Објавен регионален повик за финансирање проекти за справување со климатски промени

Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Македонија 2025 и други партнерски организации објави предизвик наменет за справување со последиците од климатските промени.

Вториот О2 Предизвик овозможува поширок опсег на натпреварувачи да се вклучат со свои идеи во решавањето на проблемот со климатските промени, а  со овој повик се отвора можност за воспоставување на партнерства од регионот на Западен Балкан (WB6) во кој спаѓаат Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија.

Натпреварувачите треба да понудат иновативни решенија со кои ќе придонесат кон намалување на емисиите на стакленички гасови или со кои се подобрува отпорноста кон климатските промени.

“Она што е важно за овој јавен повик се три клучни пораки #Климатски промени, #млади, #регион. Климатските промени ги избравме намерно како тема бидејќи тоа е тема што не мачи сите. Постојано зборуваме за загадениот воздух, за ѓубрето по улиците, зборуваме постојано за економски раст кој треба да биде базиран на оддржливост. Со други да преземе активности со кои ќе растеме економски, ќе бидеме побогати, но нема да крадеме од ресурсите на иднина. Она ште исклучително важно е дека за првпат пилотираме јавен повик во кој може да се вклучат и партнери од регионот. Проектите со регионална соработка ќе имаат дополнителен број на поени при бодувањето. Третата важна порака се младите. Зошто велам млади,бидејќи една од клучните мисии на Фондот е токму поттикнување на младите да се вклучат во општествените процеси. Денеска сакам да упатам покана до сите млади луѓе не само во Северна Македонија туку и во регионот да се охрабрат, да размислат и да аплицираат со свои идеи на овој јавен повик,“ изјави Јован Деспотовски директор на Фондот.

Нарине Сахакjан, претставничката Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава, нагласи дека климатските промени се тема која што не засега сите и дека денеска зборуваме за потреба од преземање на итни мерки во справување со климатските промени.  Таа исто така очекува од оваа иницијатива да произлезат идеи и проекти кои ќе придонесат кон имплементација на политиките и активностите поврзани со климатските промени.

“Сакам да ги охрабрам сите, ако имате идеа и храброст да ја имплементирате и сакате да бидете предводник во справувањето со климатските промени што е еден од најголемите предизвици на модерното време, искористете ја оваа можност и аплицирајте. Бидејќи секоја идеа е важна. Тоа е возможно само со придонес од сите кои сакаат да го сменат светот. Ако сакате да ја направите вашата земја да стане подобро место за живеење ова е  единствениот начин тоа да стане реалност“, изјави Сахакjан.

Заменикот министер за животна средина Јани Макрадули нагласи дека министерството е отворено да им даде поддршка на сите, а особено на младите да ги реализираат своите идеи и проекти за справување со последиците од климатски промени преку овој предизвик.

„Дека ваквите предизвици се позитивни говори и фактот дека учесниците кои добија награди од ФИТР во рамките на претходниот повик, беа меѓународно признаени на голем број саеми и натпревари.  Една од најдобрите алатки во борбата со справувањето со климатските промени и со аерозагадувањето е иновативноста. Но покрај ентузиазмот, сметам дека главната улога треба да ја изиграат компаниите и тие да бидат главниот двигател“, рече Макрадули.

За финансирање проекти под овој повик обезбеден е вкупен износ од 5.000.000 (пет милиони) денари. Преку овој  инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 85% (осумдесет и пет проценти) од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 30.000,00 (триесет илјади) евра во денарска потиввредност. Преостанатиот износ од вкупниот буџет за проектот односно минимум 15% од вкупниот буџет на проектот треба да биде обезбеден од натпреварувачот.

Проектите ќе бидат оценувани според пет критериуми влијание на животната средина и справување со климатски промени,  степен на инивативност, квалитет на предлог проект, капацитет на проектниот тим односно конзорциумот и од потенцијал на пазарот. Евалуацијата и изборот ќе го спроведе комисија за избор составена од претставници на вклучените институции, организации и партнери.

Предвидени се и специјални награди и тоа, за три од тимовите кои влегле во фазата на селекција ќе има студиско патување во Израел -“Start-up Nation & Mentorship” кое ќе вклучи можност за средба и размена на искуства со водечки компании, акцелератори и хабови во областа на високата технологија и одржливост.  Наградата ќе ја обезбедат Кајама центарот за одржлив дизајн од Израел и Министерството за надворешни работи на Израел. За еден од тимовите кои влегле во фазата на селекција Македонија 2025 пак обезбедува договор за екстензивно партнерство за идно менторирање, консултации или друг тип на услуга за време на имплементацијата на проектот.

Македонија 2025 и Амбасадата на Државата Израел во Северна Македонија на 15.03 ќе спроведат и менторски настан – „Климатски промени и чист воздух“ на кој потенцијалните апликанти ќе добијат можност за менторска помош при подготвување на нивните апликации.

Повикот е отворен од 06.03. 2020 до 15.04.2020 година. Повеќе информации за начинот на аплицирање и потребна документација на www.fitr.mk/predizvikklimatski/