Голем број млади луѓе ќе добијат шанса да станат идни претприемачи и оваа година!

Со потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу УСАИД и Фондот за иновации и технолошки развој се продолжува поддршката на Џуниор Ачивмент Македонија и Програмата за претприемничко образование во сите средни училишта низ земјава. Меморандумот го потпишаа ДФИТР Коста Петров и Ерик Јановски – претставник на канцеларијата на УСАИД во РСМ.

Фондот и УСАИД преку овој проект имаат заедничка цел да ја зајакнат позицијата на адолесцентите и младите во земјата, да создадат можности за вработување и да ги зајакнат младите со знаења и вештини кои им се потребни за да започнат свој бизнис или да добијат работа. “Со продолжување на соработката со УСАИД, ги поттикнуваме и поддржуваме младите да создадат успешни приказни дома, наместо да ја гледаат својата иднина во странство. На младите им нудиме соодветна финансиска поддршка и менторство за да ги реализираат своите иновативни бизнис идеи” изјави Коста Петров, директор на ФИТР.

Во активностите на Џуниот Ачивмент минатата година беа вклучени: над 150 наставници и над 500 ученици од гимназиско и средно стручно образование, а победничкиот тим на Националниот натпревар на ученички компании имаше можност да се натпреварува со своите врсници на Европскиот натпревар во Португалија.