ХАКАТОН: Е-ЗДРАВСТВО

Е-решенија за подобро здравје со ФИТР и Рош

Врз основа на член 27 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 20.01.2020 година, Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 година и Правилата за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 01.06.2020 година, Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој на ден 31.05.2021 година, го донесе текстот на јавниот повик за учество на предизвик:

Пандемијата предизвикана од вирусот COVID-19 придонесе за значајни промени во секојдневниот живот на целата популација и уште повеќе го стави во фокус здравјето и здравствените системи ширум светот. Хакатонот Е-здравство е креиран да одговори на потребите на граѓаните и да го олесни патот кон справување со предизвиците поврзани со спречувањето на одредени болести.

Со овој повик Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со Рош Македонија како корпоративен партнер, заедно со Министерство за здравство и Управата за електронско здравство како партнери во имплементацијата, се вклучуваат во напорите за подобрување на здравјето на граѓаните преку поддршка на решенија кои придонесуваат за подобро справување со последиците од пандемијата како и за подигање на свеста за важноста на превенцијата и раното откривање на малигните заболувања кај жените.

Целта на хакатонот е да се поттикнат и мотивираат граѓаните и организациите да размислуваат во насока на развивање на иновативни и креативни решенија за спречување на болестите и одржување на здравјето на популацијата во следните две области:

  • подобро управување со здравствениот систем во услови на COVID-19 пандемијата (превенција и подобро менаџирање на високоризични групи на пациенти), и
  • женско здравје (превенција за намалување на ризикот од малигни заболувања).

Предложените решенија треба да демонстрираат потенцијал за примена во системите на работење на јавното здравство.

  • Решенија за полесно следење и ажурирање на информациите од властите поврзани со COVID-19 вирусот и превентивните мерки
  • Решенија за следење и полесно водење евиденција на граѓаните кои примиле вакцина против COVID-19 вирусот во земјата или странство
  • Решенија со кои пациентите со висок ризик од компликации од COVID-19 вирусот би се селектирале во систем (да дава нотификација до матичниот и установата каде ќе биде упатен)
  • Решенија за рана детекција на рак на дојка
  • Развивање на дигитален пасош за женско здравје каде секоја жена ќе прати скрининг и прегледи на дојка, цервикс (хпв) и вакцинален статус (за ХПВ и ХБВ)

*Листата содржи само предлози на можни решенија на кои може да работат тимовите и истата не е ограничувачка

Предлог-решенијата може да бидат во форма на веб или мобилна апликација или друга форма на продукт наменет за решавање на специфичен проблем со кој се соочува група на граѓани од некоја од горенаведените области или пак за дигитализација на постоечка услуга или подобрување на постоечко решение во рамките на здравствениот систем. Истите треба да бидат наменети за категориите на граѓани засегнати од горенаведените области.

Предизвикот е отворен за сите заинтересирани поединци, групи, организации и компании кои сметаат дека може да дадат креативен придонес во остварување на горенаведените цели.

Согласно ова, апликантот може да биде

  • Трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија
  • Тим кој се состои од најмалку 2, а најмногу 5 (пет) членови физички лица или
  • Физичко лице

Доколку се пријавува физичко лице, истото ќе биде вклучено во тимови во кои недостасуваат членови со соодветниот профил. За остварување најдобри резултати во текот на хакатонот препорачливо е секој пријавен тим да има барем еден инженер од областа на информатичките технологиии (програмер), лице од областа на природните или медицинските науки, дизајнер и лице со искуство во водење на бизнис /претприемач.

Во случај кога како апликант се јавува трговско друштво, истото треба да ги исполнува следните критериуми за подобност:

  • годишните приходи на апликантот да не надминуваат 1.000.000 (еден милион) евра во денарска противвредност, според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
  • просечниот број на вработени да не надминува 250 вработени;
  • од моментот на регистрирање на трговското друштво до моментот на поднесување на предлог проект во Фондот да не поминале повеќе од 6 (шест) години;
  • трговското друштво да е во сопственост на физичко и/или правно лице (коe не е во државна сопственост),/ здружение или фондација и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност (со сопственички удел во апликантот до 20%);
  • апликантот или неговите содружници/акционери да не се посредно или непосредно сопственици на над 20% во друго/и трговско/и друштво/а чии поединечни годишни приходи надминуваат 1.000.000 (еден милион) евра во денарска противвредност во претходните две фискални години и чиј просечен поединечен број на вработени не надминува 250 вработени, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis) да ги исполнува следните услови:
  • да нема акумулирано повеќе од 200,000 (двеста илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот;
  • да нема аклумулирано повеќе од 100.000 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај;
  • да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието), и
  • да не се занимава со производство на јаглен.

