Поттикнување на социјалното претрприемништво

Врз основа на член 27 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), а во врска со Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата oд 20.01.2020 година, арх.бр. 01-514/17, Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 година,арх.број 01-797/6, и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 01.06.2020 година, арх.број 01-1662/5, Фондот за иновации и технолошки развој на ден 09.09.2021 година, го објавува јавниот повик за:

                 ПОТТИКНУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Во денешниот променлив пост Ковид-19 свет, сведоци сме на многубројните предизвици кои чекаат на нас да ги решиме или барем да дадеме придонес во нивното решавање, а успехот на бизнисот повеќе не се мери само според неговите финансиски перформанси, туку и по тоа како придонесува кон подобрување на општеството. Во изминатите неколку години, евидентен е порастот на ентитети кои преземаат активности за решавање на еколошките проблеми, како што се одржливоста и климатските промени, но и социјалните нееднаквости, како што е ниското ниво на инклузивност или ниската разновидност во претпријатијата. Од друга страна, навиките и потребите на купувачите или корисниците на услуги се менуваат. Во светот, но се повеќе и кај нас, купувачите сакаат да знаат нешто повеќе за потеклото на производот или услугата. Дали е производот создаден без нарушување на природните или етичките кодекси или дали може да се рециклира се само дел од примерите на додадена вредност за која купувачите се подготвени да платат повеќе.

Социјалното претприемништво [1] како концепт на водење бизнис не е непознат процес во нашата економија, а во последниве години се повеќе се актуелизира преку разните програми кои циркулираат во стартап екосистемот и кои им помагаат на претприемачите да го дефинираат, мерат и да го зголемат позитивното влијание кое го остваруваат во општеството. 

Социјалното претприемништво односно новите форми на бизниси се обидуваат да создадат вредност или да генерираат позитивно влијание врз општеството нудејќи услуги или производи кои одговараат на специфични потреби на заедницата со понуда на не-конвенционални решенија за општествените предизвици. Овие ентитети се тесно поврзани со социјалните иновации [2] . Нивниот капацитет за иновација и мултипликација станува се посилен механизам за справување со предизвици кои придонесуваат кон исклучување и маргинализација на оние сегменти од општеството кои немаат капацитет сами да се справат со истите.

Типично, најголемиот дел од генерираните профити на новите форми на бизниси во рамки на социјалното претприемништво и нивните социјални иновации се реинвестираат на начин што дополнително ги поддржува целите за одржлив и инклузивен раст. Иновативните идеи на овие ентитети имаат капацитет да го направат светот подобро место. Инспирацијата зад социјалните иновации е да се реализира решение кое не само што ќе му помогне на социјалниот претприемач да генерира профит, туку и ќе направи позитивна промена во светот. На пример, наместо да прифаќаат производствени методи штетни за животната средина, социјалните претприемачи доаѓаат со идеи како околината да не биде оштетена, а сепак да се оствари профит.

Можеби најголемата предност да се биде социјален претприемач е влијанието што може да го имате врз општеството. Социјалните претприемачи создаваат деловни активности во различни сектори кои можат да имаат позитивно влијание врз општеството, вклучително и алтернативни извори на енергија, здравствени услуги и здрав животен стил, социјална заштита и едукација, адресирање на климатските промени и нееднаквостите. Придобивката од социјалните иновации е во слободата на истражувањето и создавањето на иновативни решенија што можат да инспирираат промени. Социјалните претприемачи често преземаат ризици и размислуваат надвор од постоечките рамки наоѓајќи се во постојана потрага по нови начини за решавање на проблемите.

Преку овој јавен повик, Фондот за иновации и технолошки развој се обидува да понуди решенија за некои од клучните предизвици со кои се соочува социјалното претприемништво во земјата:

  • Недостаток на поддршка за финансирање. Пристапот до соодветни финансиски инструменти е најголем предизвик за социјалните претприемачи. Постоечката понуда на финансиски инструменти не соодветствува со потребите и капацитетите на социјалните претприемачи и е недоволна во споредба со понудата што постои за комерцијалните претпријатија. Затоа, социјалните претприемачи се борат да го акумулираат потребниот капитал и главно ги вложуваат своите заштеди за да се справат со социјалните проблеми.
  • Способност за скалирање односно зголемување на капацитетот за раст и развој. Примарниот проблем со кој се соочуваат многу социјални претприемачи е недостатокот на можност за подигање на работењето на следно, повисоко ниво.
  • Двојност на мисијата. Социјалните претприемачи се стремат да создадат општествена вредност со решавање на разни социјални проблеми кои нѐ оптоваруваат. Преку овој предизвик, со создавање на вистински деловен модел и стратегија, им помагаме на социјалните претприемачи да создадат модел кој е истовремено влијателен и финансиски одржлив.

