„СТАРТАП ХЕРОИ“

Врз основа на член 27 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), Програмата за корпоративна иновативност арх.бр. 01-933/7 од 22.02.2021 година и Правилата за доделување на финансиски средства преку организирање на предизвици за вложување во реализација и пласман на пазарно ориентирани иновации на новоосновани трговски друштва  арх. бр. 01-933/6 од 22.02.2021 година, Фондот за иновации и технолошки развој на ден 22.04.2021 година, го објавува јавниот повик за предизвикот:

                                          „СТАРТАП ХЕРОИ“

Соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартапите е клучна за негување на културата на иновативност во државата. Ваквата соработка, меѓу другото, придонесува за зголемување на учеството на корпоративниот сектор во развојот на стартап еко системот и за зголемување на степенот на одржливост кај стартапите. За стартапите соработката со голема компанија честопати може да биде точка на пресврт во нивниот развој, а за претпријатијата од корпоративниот сектор таа може да значи пронаоѓање на нови пристапи кон специфични деловни проблеми како и искористување на нови можности.

Нашата земја е позната по квалитетното домашно производство. Сепак, голем дел од малите домашни производители се соочуваат со  недостаток на можности да стигнат до што поголем број на купувачи и со тоа, да го зголемат своето учество на пазарот. Со овој јавен повик им даваме можност на малите производители кои произведуваат во домашни услови да докажат дека знаат и можат да се справат со предизвиците со кои се соочуваат, особено во услови на Ковид-19.

Предизвикот „Стартап херои“ се спроведува во соработка со ТИНЕКС МТ ДООЕЛ како корпоративен партнер на Фондот. Тој се заснова на предлог-иницијативата и подготвеноста на Тинекс МТ ДООЕЛ да придонесе во унапредување на развојот на малите производители преку  отворање на можноста за пласман на нивните иновативни производи во еден од најголемите малопродажни ланци во земјава.

Предизвикот „Стартап херои“ е наменет за сите иновативни домашни производители кои својата идеја со многу храброст и труд ја претвориле во производ за кој постои потенцијал за пласман и успех на пазарот. Во рамки на предизвикот тие ќе можат да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажбата на цела територија. По успешното и навремено завршување на процесот на подготовка на производите за пласман на пазарот, сите наградени производи во рамките на овој предизвик, ќе се најдат на посебно обележани полици на однапред дефинирани продажни локации на Тинекс МТ ДООЕЛ.

Покрај Тинекс МТ ДООЕЛ, партнери на овој предизвик сe и:

Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и ФД Фактор траст.

Поддршката на ИМЕ ќе биде насочена кон корисниците на Фондот избрани на овој предизвик.

ИМЕ ќе учествува во вкупниот буџет за предизвикот со финансиски средства од 1 (еден) милион денари. Дополнително ИМЕ ќе обезбеди и менторска поддршка за одбраните стартапи во нивна подобра подготовка да бидат успешни добавувачи на ланецот на супермаркети, стручни совети за финализација и зголемување на атрактивноста на производите користејќи неуромаркетинг како и маркетинг поддршка во организирање на промотивен настан за претставување на одбраните производи и иницијална анализа на мислењето на потрошувачите за производите.  Склучувањето на договори на корисниците со ИМЕ ќе следува по склучување на договорите со Фондот.

ФД Фактор Труст е финансиско друштво за факторинг кое обезбедува финансиски продукти за финансирање на трговски транскации. Како партнер на предизвикот „Стартап херои” , Фактор траст ќе придонесе за поддршка на развојот на малите производители преку понуда на финансиски инструменти за обезбедување на нивната ликвидност и непрекинат оперативен циклус.

Целта на предизвикот е да се промовира иновацијата и конкурентноста преку воспоставување на партнерство помеѓу малите производители и претпријатие од корпоративниот сектор и да се обезбеди полесен пристап до пазарот за малите новоосновани претпријатија.

.

  • Промоција на производите преку нивно поставување на посебно обележани полици на однапред дефинирани локации на маркети во период од 12 месеци;
  • Креирање на брошура за производите од проектите избрани за финансирање и/или додаток во постоечките брошури;
  • Помош при промоција на производите во маркетите;
  • Вклучување на производите во интегрирана дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети;
  • Изготвување на маркетинг кампања за промоција на производите на ТВ/радио; и
  • Со избраните натпреварувачи ТИНЕКС-МТ ќе склучи Договор за соработка во кој ќе ги договорат условите за набавка и продажба на наградениот производ.

