Maкедонската компанија Innovation создаде иновативен уред за мерење шеќер во крвта без боцкање

Македонската компанија Innovation создаде безжичен уред ECG Alert со кој освен што се следи работатата на срцето, се мери и нивото на шеќер во крвта. Иновацијата, која е единствена од овој тип во светот, е веќе заштитена преку два нови патенти поднесени до Светската организација за заштита на интелектуелна сопственост WIPO, а публикувана е и во повеќе научни списанија.

За изумот, кој се развиваше со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој во изминатите две години, разговараме со проф. д-р Марјан Гушев, CEO на компанијата InnovationТој ни објасни како оваа современа и неинвазивна метода, ќе даде голем бенефит и за пациентите и за медицинските системи.

Професоре Гушев, објаснете ни што е проектот Глуко и за кого е наменет?

Глуко е проект чија цел е да создаде медицинско средство – уред кој мери ниво на гликоза во крвта со безжичен ЕКГ сензор. Тој се носи на телото преку лепенки и претставува неинвазивна метода, што ќе ги замени методите за мерење на гликоза со боцкање на прстот, во кое секое мерење на нивото на шеќерот во крвта пациентите го плаќаат со капка крв. Уредот може да го користи секој пациент во домашни услови, без притоа да има потреба да ги нарушува своите дневни активности. Со истиот уред се мери и работата на срцето и нивото на гликоза во крвта.

За проектот Глуко, компанијата Innovation соработуваше со Фондот за иновации и технолошки развој, како дел од инструментот за подобрување на иновативноста. Реализацијата на Глуко започна во октомври 2018 година, а заврши на крајот на минатата година.  

Како точно функционира оваа неинвазивна метода на мерење на шеќерот во крвта?

Мерењето се врши на тој начин што безжичниот сензор се прицврстува на телото преку две лепенки – електроди и се носи за долготрајно мерење. Уредот испраќа сигнал до паметниот мобилен телефон преку блутут врска, на кој се прикажуваат мерењата и резултатите. Податоците, исто така се испраќаат и до сервер во облак на интернет, каде што се процесираат. На тој начин докторите или лицата кои се грижат за пациентот што го носи уредот и чии мерења треба да се отчитаат, можат многу лесно и во секое време да имаат пристап до резултатите. Тие можат да користат повеќе алатки за мониторинг и создавање извештаи, а резултатите од мерењата се широко достапни преку интернет.

Иновативниот метод на мерење на шеќер во крвта следува по еден друг ваш проект, ECG Alert уредот. Како се поврзаа овие два иновативни проекти?

Во периодот од 2017 до 2018 година реализиравме успешен проект со Фондот за иновации и технолошки развој во кој создадовме уред за мониторинг на работата на срцето. Во текот на изработката на тој проект, дојдовме до повеќе научни сознанија, според кои заклучивме дека преку работата на срцето може да следиме како функционира и  автономниот нервен систем кој е одговорен и за регулацијата на гликозата во крвта. Во процесот употребивме нови методи за пресметка на варијабилност на срцевиот ритам и повеќе методи од вештачката интелигенција вклучувајќи машинско учење (Machine Learning) и длабоко учење (Deep Learning).

Како резултат на тоа ние за прв пат во светот создадовме прототип на уред за безжично мерење на нивото на гликоза преку мерење на работата на срцето. Резултатите од нашето истражување се заштитени преку два нови патенти поднесени до Светската организација за заштита на интелектуална сопственост WIPO, а публикувани се и шест статии во научни списанија со фактор на влијание и 16 статии во зборници од меѓународни конференции.

Кои се вашите идни планови поврзани со проектот Глуко?

Целта ни е да се финализира и комерцијализира продуктот за што е потребна демонстрација во големи размери и усовршување според препораките на корисниците. Исто така производот ќе треба да се сертифицира како медицинско средство во Европа и да добие соодветен заштитен знак за квалитет и безбедност (CE Mark). Пред да преминеме на продажба ќе треба да се лиценцира и во секоја европска држава.

Извесно е дека овој процес ќе трае од една до две години, а исто така се потребни и дополнителни средства. Сметаме дека бизнис потенцијалот на Глуко е огромен, со оглед на големиот број на потенцијални корисници, кој се движи до 5 отсто од општата популација, како и заради  огромниот обрт на финансии во областа на медицински мерни инструменти за мерење на гликоза и следење на работата на срцето.