Овој предизвик на Фондот се реализира во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развојПаблик“ и Бизнис Импакт Лаб.

Партнерскте организации ќе обезбедат индивидуална менторска поддршка за избраните натпреварувачи во делот на комуницирањето на импактот, а ќе овозможат и пристап до национални и глобални програми за скалирање на нивните бизниси.

 

[1] Терминот социјално претприемништво покрива широк ранг на активности и иницијативи, вклучувајќи и општествени иницијативи имплементирани од страна на профитни бизниси, ентитети кои експлицитно спроведуваат општествена цел, релации и практики кои носат бенефити за општеството.

[2] Според дефиницијата на Европската Комисија, социјалната иновација значи развој на нови идеи, услуги и модели со цел подобро адресирање на општествените проблеми. Како концепт, социјалната иновација може да се однесува на производ, производствен процес, идеја, општествено движење или комбинација од предходно наведените.

Целта на овој повик е да се поттикне развојот на социјалното претприемништво преку поддршка на иновативни решенија за тековните социјални потреби и општествени предизвици (социјални иновации), обезбедувајќи притоа одржлив и инклузивен развој.

 

Скоро сите земји во светот ветија дека ќе ја подобрат планетата и животот на нејзините граѓани до 2030 година. Тие се посветија на 17 цели што го менуваат животот, наведени од ООН во 2015  година. Овие глобални цели, исто така познати како Цели за одржлив развој (ЦОР), вклучуваат крај на екстремната сиромаштија, давање на подобра здравствена заштита на луѓето и постигнување на еднаквост за жените. Она што е јасно е дека не само што се потребни паметни решенија, туку потребни се и ентитети со капацитети за иновации

Преку овој предизвик се овозможува поддршка во остварување на минимум една од следните цели за одржлив развој: 

Цел 1:

Да се стави крај на сиромаштијата во сите нејзини форми насекаде

Цел 2:

Да се стави крај на гладувањето, да се постигне безбедност на храната и подобрување на исхраната и да се промовира одржливо земјоделство

Цел 4:

Да се обезбеди инклузивно и еднакво квалитетно образование и да се промовираат  можностите за доживотно учење за сите

Цел 5:

Да се постигне родова еднаквост и да се охрабрат жените и девојчињата

Цел 8:

Промовирање на инклузивен и одржлив економски раст, вработување и пристојна работа за сите

Спроведувањето на проектот може да биде до 12 (дванаесет) месеци.

Фондот врз основа на оправдани околности може да одобри продолжувања на спроведувањето на проектот до 6 (шест) месеци.

За финансирање на проекти во рамки на овој повик обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000 (шест милиони) денари.

За поединечен предлог проект, Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет проценти) од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.500.000 (еден милион и петстотини илјади) денари за трговски друштва кои ќе се основаат во рок од 30 дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проект (во случај кога како Натпреварувач се јавува тим).

Од страна на Натпреварувачот треба да бидат обезбедени минимум 10% (десет проценти) од вкупниот буџет на проектот.

Средствата добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на Натпреварувачот – корисник на финансиски средства од Фондот.

Доколку нема доволно квалитетни предлог проекти или не се исполнети условите за финансирање, Фондот го задржува правото да не додели финансиски средства.