Во случај кога како Апликант се јавува тим и чиј предлог проект ја поминал фазата на селекција, Апликантот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51% од членовите на тимот, кое трговско друштво ќе ги преземе сите права и обврски во однос на спроведување на Проектот и кое ќе ги исполнува критериумите за подобност од овој член и на целиот јавен повик.

Вкупниот буџет за хакатонот изнесува 30,000 евра во денарска противвредност, колку што е и максималниот износ на средства за финансирање на поединечен предлог проект. Средствата се обезбедени во сооднос: 51% од корпоративниот партнер Рош и 49% од ФИТР.

Исплатата на средствата ќе се одвива на следниот начин: 50% авансно, по потпишување на договорот, а останатите 50% ќе бидат исплатени по реализација на решението и поднесување на завршен извештај.

Рокот на реализација на проектите е до 60 дена. Врз основа на оправдани околности Фондот може да одобри продолжување на спроведувањето на проектот за  дополнителен 1 (еден) месец.

  • активности за истражување и развој;
  • развој на пилот линии/производ/и и/или услуга/и;
  • активности за тестирање и валидација на нови и/или унапредени производи/услуги/процеси;
  • активности за тестирање на пазарот и валидација на потенцијалните корисници;
  • активности поврзани со заштита на интелектуална сопственост и
  • дизајн.
  • Бруто плати со вклучени додатоци на плата дефинирани согласно Законот за работни односи (работа за празник, работа во недела, работа во смени, ноќна работа и др.) за лица кои се или ќе бидат вработени кај корисникот и директно учествуваат во реализација на проектот. Износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот пред почетокот на проектот, намалени за износот на потенцијална државна субвенција примена по основ на плата;
  • Набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • Поддоговорни услуги за истражување и развој (пр. тестирање, лабораториски услуги и сл.);
  • Ангажирање на експерти/советници за истражување и развој;
  • Ангажирање на консултанти за потреби директно поврзани со резултатите на проектот (експертиза за иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на средства, бизнис развој, маркетинг експертиза за тестирање на пазарот и валидација на потенцијалните корисници, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго);
  • Подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и/или индустриски дизајн
  • Канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, хостинг и останати видови на оперативни трошоци поврзани со реализација на проектот) во максимален износ од 15% од вкупниот буџет на проектот.
  • трошоци за набавка на добра, услуги и работи од домашни јавни претпријатија, освен режиски трошоци;
  • трошоци за камата или долг на друга страна;
  • расходи и резервирања за минати или можни идни загуби или долгови;
  • покривање на загуби поради размена на валута, такси и казни;
  • трошоци за храна и угостителство;
  • трошоци за регрутирање на кадар (трошоци за објавување на оглас, провизии од агенции за вработување, трошоци поврзани за селекција на кандидати и слично) и трошоци за преселба;
  • купување на земја или згради, вклучувајќи и реновирање;
  • готовинскa исплата од наменската сметка на проектот;
  • извозни активности (трошоци директно поврзани со извоз на производи, со основање и работење на мрежа за дистрибуција и слично или за други тековни трошоци на апликантот поврзани со извозни активности);
  • годишни такси за одржување на патент (со исклучок на добро оправдани случаи проценети како дозволен трошок при евалуација на предлог проектите);
  • додатоци на плата во вид на регрес за годишен одмор, тринаесетта плата, работна успешност и слично;
  • трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на сопственик/иците на корисникот како и овластените лица на Корисникот (управител/директор);
  • трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на лица кои се вработени кај Корисникот;
  • наем на деловен простор од закуподавец кој учествува во активностите на проектот или е поврзано лице со корисник;
  • набавка на товарни транспортни возила од страна на претпријатија кои вршат товарен патен транспорт за наем или надоместок;
  • набавка на патнички возила (со исклучок на добро оправдани случаи проценети како дозволен трошок при евалуација на предлог проектите);
  • трошоци за набавка на половна опрема;
  • данок на додадена вредност (ДДВ) за сите набавки од ставот 1 од овој член;
  • трошоци за директен маркетинг и

трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори.

