ФИТР препознаен како успешен модел – поднесена иницијатива да се преслика на регионално ниво

Фондот за иновации и технолошки развој е препознаен како успешен пример во студијата изготвена од Светскиот економски форум (ВЕФ) со предлог да се преслика и во другите земји од регионот. Анализата на ВЕФ во која се идентификуваат можностите и приоритети за идната Платформа за конкурентност и иновации на Западен Балкан беше претставена на лидерската средба во Тирана на која ресорни министри, директори и бизнисмени дебатираа за идната соработка и дефинирање на акцискиот план за имплементација на овој проект.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на средбата поднесоа конкретен предлог за основање на регионален Фонд за иновации кој ќе има за цел да привлече поголем прилив на странски капитал и зголемена конкурентност на регионот.

“Инициравме креирање на регионален Фонд за иновации со кој ќе се искористи потенцијалот на регионалниот пазар од 17 милиони луѓе, а не само на фрагментираните пазари. Ние имаме инвестициско портфолио од околу 65 милиони евра. Над 340 компании веќе користат средства за иновации и технолошки развој. Сите овие бројки и резултати се препознаени и од меѓународните партнери. Целта е моделот што веќе функционира во Северна Македонија, кој, исто така постои и во Србија, да се подигне на едно повисоко ниво,“ нагласи Деспотовски.  

Целта на регионалниот фонд е зајакнување на прекуграничната соработка и поттикнување на инвестиции во приватниот сектор и иновациите, како и отворање на нови можности за финансирање на бизнис проекти во регионот. Исто така целта е да се отвори поголем пазар и можности за пристап до таленти, со што би се придонело и кон намалување на проблемот со одлив на мозоци.

Предлогот доби поддршка и од претставниците на бизнис заедницата и од делегациите на 6те земји од Западниот Балкан кои се вклучени во проектот. Сите ја нагласија потребата од користење и унапредување на веќе постоечки успешни модели со цел забрзан раст и развој на регионот и предностите на регионалната соработка.

И министерката Ангеловска нагласи дека е многу важно што во оваа иницијатива за зголемување на конкурентноста на регионот и пробив на домашните компании на глобалниот пазар ќе бидат вклучени и јавниот и приватниот сектор.

“Со здружени напори треба да ги адресираме проблемите со кои се соочуваат сите земји во регионот како – јазот во потребните вештини, особено критичко размислување и претприемништво, одливот на таленти, олеснување на административните процедури. Преку креирање на екосистеми во кои ќе се развиваат компаниите и стартапите ќе прераснат во успешна приказна, ќе може да изградиме конкурентна економија, на национално, но и регионално ниво,“ изјави Ангеловска.

Инаку ова е прва иницијативата на Светскиот економски форум за земјите од Западен Балкан, што има за цел да се развие платформа – бизнис акцелератор кој ќе придонесе до придонесе за забрзување на иновациите и конкурентноста во регионот и поголема соработка на економски план. Според нив, трансформативно претприемништво, трпеливо инвестирање, нови пазари и предвидувања со конкретни препораки за акција се четирите приоритети на идниот акцелератор за конкурентност и иновации на Западен Балкан кој е во почетна фаза.