ИНТЕРВЈУ Деспотовски: Поддржавме доста храбри идеи, како што е обид за изработка на прв домашен респиратор

Фондот за иновации, во координација со Светската банка и со стопанските комори во државата, подготвил предлог за нова мерка за брзо прилагодување на стопанството и е доставена до Владата за одобрување, вели Директорот Јован Деспотовски во интервју за Прес24. 

-Наменет е за итна поддршка за компаниите во пост-кризната фаза на заздравување. Сите мерки кои ги креираме се за денот-потоа со цел побрзо да ги надминеме последиците од кризата кои за жал се неизбежни, вели Деспотовски во интервјуто.

Тој открива дека на првиот јавен повик КРЕАТОН, кој беше организиран на почетокот од кризата, со цел вклучување на бизнис секторот, но и граѓаните и останатите организации во создавање на решенија за справување со последиците од КОВИД 19, пристигнале исклучително иновативни идеи.

-Од избраните решенија, би кажал дека имаме доста храбар обид за изработка на домашен респиратор. Поддржуваме решение за систем во чии рамки пациентите ќе можат да обезбедат лекарски преглед, а потоа и издавање на рецепт и медикаменти без притоа да имаат непосреден контакт со докторите и фармацевтите. Имаме и проект со кој потрошувачите ќе може да обезбедуваат посебни попусти при купување доколку ги почитуваат препораките за седење дома. Ќе ја споменам и УВ ламбата за стерилизација на заштитна опрема, со која фактички се продолжува животниот век на опремата, преку повеќекратно користење, наместо фрлање веднаш по првата употреба, вели Деспотеовски во интервјуто за Прес24.

Деспотовски е задоволен од анализте за 2019 кои копажуваат дека од околу 240 микро, мали и средни компании, скоро 80% работат со добивка, а во просек за сите, растот на приходите споредено со предходните години е 8%, додека растот на добивката е фантастични 72%.

-Овие компании вработуваат над 8.000 наши сограѓани, со просек на плати над 30.000 денари, вели Директорот на Фондот во интервјуто.

-Подготвивме изменет модел на финансирање, според кој повратот на средства ќе биде обврска само доколку компанијата оствари добивка во трите години по завршување на инвестицијата. Значи, нашата цел не е по секоја цена државата да ги добие парите назад, без разлика на „судбината“ на бизнисот. Напротив, сакаме да креираме успех, во кој потоа ќе учествуваме партнерски, вели Јован Деспотовски, Директор на Фоднот за иновации во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Фондот за иновации се приклучи кон поддршката на компаниите во овие услови на корона криза. Каков е интересот на компаниите?

ДЕСПОТОВСКИ: Интересот за програмите на Фондот во кризниот и пост-кризниот период е огромен. Во рана фаза на нашиот одговор на кризата, веќе имаме сериозно голем интерес на компаниите, но и на млади луѓе кои се подготвени и во вакви услови за започнат свој бизнис. Фондот имаше два јавни повици во моментот на појавување на кризата, со околу 270 микро, мали и средни бизниси вклучени со сопствени инвестициски планови. Овие планови, секако, се продукт на времето и размислувањата пред кризата. Доколку следевме некој востановен (за овие простори), конзервативен, „зихерашки“ начин на размислување, можеби требаше да се откажеме, од страв кон ризик, неуспех. Сепак, во вакви услови, кога на луѓето, на компаниите им треба некакво охрабрување дека и ова ќе помине, се охрабривме и подадовме рака. Наша одлука беше да им овозможиме да ги прилагодат своите инвестициски планови согласно новите услови на пазарот. Сега, Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот, каде имаме квалитетни странски експерти, ќе одлучува за финансиска поддршка во вкупен износ од 4,5 милиони евра. Заедно со финансиското учество на компаниите, очекувам првичен бран инвестициска поддршка во приватниот сектор од околу 12 милиони евра до крајот на мај.

Но, ова е само рана фаза од нашиот одговор на кризата. Следат нови мерки. Подготвивме изменет модел на финансирање, според кој повратот на средства ќе биде обврска само доколку компанијата оствари добивка во трите години по завршување на инвестицијата. Значи, нашата цел не е по секоја цена државата да ги добие парите назад, без разлика на „судбината“ на бизнисот. Напротив, сакаме да креираме успех, во кој потоа ќе учествуваме партнерски. Вчера (петок, 15.05) до  Владата доставивме готов предлог за нова мерка за брзо прилагодување подготвена заедно со нашиот партнер Светската банка, но и со стопанските комори во земјава. Наменет е за итна поддршка за компаниите во пост-кризната фаза на заздравување. Сите мерки кои ги креираме се за денот-потоа со цел побрзо да ги надминеме последиците од кризата кои за жал се неизбежни.

ПРЕС24: Идејата е да поттикне кретативноста, иновативноста.. има ли интересни идеи кои аплицирале за средства од Фондот?