Критериумите за подобност кои треба да ги исполни натпреварувачот се:

  • да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија, или
  • здружение на граѓани основано согласно Законот за здруженија и фондации, регистрирано во Централниот Регистар на Република Северна Македонија, или
  • тим кој се состои од 2 (два) до 5 (пет) членови – физички лица

Во случај кога како натпреварувач се јавува трговско друштво, истото треба да ги исполнува следните критериуми за подобност:

  • годишните приходи на натпреварувачот да не надминуваат 1.000.000 (еден милион) евра во денарска противвредност, според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
  • просечниот број на вработени да не надминува 250 вработени;
  • од моментот на регистрирање на трговското друштво до моментот на поднесување на предлог проект во Фондот да не поминале повеќе од 6 (шест) години;
  • трговското друштво да е во сопственост на физичко, правно лице (кое не е во државна сопственост) и/или здружение на граѓани, и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност (со сопственички удел во натпреварувачот до 20%);
  • Натпреварувачот или неговите содружници/акционери да не се посредно или непосредно сопственици на над 20% во друго/и трговско/и друштво/а чии поединечни годишни приходи надминуваат 1.000.000 (еден милион) евра во денарска противвредност во претходните две фискални години и чиј просечен поединечен број на вработени не надминува 250 вработени, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis) да ги исполнува следните услови:
  • да нема акумулирано повеќе од 200 000 (двесте илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот;
  • да нема акумулирано повеќе од 100.000 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај;
  • да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието) и
  • да не се занимава со производство на јаглен.

Во случај кога како натпреварувач се јавува тим или здружение на граѓани и чиј предлог проект ја поминал фазата на селекција, натпреварувачот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51% од членовите на тимот, кое трговско друштво ќе ги преземе сите права и обврски во однос на спроведување на Проектот и кое ќе ги исполнува критериумите за подобност од јавниот повик.

Доколку предлог-проектот вклучува конзорциум, условите за член/от/вите на конзорциумот се исти како и за Водечкиот Натпреварувач.

При аплицирање во конзорциум[3], главен носител на проектот е Водечкиот Натпреварувач.

[3]Во случај на конзорциум сите членови на конзорциумот учествуваат во кофинансирањето на проектот

Предлог-проектот треба да опфати активности за развој на ново, иновативно решение во фази од потврден концепт до решение функционално во реална средина.

Активностите може да вклучуваат:

  • Активности за тестирање на нов производ, услуга или модел;
  • Активности за истражување и развој;
  • Дизајн и развој на прототип;
  • Активности за системско мерење на импактот на претпријатието
  • Човечки ресурси, вклучувајќи и екстерни соработници или консултанти
  • Активности за пристап до импакт и други инвеститори
  • Интернационализација на производи или услуги
  • Активности за мултиплицирање во други средини и други целни групи;
  • Процеси на дигитализација

Горенаведената листа на активности не е ограничувачка.

Трошоци подобни за финансирање

  • Бруто плати со вклучени додатоци на плата дефинирани согласно Законот за работни односи (работа за празник, работа во недела, работа во смени, ноќна работа и др.) за лица кои се или ќе бидат вработени кај корисникот на наградата и директно учествуваат во реализација на проектот. Износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот пред почетокот на проектот, намалени за износот на потенцијална државна субвенција примена по основ на плата;
  • Набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • Ангажирање на експерти/советници за истражување и развој;
  • Ангажирање на консултанти за потреби директно поврзани со резултатите на проектот (експертиза за иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на средства, бизнис развој, маркетинг експертиза за тестирање на пазарот и валидација на потенцијалните корисници, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго);
  • Под-договорни услуги за истражување и развој;
  • Обезбедување на квалитет, стандардизација и акредитација;
  • Подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и/или индустриски дизајн и
  • Канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, поднесување на годишна сметка за наменската сметка на проектот, трошоци за објава на оглас за јавни набавки, хостинг и останати видови на административни трошоци) во максимален износ од 15% (петнаесет проценти) од вкупниот буџет на проектот.

Трошоци неподобни за финансирање:

  • Додатоци на плата;
  • Трошоци за камата или долг на која било страна;
  • Расходи и резервирања за минати и можни идни загуби или долгови;
  • Курсни загуби и казни;
  • Трошоци за  храна и угостителство;
  • Трошоци за регрутирање на кадар (трошоци за објавување на оглас, провизии од агенции за вработување, трошоци поврзани со селекција на кандидати и слично) и трошоци за преселба;
  • Купување на земја или згради, вклучително и реновирање.
  • Готовински исплати од наменската сметка за проектот;
  • Трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на лица кои се вработени кај Корисникот;
  • Извозни активности (трошоци директно поврзани со извоз на производи, со основање и работење на мрежа на дистрибуција и слично)
  • Годишни такси за одржување на патент (со исклучок на добро оправдани случаи преценети како дозволив трошок при евалуација на предлог проектите).
  • Tрошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на сопственик/ици на претпријатие кое е корисник на наградата;
  • Наем на деловен простор од закуподавец кој учествува во активностите на проектот или е поврзано лице со Корисникот на наградата;
  • Набавка на патнички, товарни и транспортни возила;
  • Набавка на половна опрема;
  • Данок на додадена вредност (ДДВ), во случај кога наградениот субјект има право на поврат на ДДВ;
  • Трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори.

