Кофинансирани грантови за технолошки развој

 

Цели

Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи (во понатамошниот текст само „ПЗУ“), кои ги исполнуваат условите од Правилникот.

Јавниот повик се спроведува по РЕДОВНА и СКРАТЕНА ПОСТАПКА и се однесува на кофинансирање на предлог проекти до 30%(триесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 10.000.000,00 (десет милиони) денари по апликант и тоа:

  • за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е до 10 вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 50.000,00 (педесет илјади) евра согласно финансиските извештаи за последните две фискални години, финансирање во максимален износ од 5.000.000,00 (пет милиони) денари,
  • за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 10 до 250 вработени и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 50.000,00 (педесет илјади) евра, а помал од 10.000.000,00 (десет милиони) евра согласно финансиските извештаи за последните две фискални години, финансирање во максимален износ од 10.000.000,00 (десет милиони) денари.

Предлог проектите може да бидат поднесени од поединечен aпликант или од конзорциум предводен од претпријатие или ПЗУ кое ги исполнува критериумите за подобност предвидени со правилникот на инструментот. Поединечен aпликант може да склучи договор за соработка (поддоговор за услуги) за истражување и развој со установи кои вршат високообразовна и/или научноистражувачка дејност од земјата и од странство или друго претпријатие и/или ПЗУ.

Преостанатите 70% (седумдесет проценти) од вкупниот буџет на проектот треба да бидат обезбедени од апликантот (средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на апликантот).

РЕДОВНА ПОСТАПКА – финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ), кои ги исполнуваат условите од Правилникот за Инструментот за кофинансирани грантови за технолошки развој.

СКРАТЕНА ПОСТАПКА или “FAST TRACK”

Апликантите чии предлог проекти не биле одобрени за финансирање од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, а ја поминале фазата на административна проверка и фазата на претселекција, можат повторно да аплицираат на јавен повик по скратена постапка со истиот, односно подобрен предлог проект со кој учествувале на претходен јавен повик на Фондот.

Можноста за аплицирање по скратена постапка важи за сите јавни повици на ФИТР објавени во период од 12 месеци по добиено известување за резултатите од претходниот јавен повик.

Критериум за подобност

Подобни за финансирање под овој инструмент се апликантите кои ги исполнуваат следните критериуми:

  • да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија или приватна здравствена установа основана согласно Законот за установи и Законот за здравствената заштита регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • да е претпријатие или ПЗУ со максимум 250 вработени;
  • годишните приходи на апликантот да не надминуваат 10.000.000,00 (десет милиони) евра според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
  • да не е поврзан со друго претпријатие или ПЗУ каде што збирните годишни приходи надминуваат 10.000.000,00 (десет милиони) евра и збирниот број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • да нема поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis)

односно:

  • да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двестотини илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да нема аклумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието); и
  • да не се занимава со производство на јаглен.