ДЕСПОТОВСКИ: Да. Во изминатите 2,5 години до Фондот пристигнаа над 2.000 инвестициски планови од скоро истотолку домашни компании. Во моментот, финансиска поддршка имаат околу 400, со очекување дека оваа бројка брзо ќе се зголеми за околу 150 нови. 

Натеравме многумина во земјава да почнат да размислуваат “надвор од кутијата“, односно  со други зборови да идентификуваат нешто што другите не, и да најдат нашле решение. Тоа, “на прва“ често се смета за контроверзно, па некогаш и ирационално, но кога ќе го погледнете портфолиото на Фондот имаме стотици решенија, што го олеснуваат секојденвниот живот на луѓето и носат развој. Еве на пример, веднаш по појавување на кризата, организиравме посебен јавен повик КРЕАТОН, со цел вклучување на бизнис секторот, но и граѓаните и останатите организации во создавање на решенија за справување со последиците од КОВИД 19. За само 72 часа пристигнаа дури 546 идеи за проекти. Од избраните решенија, би кажал дека имаме доста храбар обид за изработка на домашен респиратор. Поддржуваме решение за систем во чии рамки пациентите ќе можат да обезбедат лекарски преглед, а потоа и издавање на рецепт и медикаменти без притоа да имаат непосреден контакт со докторите и фармацевтите. Имаме и проект со кој потрошувачите ќе може да обезбедуваат посебни попусти при купување доколку ги почитуваат препораките за седење дома. Ќе ја споменам и УВ ламбата за стерилизација на заштитна опрема, со која фактички се продолжува животниот век на опремата, преку повеќекратно користење, наместо фрлање веднаш по првата употреба.

Истотака, според анализата на годишните сметки на скоро 240 микро, мали, средни и големи компании-кориснички на средства од ФИТР во 2019, споредено со претходни години, компаниите во просек пораснале за 8% во однос на приходите и 72% во однос на добивката споредено со растот од претходните години. Тоа значи дека преку финансиската поддршка од Фондот, овие компании реализирале инвестиции што ги направиле подоходовни, но и попродуктивни и поконкурентни. Овие компании само за една година уплатиле 25% повеќе пари назад кон државните фондови, односно во буџетот на граѓаните.

Бројките се повеќе од охрабрувачки. И токму ова ме мотивира лично мене, но и неуморниот тим на млади професионалци во ФИТР да продолжиме со посветената работа и да создадеме економија базирана на иновации и технолошки развој. Едноставно вложуваме во младите, во сите нас и за сите нас!

ПРЕС24: Кои сектори во бизнисот се најмногу склони кон иновации?

ДЕСПОТОВСКИ: Иновациите навистина се присутни буквално во секој сектор на економијата. Имаме проекти во делот на машинската индустрија, кои се реално водечки во својот сектор во Европа. Домашни инженери од една компанија од Охрид имаат изработено унапреден модел на машина за шиење на ткаенина, што е неколкукратно побрза (а, со тоа и попродуктивна) од оригиналниот европски модел. Имаме локална фирма, која веќе изработи посебен паметен систем за гаснење на пожар, со дефиниран пласман во германската автомобилска индустрија. Во делот на фармацијата, се работи на нова формула за медикамент против болка, со однапред дефиниран пласман (и производство) во Велика Британија. И многу други, за кои немаме ниту приближно доволно место за набројување овде. 

Постепено (можеби и не доволно брзо за потенцијалот што сметам дека го имаме) сите ние ќе сфатиме дека сериозен напредок не се прави „на мускули“, со туркање на работите како што биле, туку со промена и тоа сериозна промена. Еднаш за секогаш треба да се охрабриме и да разбереме дека фактот што сме мала држава и општество е всушност и предност. И кризата нуди можности. Брзо да се престроиме и да се прилагодиме. И, најважно, да престанеме да се плашиме од промена, од неуспех. 

ПРЕС24: Фондот со кој раководите Вие се покажа како добар инструмент за поттикнување на економнјата, особено за реализација од идеја до бизнис. Имате ли анализа колку од идеите за бизнис кои стартувале преку поддршка на Фондот, денеска се активни на пазарот или доживеале сериозен развој на бизнисот?

ДЕСПОТОВСКИ: Фондот е сериозна институција и не „фрламе“ пари наоколу без анализа и согледување каде се потенцијалите и ризиците, каде се предностите и слабостите. Втора година по ред работиме на извештаите за успех на фирмите на кои им се обезбедува финансиска поддршка, спредено со годините пред инвестицијата. Бројките од 2019 година се повеќе од позитивни. Од анализираните околу 240 микро, мали и средни компании, скоро 80% работат со добивка. Како што споменав, во просек за сите, растот на приходите споредено со предходните години е 8%, додека растот на добивката е фантастични 72%.

