вицепремиерката Царовска потенцираше дека интересот на микро и малите компании за учество во јавниот повик ја радува и покажува дека Северна Македонија има неисцрпен потенцијал на млади луѓе коишто навистина сакаат да работат и да вложуваат во нашата држава и сите заедно да ја градиме. Таа дополн дека секое вложување во младите, секоја инвестиција во младите е исплатлива инвестиција на секоја држава.

„Од овие 53 компании на кои Фондот им доделува финансиски средства да понатаму се развиваат и да растат е голема програма, која понатаму треба да се надополнува и понатаму да се развива и да се зголемува како финансиска поддршка кон компаниите  коишто се основани и водени од млади луѓе. Но на овој повик не само што тие 53 компании добија, туку рекорден број на компании се пријавија. Тоа кажува дека довербата на младите луѓе во системот, во институциите, во Фондот е навистина голема и токму затоа тие се осмелиле, аплицирале и дел од нив добиле грант средства. Ги поттикнуваме и тие кои не добиле да во наредните повици се пријавуваат и покажуваат интерес. Ова се се иновативни бизниси кои понатаму треба да ја придвижуваат економијата на еден поинаков, различен начин и да растеме сите заедно и како држава и како економија“, рече Царовска.

Вицепремиерката посочи дека уште пред 2 години започнато е комбинирање на програмите за поддршка на компаниите од страна на Владата,  затоа што кога државата поддржува не треба да се заборават поддржаните компании, напротив потребно е и понатаму да ги поттикнува тие бизниси што ги основала или ги стартувала.

„Токму 2 бизниса кои се основани преку Оперативниот план за вработување во 2019 година денес се дел од овој повик и тие компании се во „Ин групата“, или групата на компании кои после ОП продолжуваат да бидат поттикнувани и поддржувани со дополнителни финансиски средства. И само така постапува одговорна влада и одговорна држава која навистина се грижи да бизнисите кои ги поттикнува да се основаат, останат живи и продолжат да работат и да не само останат на ниво на самовработување туку да вработуваат и свои колеги, пријатели и да ја развиваат понатаму економијата. Но има уште еден одличен податок кој што сакам да го споделам за овој повик, а тоа е дека 45% од компаниите кои добиле поддршка со овој повик се основани и водени од жени. Ова навистина е во пракса покажување што значи грижа за родова рамноправност и давање на еднакви можности на мажите и жените во нашата држава. Му честитам на директорот и на тимот којшто работи со него за ваквата рамноправна распределба на финансиските средства. Исто така на сите добитници нека им е честито и со успех понатаму во работата“, порача вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски посочи дека ова е прв бран на одобрени проекти и подвлече дека од 53-те избрани компании, дури 55% се компании понови од 1 година.

„Тоа значи дека со вистинска мерка сме поттикнале голем број на млади луѓе, да се охрабрат и во овие тешки времиња, да реализираат проекти со поддршка од Владата. Оваа Влада покажа, не зборуваме во идно време, зборуваме за многу конкретни мерки, многу конкретни решенија и многу конкретни резултати, дека е вистински партнер на младите луѓе во оваа држава. 53-те „старт-ап“ компании се дел од првиот инвестициски бран којшто денес го објавуваме како резултат. Жал ми е што не можевме да објавиме уште поголем број бидејќи буџетот на јавниот повик се покажа очигледно недоволен за интересот којшто го имавме. Оваа година имавме 30% поголем интерес од она што го регистиравме како интерес во 2019 година што само кажува дека младите луѓе сакаат да инвестираат, со вистинска мерка сме ги поттикнале да развиваат свој бизнис, меѓутоа имаат и доверба во процедурите коишто ги реализира ФИТР и се охрабруваат, подготвуваат свој деловен план и го презентираат во рамки на програмите“, нагласи директорот на ФИТР.

Деспотовски објасни дека вкупниот обем на планираните инвестиции со првиот инвестициски бран е околу 1 ,9 милиони евра што е навистина значителна бројка особено во услови на криза, од коишто 80%, односно 1,5  милиони евра се средства што ги обезбедува Владата во соработка со Светска Банка.

„Сакам да упатам благодарност до Светската банка за поддршката којашто во изминативе неколку години ја дава и на Владата и на ФИТР во развивање на овие програми во нивна реализација. Околу 20%  од средства, односно околу 400 илјади евра се средства коишто ќе ги обезбедат самите компании и коишто сакам да споменам се 20% од овој  вкупен обем на инвестииции односно 5 процентни поени повисок од она што минимум се бара како инвестирање што само укажува дека оние млади луѓе кои се охрабриле, подготвиле бизнис планови кои и не гледале максимално да ја искористат поддршката туку вложиле и дополнителни сопствени средства што укажува дека и самите веруваат во бизнисот којшто сакаат да го реализираат“, додаде директорот на ФИТР.

Директорот на Фондот за иновации ги презентираше сите статистички податоци во врска со јавниот повик „Стартапувај 2“, при што објасни дека беа пристигнати вкупно 235 апликации, од кои 203 ја поминаа административна проверка, а 181 апликација стигна во фазата на финална селекција.Од овој број на компании избрани се 53, кои се  дел од првиот инвестициски бран. Тој рече дека 80% од компаниите коишто денес се дел од првиот инвестициски бран се компании коишто првпат аплицираат пред ФИТР. Тоа значи дека со денешното објавување на резултатите бројката на членовите на семејството на ФИТР значително се зголемува.

Деспотовски презентираше дека 90% од избраните компании се микро, а оастанатите 10% се мали компании. Според локацијата најголемиот број на компании се од Скопје (67,92%), но има и компании од Штип (7,55%), Кавадарци (5,66%), Струга, Прилеп, Неготино, Струмица, Битола, Велес и Кочани. Кога се гледа по индустрии, доминираат компаниите од ИТ индустријата (22), а има и од технолошката индуструја (6), здравство/медицина (5), маркетинг/продажба (4), земјоделство (3), текстилна икожарска индустрија (3) и други сектори.

Директорот на ФИТР истакна дека со реализација на инвестициските проекти, ќе се отворат нови добро платени работни места за млади луѓе, односно овие компании кои моментално вработуваат 220 лица, ќе вработат дополнителни 149 луѓе.

Настанот го модерираше Иван Ивановски, претставник на компанијата Виго Дигитал, коишто се добитници од јавниот повик на ФИТР „Стартапувај 1“, а кои само во една година имаат преку 1,5 милиони преземања на нивната апликација, создадена со поддршка на Фондот.

Резултатите од повикот се достапни на следниот линк.