ФИТР воведува нова Програма за корпоративна иновативност

Фондот за иновации и технолошки развој воведува Програма за корпоративна иновативност која ќе овозможи воспоставување на партнерства и јакнење на соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартапите, новооснованите трговски друштва.

Програмата за корпоративна иновативност која ФИТР ја воведува за прв пат има за цел поттикнување на иновативните проекти и нивна соодветна примена, размена на искуства и знаења, унапредување на бизнисот, раст и развој на двете страни.

Програмата предвидува доделување на финансиски средства и/или техничка поддршка на новоосновани трговски друштва (стартапи) што ќе овозможи подобрување на реализацијата и пласманот на нивните производи и услуги преку соработка со претпријатија кои имаат значајно присуство и влијание на пазарот.

Од друга страна, на корпоративниот сектор оваа програма му овозможува да добие директен пристап до иновативни решенија за унапредување на работните процеси, подобар пласман на производите и услугите и освојување на нови пазари. Воедно, на овој начин корпоративниот сектор ќе даде значаен придонес во развојот на стартап екосистемот и иновативната економија, притоа обезбедувајќи си општествено одговорно позиционирање.

Целта на оваа програма е да ги мотивираме големите корпорации и брендови, во партнерство со Фондот, активно да се вклучат во развојот и трансформацијата на македонскиот стартап еко систем. Фактот што досега само од Фондот се поддржани над 300 стартап компании, покажува дека македонскиот стартап екосистем брзо се развива и партнерствата со веќе докажани корпорации и брендови, уште повеќе ќе го забрза процесот на трансформација и ќе им овозможи на македонските стартапи да бидат покомпетитивни и на национално но и на глобално ниво.“ – изјави Коста Петров, директор на ФИТР и додаде дека институцијата, преку повеќе иницијативи интензивно работи и на позиционирање на Република Северна Македонија како регионален стартап хаб.

Претставниците од корпоративниот сектор, односно трговските друштва, веќе од денес и во текот на целата година можат да аплицираат за Програмата за копрпоративна иновативност со доставување на пополнет образец со основни податоци за компанијата, област на делување и краток предлог-концепт за партнерство или соработка со Фондот. Во зависност од целите, соработката ќе се реализира преку различни модели, како: организирање на еднократни настани (предизвици, хакатони), споделување на ресурси (бесплатни алатки, простор за работа), поддршка за развој на бизнисот (инкубатори, акселератори) и сл. ФИТР ќе формира Комисија за разгледување на доставените предлог-концепти, додека одобрувањето ќе се врши врз основа на точно дефинирани критериуми.