Овие компании вработуваат над 8.000 наши сограѓани, со просек на плати над 30.000 денари. Само лани, во една година, преку Фондот се исплатени околу 10,5 милиони евра на домашните компании како финансиска поддршка. За истата таа година, компаниите што реализираат инвестиции со наша поддршка уплатиле назад во државната каса на име данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси скоро 13 милиони евра. Значи, 2,5 милиони евра повеќе, и тоа за само една година. Тоа се 2,5 милиони евра повеќе пари за нови училишта, болници, подобри улици, водоводи, поголема финансиска поддршка за социјалните категории на граѓани, повисоки пензии итн.

На крајот на краиштата, тоа се пари колку за изградба на 10 мобилни болници, како новоизградената, која е поставена веднаш до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Или, пак, средства со кои може да се купат илјадници респиратори во поддршка на борбата со коронавирусот, да се изградат современи училишта или градинка итн.

Затоа и ќе повторам, ефектите од работењето на Фондот за иновации се видливи за секој наш сограѓанин и неопходно е ваквиот модел да продолжи со уште посилно темпо и во иднина.

ПРЕС24: Дали средствата со кои располага Фондот се доволни за мотивирање на креативноста на компаниите, или можеби е потребно зајакнување на овие средства?

ДЕСПОТОВСКИ: Средствата што оваа држава ги издвојува за развој се 55 пати поголеми од периодот до 2017 година. Ама, не се доволни. Ова, особено ако се земе предвид дека над 2.000 инвестициски планови се доставени до нас во изминатите 2,5 години. Лично, навистина сметам и сакам многу повеќе од овие над 400 инвестиции да добијат поддршка од државата, бидејќи, како што реков, добивката за државата, а со тоа и за сите граѓани од една силна економија е навистина голема. 

ПРЕС24: Во јавноста имало и критики за поддржани идеи, сакам да Ве прашам кој е клучниот критериум и начин на кој се одбира една идеја дали ќе биде поддржана или не?

ДЕСПОТОВСКИ: Критиките од јавноста не ме обесрхабруваат, туку ми дава поттик за уште понапорна работа и резултати. Фондот е отворена институција по секој „западен“ стандард и критиката ја води постојано да се преиспитува и подобрува. Бидејќи, времето во кое живееме бара да бидеме вистински транспарентни и отворени не само за пофалби или критики, туку пред сè за предлози како постојано да се менуваме во интерес на сите.

На почетокот можеби и размислував дали сето ова вреди, дали ќе успееме во намерата да воведеме еден нов начин на размислување и функционирање во една државна институција. Начин во кој професионалноста, а не партиските врски ќе бидат во преден план. Објективноста и проценката за успех од независни експерти (кои не се дел од ФИТР), а не „кешот во плик“ ќе бидат критериум за доделување на финансиска поддршка од државата кон приватниот сектор. Следењето и поддршката во реализација, а не притисок и контрола ќе биде нашиот начин на работа со приватниот сектор. На последниот завршен повик 94% од компаниите што добија финансиска поддршка се или пријавени по прв пат или аплицирале и предходно, но не биле успешни, па се обиделе повторно.

ПРЕС24: Неодамна беше најавена идеја за создавање регионален Фонд за иновативност. Што подразбира тоа и како би функционирал?

ДЕСПОТОВСКИ: Светскиот економски форум во 2019 даде препорака сите земји од регионот да го следат примерот на Македонија. На една средба во Тирана пред два месеци, во присуство на премиери, министри и бизнис лидери од земјите од Западен Балкан се охрабривме и излеговме со иницијатива за регионален фонд. Наместо 6 мали национални, еден што ќе ги обедини сите. Ќе отвори пазар од 25 милиони луѓе, со идеи и со желба да ги движат работите во општествата напред. Да го искористиме и поттикнеме критичкиот потенцијал, особено кај младите. А, со тоа, и реално да го забрзаме напредокот на државите.

Изненадувачки, иницијативата од „малата“ Македонија ја поддржаа сите. Денес веќе работиме на првичниот модел на организација на овој Фонд, што треба веќе на крајот на мај да се претстави повторно пред земјите од регионот. Овојпат, интерес за присуство најавија и ЕУ, повеќе меѓународни финансиски институции, а веќе и неколку поголеми странски инвстициски фондови. Нашата цел е овој фонд да биде лоциран во Скопје, да се користат капацитетите на Фондот за иновации и технолошки развој и, барем според нашите првични проценки, да тежи помеѓу 250 – 500 милиони евра во првите 3 – 5 години од постоењето. Програмите би биле идентични на оние кои веќе ги спроведуваме во нашата земја, со одлучување од страна на странски експерти и систем на следење на трошењата од реномирани странски ревизорски куќи. Заради искуството со Фондот за иновации, нашите компании ќе бидат во огромна мера подготвени да ги искористат средствата од регионалниот Фонд.