Комисијата за оценување и избор е составена од :

  • Еден (1) експерт од областа на предизвикот
  • Еден (1) експерт во областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба
  • Еден (1) претставник на РОШ Македонија
  • Еден (1) претставник од Управата за електронско здравство
  • Еден (1) претставник на Фондот

Комисијата работи врз основа на Деловник за работа на Комисија за оценување и избор кој се усвојува на првиот состанок на Комисијата.

 

НАПОМЕНА: По барање на членовите на Комисијата, Фондот може да ангажира експерти кои ќе дадат стручно мислење за одредени апликации, соодветно на областа на нивната експертиза. Во таков случај, стручното мислење ќе биде земено предвид од членовите на Комисијата при оценувањето на апликацијата.

Постапката, од прием на пристигнатите апликации сѐ до селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор и доделување на финансиски средства на корисникот/ците, се состои од следните чекори:

 

  • Административна проверка на проектната документација (дали е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик)
  • Прва оцена на предлог-проектот (предселекција)
    • Предселекцијата се врши врз основа на релевантноста на доставениот предлог-концепт заедно со буџетот и капацитетот на проектниот тим
  • Селекција на најдобри предлог-проекти
    • Селекцијата се врши врз основа на критериумите за оценување и избор
    • Пичинг односно презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор
  • Потпишување на договори
  • Врз база на доставените предлог-концепти, Комисијата за оценување и избор ќе направи предселекција на кадидати за учесници на хакатонот. Предселектираните учесници/предлог-концепти ќе бидат дел од 48-часовен хакатон со онлајн присуство, каде со стручна поддршка од ФИТР, Рош, Управата за електронско здравство и други партнерски организации/институции ќе изработат прототип или демо верзија на решението.
  • На крајот на хакатонот тимовите ќе ги презентираат своите решенија пред Комисијата за оценување и избор, по што следува финална селекција и избор на победник/ци.
  • Наградените правни субјекти ќе имаат обврска со доделените средства во рок од 60 дена од денот на потпишување на договор со Фондот да изработат и лансираат работна верзија на решението.

Во оценувањето на предлог-решенијата комисијата ќе се фокусира на следните критериуми:

  1. Релевантност на идејата и степен на иновативност (15%),
  2. Капацитет на проектниот тим (20%),
  3. Квалитет на проектот и презентација на решението (15%), и
  4. Можност и план за имплементација и пазарен потенцијал (30%),
  5. Влијание на решението (20%).

Фондот го задржува правото да преговара со натпреварувачите по однос на дефинирање на активностите и деталите во буџетот на проектот врз основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор, пред потпишување на Договор за доделување на награда.

Фондот го задржува правото да не додели награда доколку нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно овие Правила и условите наведени во Јавниот повик.

Критериумите за оценување се дадени на следниов линк – Табела за оценување.

Избраните решенија ќе бидат целосно и бесплатно достапни до сите граѓани на Република Северна Македонија, најмалку во рок од една година по завршувањето на проектот. Политиката за пристапот и користењето на решенијата за граѓани на други држави ја определува апликантот.

При аплицирање задолжително треба да се достават следниве документи:

  • уредно пополнет образец предлог-концепт, достапен преку веб-страницата на Фондот:
  • кратки биографии на главните лица ангажирани во проектот (најмногу за пет лица).

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик. Проектната документација задолжително се доставува на обрасци изготвени од страна на Фондот.

Проектната документација заедно со кратки биографии да се прикачат на формуларот за аплицирање достапен на следниот линк: https://fitr.mk/hakatonzdravstvo/ со клик на копчето „Аплицирај“.

Во случај на натпреварувачот да му биде доделена награда, Фондот го задржува правото да побара и друга документација, која треба да се достави во најкраток можен рок.

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 17.06.2021 година, до 14:00 часот.

За финансирање ќе бидат земени во предвид само оние предлог-проекти кои се доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Хакатонот ќе се одржи онлајн во периодот 25-27 јуни 2021 година.

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата  од 20.01.2020 година и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 и 01.06.2020 година.

За сите дополнителни информации можете:

– да ни пишете на електронската адреса: hakaton.zdravstvo@fitr.mk

– да се јавите на телефонскиот број: 02 3145 258

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани; бесплатна техничка помош од експерти; и менторски работилници.

Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб страната на хакатонот, веб-страната на Фондот, како и на официјалните профили на Фондот и Рош Македонија на социјалните мрежи (Фејсбук и Инстаграм).