 

  • Финансиска и техничка поддршка во завршните фази на развој на нивниот иновативен производ;
  • Поддршка при пласман на производите и можност за раст и развој;
  • Поддршка во унапредување на квалитетот на производот преку сертификација и други процеси кои додаваат вредност на производот;
  • Раст на приходите и создавање на финансиска оддржливост;
  • Поддршка при креирање на бренд идентитет и пазарен пристап;
  • Поддршка за подобрување на својот процес на работење;
  • Поддршка за стекнување на одредени вештини;
  • Индиректно учење и трансфер на „know-how“ и знаење преку менторирање.

Вкупниот буџет за предизвикот изнесува 7 милиони денари, со максимален износ по апликација  од 600,000 (шест стотини илјади) денари. Целосниот износ на средства го обезбедува ФИТР.

Исплатата на средствата ќе се одвива на следниот начин: 80% авансно, по потпишување на договорот, а останатите 20% ќе бидат исплатени по одобрување на извештај за реализиран проект.

Доколку нема доволно квалитетни предлог проекти или не се исполнети условите за финансирање, Фондот го задржува правото да не додели финансиски средства.

 

 

  • Да е новоосновано трговско друштво, основано согласно Законот за трговските друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • Од моментот на основање на трговското друштво до моментот на поднесување на апликација до Фондот да не поминале повеќе од 6 (шест) години ;
  • Годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 500.000,00 (петстотини илјади) евра во денарска противвредност, според финансиските извештаи за претходните две фискални години (2019 и 2020 година);
  • Да не е поврзан (Согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие чии годишни приходи надминуваат 500.000,00 (петстотини илјади) евра во денарска противвредност, освен во случај на  поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • Да е во доминантна македонска сопственост;
  • Да е претпријатие чии производи не се комерцијално достапни за продажба во ланците на маркети од земјата и странство;
  • Да ги исполнува комерцијалните и правни услови за влез во продажното портфолио на ланецот маркети;
  • Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • Да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis), односно:
    • Да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двесте илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
    • Да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
    • Да не се занимава со производство на јаглен.

Неподобни за финансирање се предлог проекти од следните области:

  • производствени, трговски или услужни дејности кои не се во согласност со закон;
  • производство и трговија со тутун, дестилирани алкохолни пијалоци и сродни производи (пијалоци кои содржат алкохол, но не се добиени исклучиво со дестилација, туку за нивно производство може да се користи и природно дестилиран алкохол (добиен од различно, но природно потекло) со давање на различни растителни или други производи, при што преку мецерација, купажа (мешање), ароматизирање, боење, стареење и слично се добиваат различни алкохолни пијалаци во кои содржина на етил алкохол најчесто е повисока од 15%, а во нив може да бидат вклучени различни видови на ликери, коктели и слично);
  • производство и трговија со оружје и муниција од било кој вид;
  • казина и други правни лица за организирање игри на среќа и други забавни игри;
  • истражување, развој или технички барања кои се однесуваат на електронски податоци, програми или решенија, кои сe однесуваат на:

а) Поддршка на која било активност која се вбројува во горенаведените сектори од алинеите 2, 3 и 4 на овој член;

б) Интернет коцкање и онлајн казина и/или

в) Порнографија;

г) Природно – научни истражувања, развој или технички апликации кои се однесуваат на човечкото клонирање за истражување или за терапевтски цели; и/или за генетски модифицирани организми (ГМО).

 

  • Доработка, усовршување и додавање вредност на производот;
  • Маркетинг активности насочени кон доведување на иновацијата до инвестициска подготвеност и зрелост за воведување на пазарот;
  • Тестирање на пазарот, истражувања и анализи пред излез на пазар;
  • Исполнување на условите и добивање потребна документција за пуштање на производот во промет;
  • Сертификација, акредитација и други процеси и документација потребна за пласман на домашниот пазар;
  • Заштита на интелектуалната сопственост.

Горенаведената листа на активности не е ограничувачка. Категории на производи подобни за финансирање:

  1. Кондиторски производи – благи (кроасани, чоколадни намази, чоколади и сл.) и солени (чипсови, грицки, крекери и сл.);
  2. Органска и здрава храна (пакувани, конзервирани органски производи и производи за диетална прехрана)
  3. Безалкохолни и алкохолни пијалаци во кои содржината на алкохол е пониска од 15%;
  4. Основни прехранбени продукти (млеко и млечни производи, брашно, јајца, масло, оцет и дресинзи, мед и слатки намази и сл.);
  5. Конзервирани производи;
  6. Козметички производи (нега на лице, тело, коса и сл.);
  7. Производи за чистење и освежување на домот.

