Вицепремиерот Битиќи и директорот Петров го презентираа јавниот повик за дигитален AI асистент, кој ќе се користи за потребите на програмите за државна помош на Владата – Поголема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, на заедничка прес конференција, го презентираа  јавниот повик за дигитален AI асистент, кој ќе се користи за потребите на програмите за државна помош на Владата на Република Северна Македонија кои се реализираат преку Планот за економски раст.

Вицепремиерот Битиќи соопшти дека оваа дигитална алатка ќе има за задача да ја олесни комуникацијата и пристапот до информации на домашните и странските компании и инвеститорите. Дигиталниот асистент треба да е способен за брзо учење, да овозможи комуникација со корисниците преку текстуални пораки, да го прилагоди својот јазик и тон врз основа на контекстот, да разбере и одговори на македонски, албански и англиски јазик и лесно да се ажурира во реално време.

„За реализација на овој јавен повик обезбедивме 9 милиони денари од буџетот на ФИТР или околу 150 илјади евра, а тоа ќе биде 100% поддршка за најиновативната идеја за создавање дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој би се користел за потребите на програмите за државна помош, а ќе се имплементира во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и Фондот за иновации и технолошки развој.  Ова треба да го намали времето на чекање на одговор од институциите како и да ја олесни целата процедура и пристап до информации кои се важни за компаниите и инвеститорите“, посочи Битиќи и додаде дека ова е само првиот чекор кој се прави, заедно со развојот на стратегијата за вештачка интелигенција, имаме визија за развој на целиот еко систем.

Алатката ќе ги дава сите потребни информации и помош за мерките од Планот за економски раст кој е инструмент за поддршка на развојот на домашните и странските компании, а во насока на изедначување на критериумите и условите за добивање на државна помош на сите компании, независно дали се домашни или странски, микро, мали, средни или големи, усвоен и донесен во 2018 година.

„Сите мерки се насочени кон поттикнување на нови инвестиции од самите компании, за нивен технолошко-технички развој, нови производни линии, зголемена продуктивност, нови подобро платени работни места, а со крајна цел подобрување на конкурентноста на компаниите, за освојување на нови пазари. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите веќе имаме склучено 245 договори со домашни компании, а Фондот за иновации и технолошки развој веќе во своето портфолио брои над 650 компании, што значи дека само во три години, поддржавме речиси 900 компании преку Планот за економски раст. Овој концепт е сеопфатен, не препознава странски или домашни компании, сите имаат иста шанса, единствено што треба е да инвестираат, а знаат дека поддршката од Владата ќе биде обезбедена. Создадовме транспарентен систем во кој јасно и прецизно се дефинирани сите критериуми, нема дискреционо преговарање и договарање на државна помош. Многу е различно, а тоа го препознава и бизнис секторот кој ги користи и поздравува овие мерки“, нагласи вицепремиерот Битиќи.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, на почетокот на своето излгање, го изрази задоволството што Фондот преку овој проект за првпат сериозно се вклучува во дигитализација на процесите во Владата на Република Северна Македонија.

„Сигурен сум дека ова е почеток на многу нови иницијативи преку кои ќе им овозможиме на граѓаните, но и на компаниите, полесна комуникација со институциите на Владата. Земајќи во предвид дека наш стратешки фокус во следниот период е развојот на вештачката интелигенција, сметам дека отворањето на предизвикот токму на оваа тема, ќе биде сериозен исчекор во однос на технолошкото унапредување, но и показател дека во државата имаме компании кои можат да понудат решенија подеднакво квалитетни како светските“, започна Петров.

Директорот ги соопшти и деталите во врска со карактеристиките кои треба да ги поседува дигиталниот асистент како и начинот на аплицирање на јавниот повик кој е објавен на веб странцата на ФИТР.

„Дигиталниот асистент треба да е способен и да се справи со сложено барање, да разбере и да одговори на македонски, албански и англиски јазик со голема прецизност на природен начин. Исто така треба и да се справи со повеќе прашања и да е способен да го разбира македонскиот јазик подеднакво добро на латинично и кирилично писмо. Асистентот треба да обезбеди 24/7 достапност и непосредна пристапност до граѓаните преку Facebook Messenger, Viber и Web и да служи неограничен број луѓе истовремено. Времетраењето на проектот, за кој се доделени финансиски средства е 24 месеци, односно 12 месеци за развој и имплементација и 12 месеци за одржување и надградба. натпреварувачот треба да биде правен субјект кој ги исполнува следните услови: да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија, да е со мнозинска македонска сопственост (со 50,1% или повеќе), годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 10 десет милиони евра во претходните две фискални години, според финансиските извештаи. Целосната листа на критериуми е достапна на веб страната на Фондот“, објасни директорот на ФИТР.

Петров посочи дека компаниите кои ќе поднесат апликација треба да презентираат дека имаат искуство и референци од претходно изработени и докажани решенија за дигитален асистент базиран на AI на македонски, албански и англиски јазик, во земјата и странство, а во предлог-проектот треба за финансирање треба да ги содржи следните активности: активности за тестирање, дизајн, активности за истражување и развој, активности за тренирање и ре-тренирање на дигиталниот асистент.

„Во однос на тоа кои трошоци се подобни за финансирање, ќе набројам дел од нив: бруто плати – износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот на наградата пред почетокот на проектот, набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој (набавка и/или изнајмување на сервер, хостинг и сл.), ангажирање на експерти/советници за истражување и развој. Би сакал да напоменам дека за развој на ова решение не се дозволени трошоци за набавка на лиценци на веќе постоечки решенија за градење на дигитален AI асистент“, презентираше директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.

Главните критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите се степенот на иновативност, капацитетот на проектниот тим, квалитетот на проектот, потенцијалот за имплементација и влијанието на проектот.

Предлог проектите ќе бидат оценувани од страна на Комисијата за оценување и избор, која е составена од двајца претставници од партнерската институција, двајца експерти во областа на предизвикот и еден претставник на Фондот.

 Постапката за селекција и избор на проектите ќе се одвива во пет чекори, најпрво се прави административна проверка на проектната документација, односно дали е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик, потоа се донесува прва оцена на предлог-проектот, односно претселекција, следува селекција на најдобри предлог-проекти, по што ќе се овозможи презентација на претселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор. Последниот чекор е избор на победничко решение и потпишување на договор.

Процесот на аплицирање е исклучиво онлајн. Сите информации поврзани со повикот, потребната документација и начинот на аплицирање се достапни на: https://fitr.mk/digitalai/

 

Последни објави