Јавен повик за финансирање на истражувачки проекти во основните и средните училишта „Предизвик за млади истражувачи #4 - ЗЕЛЕНИ ПРОЕКТИ”

Врз основа на Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата oд 20.01.2020 година, арх.бр. 01-514/17, Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 година, арх.број 01-797/6, и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 01.06.2020 година, арх.број 01-1662/5, Фондот за иновации и технолошки развој на 17.03.2021  година објавува

 

Јавен повик за финансирање на истражувачки проекти во основните и средните училишта „Предизвик за млади истражувачи #4 – ЗЕЛЕНИ ПРОЕКТИ

 

Една од целите на современите образовни системи е да ги поттикне учениците слободно да размислуваат и да наоѓаат креативни решенија за проблемите и прашањата со кои се соочуваат. Истовремено е важно да се негува детската љубопитност за осознавање на светот на начин кој ќе ги преиспитува однапред дефинираните вистини. Целта е да се поттикнат наставниците и наставничките, ученичките и учениците да ги препознаат своите способности, да ги усовршуваат своите вештини и да соработуваат во насока на остварување на заеднички цели. Само така ќе можеме да израснеме генерации кои ќе го унапредат начинот на кој размислуваме, начинот на кој ги практикуваме секојдневните активности и меѓусебно комуницираме.

Зачувувањето и унапредувањето на животната средина е еден од основните приоритети како на глобално ниво, така и на национално ниво, а воедно и една од темите кои се најчесто застапени во досегашните истражувачки проекти.

Поаѓајќи од ова, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Министерството за образование и наука (МОН) Ве повикуваат да учествувате на новиот Предизвик за млади истражувачи 4 – ЗЕЛЕНИ ПРОЕКТИ“.

Истражувачките проекти треба да бидат од областите на природните и техничките науки. Процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување.  Резултатите од истражувачкиот проект треба да бидат применливи во зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот.

Времетраењето на истражувачкиот проект не треба да надминува 12 (дванаесет) месеци.

Предложените истражувачки проекти треба да бидат комплементарни на наставните програми и да соодветствуваат со когнитивните способности на возрасната група.

Предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати, како што се на пример: истражувачки есеј, изработка на проектна задача, изработка на прототип, аудио-визуелен материјал, дигитален материјал и слично. Посебно се охрабруваат проекти чии резултати ќе произведат дигитален материјал кој може да биде користен за реплицирање на слични проекти од страна на останатите училишта.

Проектните активности можат да вклучуваат модел на далечински активности, активности спроведени индивидуално од учениците во домашна средина, хибриден модел на далечински активности во комбинација со физичко присуство и активности во мали групи, како и активности со физичко присуство кои се во согласност со протоколите за заштита од Ковид-19.

Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 3.000.000 (три милиони) денари.

Ќе бидат доделени награди во вид на грант во две категории:

  • Категорија 1: Истражувачки проекти во основното образование
  • Категорија 2: Истражувачки проекти во средното образование

Буџетот на поединечен предлог проект може да биде минимум 100.000 (сто илјади) денари и не може да надминува 200.000 (двесте илјади) денари.

Средствата ќе бидат исплатени авансно, во две рати и тоа, првата рата во износ од половина од вкупниот буџет на проектот ќе биде исплатена по потпишување на Договорот за доделување на награда, втората рата ќе биде исплатена согласно динамиката на трошење на средствата откако ќе бидат потрошени минимум 80% од првата исплата.

На сите членови на тимовите од предселектираните предлог-проекти, Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за образование и наука ќе им додели сертификати за учество во предизвикот.

Опремата набавена со средствата доделени за спроведување на проектот ќе остане во сопственост на училиштата – добитници на наградите. 

Грантот ќе вклучува и награда во износ од 30.000 (триесет илјади) денари по наставничка/наставник за успешно спроведениот проект за наставниците и наставничките кои ќе ги предводат наградените проекти, а овие средства ќе може да се искористат за набавка на: персонален компјутер, таблет, печатач и/или друг тип на ситна дигитална опрема применлива во наставниот процес.

Фондот го задржува правото да не ги додели сите награди доколу нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно Правилата.

Повикот се однесува на сите основни и средни училишта на територијата на Република Северна Македонија и за сите креативни ученички и ученици со желба да истражуваат и кои имаат особен интерес во зачувување и унапредување на животната средина. 

Натпреварувачот треба да биде основно или средно училиште кое е:

  • основано согласно Законот за основното образование, односно Законот за средно образование;
  • запишано во Централниот регистар на Република Северна Македонија и
  • поседува Решение за верификација донесено од Министерството за образование и наука.

Секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим кој се состои од:

  • 1-2 (еден/на до два/е) наставника/чки – ментор/ки на проектот;
  • 5-10 (пет до десет) ученици/чки.

Преку овој повик, Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за образование и наука сакаат да потенцираат дека секое дете и млад човек има способности да се вклучи во процес на истражувачки активности. За да го поттикнеме размислувањето во насока на негување и примена на овие способности охрабруваме проекти кои:

  • Имаат интердисциплинарен карактер;
  • Предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично);
  • Се поднесени од училишта од рурални средини.