 

  • Набавка и/или изнајмување на материјали и опрема за подобрување на процесот на амбалажирање и стандардизација на производот;
  • Набавка на потрошни материјали за истражување и анализа на пазар (на пр.тестери, примероци на производи за тестирање, дегустација и сл.);
  • Ангажирање на експерти/консултанти за истражување и развој, анализа на пазар, маркетинг стратегија, иновациски менаџмент, бизнис развој, права на интелектуална сопственост, финансиски менаџмент, и друго);
  • Трошоци поврзани со обезбедување на квалитет преку стандардизација, сертификациија и слично;
  • Подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и индустриски дизајн;
  • Маркетинг трошоци поврзани за брендирање и промоција: ангажирање на дизајнери/ консултанти за креирање на бренд идентитет на производот, дизајн на амбалажа на производот, дизајн и изработка на промотивни материјали и друг тип на дизајни за маркетинг активности за унапредување на пазарниот пристап при пласманот;
  • Други трошоци поврзани со проектот (банкарски провизии,режиски трошоци, трошоци за сметководство, оперативни трошоци, трошоци за дистрибуција на производи и сл.)

Само трошоците настанати за време на проектот во согласност со одобрениот Буџет на проектот и реализирани до крајот на проектот се подобни за финансирање. Трошоците наведени во буџетот треба да соодветствуваат на активностите предвидени за реализација.

 

  • Бруто плати;
  • Набавка и/или изнајмување на опрема, освен опрема поврзана за процесот на амбалажa;
  • Набавка на суровини и материјали за производство;
  • Трошоци за набавки на стоки, услуги и работи од домашни јавни претпријатија;
  • Трошоци за камата или долг на која било страна;
  • Расходи и резервирања за минати и можни идни загуби или долгови;
  • Курсни загуби, и казни;
  • Трошоци за  храна и угостителство;
  • Трошоци за регрутирање на кадар (трошоци за објавување на оглас, провизии од агенции за вработување, трошоци поврзани со селекција на кандидати и слично) и трошоци за преселба;
  • Готовински исплати од наменската сметка за проектот;
  • Трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на сопственик/ици на Корисникот;
  • Трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на лица кои се вработени кај Корисникот;
  • Наем на деловен простор од закуподавец кој учествува во активностите на проектот или е поврзано лице со Корисникот;
  • Трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори;
  • Данок на додадена вредност (ДДВ), во случај кога наградениот субјект има право на поврат на ДДВ.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор (во натамошниот текст: Комисијата), а пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Во случај проектот да се базира на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, Натпреварувачот е должен, пред потпишувањето на Договорот за доделување на награда, да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за „in-kind“ придонес или друг вид на договор кој потврдува дека Натпреварувачот има право на користење на интелектуалната сопственост на која се базираат резултатите од проектот.

Фондот не е одговорен за спорови поврзани со правата на интелектуална сопственост помеѓу Корисникот на финансиските средства и трети страни.

Сите права на интелектуална сопственост и „know-how“ кои ќе бидат создадени за време на имплементација на Проектот и/или како резултат на спроведувањето на Проектот му припаѓаат на Корисникот и доколку е применливо, Корисникот треба да ги заштити правата на интелектуална сопственост.

Имплементацијата на проектот може да биде со времетраење од максимум 4 (четири) месеци.

Врз основа на оправдани околности Фондот може да одобри продолжување на спроведувањето на проектот за  дополнителен 1 (еден) месец врз основа на поднесено барање од страна на корисникот.

  • Еден (1) експерт од областа на предизвикот
  • Еден (1) експерт во областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба
  • Еден (1) претставник на ТИНЕКС МТ ДООЕЛ
  • Еден (1) претставник од партнерот ИМЕ
  • Еден (1) претставник на Фондот

Комисијата работи врз основа на Деловник за работа на Комисија за оценување и избор кој се усвојува на првиот состанок на Комисијата.

НАПОМЕНА: По барање на членовите на Комисијата, Фондот може да ангажира експерти кои ќе дадат стручно мислење за одредени апликации, соодветно на областа на нивната експертиза. Во таков случај, стручното мислење ќе биде земено предвид од членовите на Комисијата при оценувањето на апликацијата.

  • Постапката, од прием на пристигнатите апликации сѐ до селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор и доделување на финансиски средства на корисникот/ците, се состои од неколку чекори:

    • Административна проверка на проектната документација (дали е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик)
    • Прва оцена на предлог-проектот (предселекција)
    • Пичинг односно презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор (опционално)
    • Селекција на најдобри предлог-проекти 
    • Потпишување на договори
  • Степен на иновативност
  • Капацитет на проектниот тим
  • Пазарен потенцијал
  • Квалитет на проектот
  • Влијание

Главните критериуми и под-критериуми за евалуација на проектите се опишани во образецот на Табелата за оценување.

