Со ИКТ решенија до креирање на систем што ќе ја надгради општествената одговорност на граѓаните во време на Ковид 19

Имплементација на ИТ решенија во справување со Ковид 19 презентираа денес компаниите ДУНА и Грин ИТ, кориснички на ФИТР, на средба со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Компанијата ДУНА креираеше иновативен уред – високо квалитетен бесконтактен термален терминал кој скенира ликови, мери температура и регистрира дали лицето носи маски, додека компанијата ГРИН ИТ веќе има успех со апликацијата Challenger Дома со која се поттикнува општествено одговорно однесување во време на Ковид но и поддршка за локалните бизниси. Целта е ваквите “паметни“ решенија да се спојат со цел поголем придонес во справувањето со коронакризата и зголемена јавна свест и одговорност.

Ова е почеток на нова иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој за поврзување и соработка домашните компании кои ги поддржува Фондот, најави директорот Јован Деспотовски.

„Многу сум задоволен од ова што го видовме денес, како и од посветеноста и ангажираноста на нашите сограѓани во време на коронакризата и постојано изнаоѓање решенија кои ќе ни помогнат во справувањето и адаптирањето на животот во овие изменети околности. И во рамки на нашиот јавен повик Креатон избравме 16 ИТ решенија за справување со последиците од Ковид 19 кои веќе даваат резултати, но сега сакаме да одиме чекор напред. Решението на компанијата ДУНА со кое се препознава дали лицата носат заштитни маски да се спои со апликацијата на Челинџер со што корисниците би биле наградени за нивното одговорно однесување. На овој начин сакаме да поттикнеме креирање на систем што ќе ја надгради општествената одговорност за граѓаните. “ изјави Деспотовски.

Министерот Манчевски порача дека во следниот период ќе се работи на засилена соработка меѓу јавниот и приватниот сектор и ги повика младите да ја користат поддршката од државата за развој на сопствен бизнис.

“ИКТ индустријата е еден од стобловите на идниот економски развој на државатата, но она што е клучно е што со поддршката на домашните компании преку ФИТР се развиваат македонски производи кои може да се користат и од страна на инстутуциите. Ова што го гледаме денес овде е добар пример за сите млади луѓе дека треба да ги користат сите махенизми со кои ја поддржуваме ИТ индyстријата но и да развиваат наши домашни автентични производи, наместо да работат како аусторсинг. Истовремено преку мерките за преквалификации и програмата за дигитални вештини младите имаат можност да се ангажираат во овој сектор и да развиваат иновативни решенија за поширока примена, “ нагласи Манчевски

Инаку решението на компанијата ДУНА, Вектор-19 е уред кој може да се инсталира во која било просторија, во компании, во училишта, болници, во државни институции, а со него бесконтакно се овозможува мерење на температурата на секој кој влегува во просторијата, му се препознава ликот и се контролира носењето односно неносењето маска. Снимањето е во текот на 24 часа и има континуиран мониторинг. Од компанијата велат дека како иновативна и општествено одговорна активно се вклучиле во наоѓање решенија кои ќе помогнат во борбата со коронавирусот.

„ДУНА е веќе 26 години на македонскиот пазар и важи за инoвативна компанија која работи на креирање корисни решенија. Во екот на корона-кризата заедно со нашите инженери го развивме овој продукт чија базата на податоци ќе биде корисна и во анализа на ширење на болеста и превентивата од неа. Ние работиме на иновации, но важна ни е поддршката од Фонодот и се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина,“ изјави Александар Пајковски, сопственик на компанијата.

Од друга страна мобилната апликација Challenger Дома веќе има 2700 активни корисници, а до сега се преземени преку 2500 купони за попуст од над 70 компании. Апликацијата на компанијата Грин ИТ поддржана во рамките на јавниот повик Креатон на ФИТР, користи гео-локација на мобилниот телефон, за да верифицира на секои 30 минути дали навистина сте останале дома. За секој час поминат дома корисниците добиваат таканаречени Дома поени кои можете да ги разменат за купони за попуст во локални македонски бизниси. Симон Јаневски, од оваа компанија вели дека придобивката од ова решение е двојна – задоволни се и малите бизниси, а луѓето стануваат општествено одговорни.

ФИТР ќе продолжи со поттикнување на ваков тип на соработка на домашните компании.