Активностите предвидени во предлог проектот треба да соодветствуваат на активностите на истражување и развој, односно предлог проектот треба да вклучува активности кои ќе ја тестираат дефинираната хипотеза по пат на експеримент и набљудување.

Трошоците предвидени во буџетот на проектот треба да соодветствуваат на активностите предвидени во проектната апликација.

Трошоци подобни за финансирање се:

  • набавка и/или изнајмување на опрема за истражување и развој (лабораториска опрема, дигитална опрема и слично);
  • набавка на потрошни материјали за истражување и развој (реагенси, електронски делови и друг вид на потрошни материјали вклучувајќи и канцелариски материјал);
  • трошоци наменети за изработка на промотивни материјали до 10.000 (десет илјади) денари;
  • административни трошоци (банкарски провизии, поднесување на годишна сметка за наменската сметка на проектот, трошоци за објава на оглас за јавни набавки).

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот се подобни за финансирање.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

При формулирањето на предлог проектите, како и при нивното спроведување натпреварувачите и добитниците на наградите треба да се придржуваат до основните етички принципи на истражувачката работа и тоа:

  • Да ја почитуваат индивидуалната автономија и правото на самоопределба;
  • Да не нанесуваат штета на луѓето, животните и животната средина;
  • Да се стремат кон еднаков и праведен третман на сите;
  • Да не ги нарушуваат правата на интелектуална сопственост на трети страни.

Оценувањето, селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор на добитници на наградите, се врши од страна на Комисија за оценување и избор.

Оцената на проектите се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на пријавите (дали пријавата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик);
  • Прва оцена на предлог-проектите (предселекција);
  • Селекција на најдобри предлог-проекти (по презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор);
  • Потпишување на договори со наградените училишта.

Секој предлог-проект се оценува од Комисија за оценување и избор, од најмалку 5 (пет) члена која вклучува:

  • Претставник на Фондот за иновации и технолошки развој;
  • Претставник на Министерството за образование и наука ;
  • Претставник од Бирото за развој на образованието;
  • Претставници од партнерските организации.

Секој предлог проект ќе биде оценуван по следните критериуми:

Критериум

Вредност

1. Усогласеност на предлог проектот со целите на јавниот повик

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои ќе понудат оригинални идеи за истражувачки проeкти кои се комплементарни со наставните програми, но не се дел од стандардната наставна содржина.

Најмногу поени ќе добијат и оние предлог-проекти кои активно ги вклучуваат членовите на тимот во генерирање на научно знаење.

Предност ќе имаат проекти со интердисциплинарен карактер.

25%

2. Капацитет на проектниот тим

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите чиј проектен тим вклучува членови со различни мотиви, вештини и способности соодветни на активностите предвидени во предлог проектот како и инклузивни тимови.

30%

3. Квалитет на предлог-проектот

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат оние предлог-проекти кои јасно и соодветно ги имаат дефинирано хипотезата, фазите на истражување и развој и очекуваните резултати.

25%

4. Применливост на резултатите од истражувањето и дисеминација

Најмногу поени под овој критериум ќе добијат натпреварувачите чии предлог-проекти водат кон резултати кои имаат потенцијал за практична примена во зачувувањето и унапредувањето на животната средина.

Најмногу поени ќе добијат и оние проекти кои предвидуваат активности за промоција на резултатите од проектот во насока на мултипликација на искуствениот научно-истражувачки процес и стекнатото знаење како и проектите кои ќе резултираат со дигитален материјал кој може да биде користен за реплицирање на слични проекти од страна на останатите училишта.

20%

Вкупно

100%

 



За да се пријави на Предизвикот за млади истражувачки и истражувачи секој натпреварувач треба да:

  • Поднесе Проектна апликација со Буџет на проектот, пополнета, потпишана и печатирана во образец определен од страна на Фондот, скенирана во PDF формат

Образецот на Проектната апликација е достапен и може да се преземе од интернет страницата на Фондот преку копчето „ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТАЦИЈА“.

Поднесувањето на Проекнтата апликација се врши со пополнување на основни податоци и прикачување на Проектната апликација преку копчето „АПЛИЦИРАЈ“.

Фондот го задржува првото од натпреварувачот да побара и дополнителна документација во сите фази на постапката. Натпреварувачот е должен побараната документација да ја достави во рок определен од страна на Фондот. 

Пријавувањето на Предизвикот за млади истражувачки и истражувачи трае до 20.04.2021 година заклучно со 23.59 часот.

За доделување награди ќе бидат земени предвид само оние предлог – проекти кои се пополнети во обрасците определени за овој предизвик од страна на Фондот,  доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

 

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата.

За сите дополнителни информации можете:

  • да ни пишете на електронската адреса: predizvikzamladi@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број  389 (0) 23145258

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог-проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на социјалните мрежи.