  • При аплицирање задолжително треба да се достават следниве документи:

    • Проектна документација (која треба да е потпишана од овластен претставник на Натпреварувачот и печатирана, а достапна е преку веб страницата на Фондот):
    • проектна апликација
    • буџет на проектот
    • изјава на Натпреварувачот за прифаќање на условите на Фондот
    • нотарски заверена изјава за сопственичка – основачка структура на Натпреварувачот
    • кратки биографии за проектниот тим (најмногу до 5(пет)лица)

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик. Проектната документација задолжително се доставува на обрасци изготвени од страна на Фондот. Проектната документација треба да се поднесува онлајн преку следниот линк: www.fitr.mk/startapheroi  со клик на копчето „Аплицирај“.

  • Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 25.05.2021 година, до 14:00 часот. За финансирање ќе бидат земени предвид само оние предлог проекти доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

    • Имаме фирма која работи без никакви загуби и долгови, но е постара од 6 години. Дали за да учествуваме на овој повик, треба да регистрираме нова? 

     

    • Согласно Јавниот повик, во делот „Критериуми за подобност на апликантот”, е наведено дека натпреварувачот треба да е новоосновано трговско друштво согласно Законот за трговска дејност и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија и од моментот на основање на трговското друштво до моментот на поднесување на апликација до Фондот да не поминале повеќе од 6 (шест) години. Со оглед дека трговското друштво е постаро од 6 години, истото е неподобно за аплицирање во овој повик.

     

    • Доколку на напреварот добиеме позитивна оценка и финансирање, дали можеме да вработиме луѓе за производство и дистрибуција отпосле, бидејќи се уште сме на идеја и тест период со одлични резултати. Во буџетот од апликацијата, нема ставка за бруто плати. Дали треба да се аплицира без оваа ставка, доколку бруто платите според Правилникот може да се финансираат? 

     

    • Трошоците за бруто плати на вработени се неподобни трошоци во рамките на овој Повик. Средствата од ФИТР нема да можат да се употребуваат за исплаќање на плати и придонеси и овие трошоци, доколку ги има, ќе треба да бидат покриени од Ваша страна.

     

    Дали средствата од овој повик може да се употребат за уредување и опремување на простор за производство за каков што имаме потреба?

     

    • Во делот „Трошоци неподобни за финансирање“ е наведено дека трошоците за набавка и/или изнајмување на опрема се неподобни, што значи дека овие трошоци не можат да бидат финансирани од страна на ФИТР. Ова не е случај, само кога се работи трошоци за опрема наменета или поврзана со процесот на амбалажa и стандардизација на производот кој согласно јавниот повик се подобни за финансирање. При дефинирање на трошоците треба да се земаат в предвид целите на предизвикот и фактот дека финансиската поддршка е главно насочена кон завршните фази на развојот на иновативниот производ заради овозможување на полесен пласман и реализација на иновативните производи во малопродажбата.

     

    • Што подразбрате под реченицатаДа ги исполнува комерцијалните и правни услови за влез во продажното портфолио на ланецот маркети”

     

    • Комерцијалните услови се однесуваат на тоа да има регистрирана фирма со која ке се направи комерцијален договор
    • Производот да има име, амбалажа и декларација со сите потребни податоци
    • Во однос на правниот дел, производот треба да е произведен согласно позитивните законски прописи и да го следи соодветна правна документација ( Пример решение од АХВ)

     

    • Дали има некое правило колкав процент од наведената сума од 600 000 денари можат да се искористат за набавка на амбалажа?

     

     

    • Согласно Јавниот повик, Набавка и/или изнајмување на материјали и опрема за подобрување на процесот на амбалажирање и стандардизација на производот е подобен трошок и нема ограничување во однос на висината на трошокот. Сепак, при планирањето на буџетот треба да се земе во предвид остварувањето на целите на самиот повик т.е. дали и колку предвидените активности /трошоци ќе придонесат кон успешен пласман на производот и истото соодветно да се образложи во рамки на проектната апликација.

     

    • Дали може трговски друштва да аплицираат?

     

    • На овој повик може да аплицира само трговско друштво. Согласно со утврдените критериуми тоа треба да биде: 1) новоосновано трговско друштво, основано во согласност со Законот за трговските друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија и 2) од моментот на основање на трговското друштво до моментот на поднесување на апликација до Фондот да не поминале повеќе од 6 (шест) години .

     

    • Дали може 2 компании заеднички да аплицираат на повикот?

     

    • Можноста за аплицирање во конзорциум или партнерство не е предвидена со овој јавен повик но секако постои можност за склучување на договор за соработка и /или поддоговор со правно лице за извршување на одредени работи поврзани со проектот.