Трошоците предвидени во буџетот на проектот треба да соодветствуваат на активностите предвидени во проектната апликација.

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот, а кои се во согласност со одобрениот Буџет на проектот и Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата, ќе се сметаат за подобни трошоци.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор (во натамошниот текст: Комисијата), а пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

 

Во случај проектот да се базира на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, Натпреварувачот е должен, пред потпишувањето на Договорот за доделување на награда, да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за „in-kind“ придонес или друг вид на договор кој потврдува дека Натпреварувачот има право на користење на интелектуалната сопственост на која се базираат резултатите од проектот.

Фондот не е одговорен за спорови поврзани со правата на интелектуална сопственост помеѓу Корисникот на финансиските средства и трети страни.

Сите права на интелектуална сопственост и „know-how“ кои ќе бидат создадени за време на имплементација на Проектот и/или како резултат на спроведувањето на Проектот му припаѓаат на Корисникот и доколку е применливо, Корисникот треба да ги заштити правата на интелектуална сопственост.

Постапката, од прием на пристигнатите апликации се до селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор и доделување на финансиски средства наградените натпреварувачи, се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на пријавите (дали апликацијата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик)
  • Прва оцена на предлог-проектот (предселекција)
  • Пичинг односно презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор (опционално)
  • Селекција на најдобри предлог-проекти 
  • Потпишување на договори

Секој предлог-проект се оценува од Комисија за оценување и избор која се состои од:

  • Двајца (2) претставници надворешни експерти од областа на предизвикот
  • Двајца (2) претставници од партнерските организации
  • Еден (1) претставник на Фондот

Комисијата работи врз основа на Деловник за работа на Комисија за оценување и избор кој се усвојува на првиот состанок на Комисијата.

НАПОМЕНА: По барање на членовите на Комисијата, Фондот може да ангажира експерти кои ќе дадат стручно мислење за одредени апликации, соодветно на областа на нивната експертиза. Во таков случај, стручното мислење ќе биде земено во предвид од членовите на Комисијата при оценувањето на апликацијата.

 

Главните критериуми за оценување на предлог проектите се:

  • Степен на иновативност
  • Капацитет на проектниот тим
  • Квалитет на проектот
  • Потенцијал за имплементација / пазарен потенцијал
  • Влијание

Фондот го задржува правото да не додели награда доколку нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно овие Правила и условите наведени во Јавниот повик.

Главните критериуми и подкритериуми за евалуација на проектите се опишани во образецот на Табелата за оценување.

При аплицирање задолжително треба да се достават следниве документи:

Проектна документација (која треба да е потпишана од овластен претставник на Натпреварувачот и печатирана, а достапна е преку веб-страницата на Фондот):

–  Уредно пополнет образец за проектна апликација

–  Уредно пополнет образец за буџет на проектот

–  Изјава на Натпреварувачот за прифаќање на условите на Фондот

– Нотарски заверена изјава за сопственичка – основачка структура на Натпреварувачот (освен во случај кога како Натпреварувач се јавува тим или здружение, истата се доставува по основање на трговското друштво).

– Кратки биографии на главните лица ангажирани во проектот (најмногу за пет лица) на македонски јазик

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик. Проектната документација задолжително се доставува на обрасци изготвени од страна на Фондот.

Проектната документација заедно со кратки биографии да се прикачат на формуларот со клик на копчето „Аплицирај“.

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 22.10.2021 година, до 14:00 часот.

За финансирање ќе бидат земени во предвид само оние предлог проекти кои се доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 20.01.2020 година и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 и 01.06.2020 година.

За сите дополнителни информации можете:

  • да ни пишете на електронската адреса:sp@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број: 02 3145 258

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани; бесплатна техничка помош од експерти и менторски работилници.

Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот како и на социјалните мрежи (Фејсбук и Инстаграм).