„Иновациски ваучери“ – Новиот инструмент на ФИТР презентиран на Универзитетот „Св. Кирили и Методиј“

Денес, во просториите на ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се одржа консултативна дебата за новата мерка што ФИТР ќе започне да ја спроведува на почетокот на 2020 година.

Целта на оваа мерка е да ја поттикне и официјализира соработката меѓу академскиот сектор и индустријата. Иновациските ваучери можат да се искористат за покривање до 80% (осумдесет проценти) од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 (петстотини илјади) денари, без данок на додадена вредност (ДДВ). Компаниите кои ќе ги користат овие ваучери ќе имаат обврска да го кофинансираат преостанатиот износ од вкупните трошоци на услугите.

Целта на овој нов инструмент на Фондот за иновации и технолошки равој е да се поттикне соработката помеѓу бизнис секторот и академските и научно-истражувачките установи во насока на спроведување иновациски активности, со што претпријатијата ќе ја зголемат својата конкурентност. Развојот на нови производи, процеси и услуги е во директна релација со процесот на иновација. Овие ваучери овозможуваат директен финансиски поттик кој претпријатијата ќе го искористат да покријат дел од трошоците за услугите кои ги нудат академските и научно-истажувачките институции со што се зголемува динамиката на развојот на производите и услугите, како и нивниот пласман на пазарот.

Присутните членови на сенатот на ректорската управа на Универзитетот ја поздравија мерката и ја карактеризираа како долгоочекуван позитивен чекор напред на Фондот и Владата во поглед на засилување на соработката меѓу академскиот и индустрискиот сектор. Се разви конструктивна дебата, со голем број сугестии и коментари кои ФИТР ќе ги земе в предвид во поглед на финализирање на правилникот и апликацискиот образец за оваа мерка. По завршувањето на правилникот.

Денешната активност е втора од серијата предвидени консултативни дебати со претставници на академската фела и компаниите кои треба да бидат директни корисници на новиот инструмент. Првата консултативна средба се одржа на почетокот од месецот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.