  1. Со колку проекти може да аплицира едно училиште?
  • Секое училиште може да аплицира со НЕОГРАНИЧЕН број на предлог-проекти.
  1. Дали едно училиште може да аплицира со проект кој е поднесен на некој од претходните јавни повици за Предизвик за млади истражувачи?
  • Фондот нема да поддржи активности и трошоци кои се финансирани во рамки на претходно награден проект. Предлог проекти кои биле поднесени на некој од претходните повици за Предизвик за млади истражувачи но не биле наградени може да бидат повторно поднесени од страна на апликантот под овој јавен повик. Со цел изработка на поквалитетен предлог проект, се препорачува апликантот да ги следи препораките за подобрување доставени од страна на Фондот.
  1. Дали наградата од 30.000 денари се дели на наставниците-ментори на проектот или секој наставник добива по 30.000 денари?
  • За проектите наградени во рамки на „Предизвик за млади истражувачи #4 – Зелени проекти“, наставниците и наставничките кои ќе ги предводат наградените тимови за успешно спроведениот проект ќе добијат и награда во износ од 000 (триесет илјади) по наставничка/наставник, средства кои ќе можат да ги искористат за набавка на персонален компјутер, таблет, печатач и/или друг тип на ситна дигитална опрема применлива во наставниот процес.
  1. Дали истражувачкиот тим може да вклучува наставници/наставнички од различни наставни предмети на пр. Хемија и физика или предметен наставник/чка и одделенски наставник/чка или наставник кој не предава природни или технички науки?
  • Може. Се охрабруваат предлог-проекти кои имаат интердисциплинарен карактер.
  1. Дали едно училиште може да аплицира во партнерство со друго училиште?
  • Како апликант може да се јави само едно училиште. Наградата се доделува на училиштето апликант со кое Фондот склучува договор. Сите финансиски средства се исплаќаат на донаторска сметка отворена од страна на награденото училиште. Во активностите на проектот можат да учествуваат различни партнер институции но финансиски трансфери кон партнер институциите не се дозволени.
  1. Дали патните трошоци се прифатливи трошоци?
  • Кај проектите наградени во рамки на „Предизвик за млади истражувачи #4 – Зелени проекти“ согласно спецификациите на јавниот повик, патните трошоци НЕ СЕ ПОДОБНИ ТРОШОЦИ за финансирање од страна на Фондот.
  1. Дали се дозволени трошоци за услуги?
  • При набавка на опрема дозволени се трошоци поврзани со транспорт и монтажа на опремата вклучени во набавката од страна на добавувачот. Дозволени се и трошоци за услуги поврзани со набавка на промотивен материјал.
  1. Како се вршат исплаќањата и како се располага со доделените средства?
  • Доколку еден предлог проект е награден, училиштето отвара посебна донаторска сметка за спроведување на проектот. На почетокот, Фондот на донаторската сметка на проектот исплаќа 50% од вкупниот буџет на проектот. По реализација на минимум 80% од исплатените средства, корисникот до Фондот по електронски пат испраќа барање за втора исплата со прилог банкарски изводи од донаторската сметка и копии од фактурите. По извршена проверка дека реализираните трошоци се во согласност со буџетот на проектот, Фондот ја врши втората исплата од 50% од вкупниот буџет на проектот.
  • По одобрување на завршниот извештај за реализираниот проект, Фондот на донаторската сметка на проектот гo исплаќа износот за наградата на наставникот/наставниците.
  1. Како се реализираат јавните набавки во рамки на проектот?
  • Набавките кои се вршат од буџетот на проектот финансиран под „Предизвик за млади истражувачи“ во Планот на јавни набавки влегуваат во рамките на севкупните набавки во училиштето. Доколку се набавува опрема со спроведување на тендерска процедура, опремата која се набавува преку проектот влегува во јавната набавка, а во Одлуката се специфицира кој дел од јавната набавка ќе биде исплатен од буџетот на проектот.
  • Доколку се вршат набавки на опрема од странство, истото се спроведува согласно упатствата за вршење на платен промет со странство (со пополнување на образецот 1450) https://www.nbrm.mk/prebaruvanje.nspx?q=1450, https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-upatstvo_za_popolnuvanjie_na_obraziets_1450.nspx
  • Доколку цената на опремата која се набавува го надминува износот на првата рата (префрлена од страна на Фондот на награденото училиште), истата може да се плати преку две исплати. Во тој случај по првата исплата би требало да бидат потрошени минимум 80% од првата рата.
  • Сите набавки се вршат согласно Законот за јавни набавки.
  • Доколку јавната набавка се прави САМО за потребите на проектот, трошоците за јавната набавка кон Бирото за јавни набавки може да бидат признаени во рамките на Буџетот на проектот.
  1. Дали единствениот начин на аплицирање е по електронски пат или е потребно да се достават потребните документи во архивата на Фондот за иновации?
  • За да се пријави на Предизвикот за млади истражувачи секој натпреварувач треба да поднесе ЕЛЕКТРОНСКИ Проектна апликација со Буџет на проектот, пополнета, потпишана и печатирана во образец определен од страна на Фондот, скенирана во PDF формат преку веб-страницата на Фондот за иновации и технолошки развој fitr.mk. За доделување награди ќе бидат земени предвид само оние предлог – проекти кои се пополнети во обрасците определени за овој предизвик од страна на Фондот,  доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.