Предизивик за воспоставување на лабаратории за производство FAB LABS „Младите Создаваат“

Во свет во кој се соочуваме со сѐ поголем проток на информации, каде напредокот на науката и технологијата е сѐ побрз и има сѐ поголемо влијание врз секојдневниот живот на човекот, образовниот процес мора да се прилагоди на потребата да одговори на предизвиците на иднината. Оттука, станува сѐ позначајно учениците и студентите не само да стекнат определено знаење, туку да стекнат и вештини истото тоа занаење на креативен и аналитички начин да можат практично да го применат во насока на изнаоѓање нови решенија на постојните и претстојните проблеми.

Предизвикот за воспоставување на лаборатории за производство има за цел на младите да им овозможи просторни, материјални и технички услови за развивање на иновативни производи, услуги, процеси, активности или методологии со кои се нудат практични и општествено корисни решенија за одредени прашања или проблеми во приоритетни области од науката и технологијата. Истовремено овие лаборатории ќе претставуваат место за соработка помеѓу приватниот сектор, високо-образовните и научни установи, претпријатијата и граѓанските здруженија.

Лабораториите за производство кои ќе се воспостават преку овој предизвик ќе бидат лоцирани во рамки на високо-образовните и научно-истражувачките установи, ќе исполнуваат определени просторни и технички услови и ќе претставуваат место за игра, креација и пронаоѓање. Овие лаборатории на младите ќе им овозможат пристап до напредни технологии преку кои тие ќе можат да го материјализираат она што го замислиле, место каде младите ќе учат и создаваат преку поттикнување на нивната иновативност.

Резултатите од проектите финансирани под овој предизвик ќе бидат користени како студија на случај со цел воведување на ситемски пристап кон воспоставување, работење и оддржливост на лаборатории за произодство.

Натпреварувачите треба да понудат предлог проект за воспоставување на лабораторија за производство „FAB LAB” во простории кои се наоѓаат во рамките на високо-образовните или научно-истражувачките установи каде младите на возраст од 15 до 29 години ќе добијат бесплатен пристап, менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип или мало производство на иновативно решение кое ќе можат да го тестираат во лабраториска, во индустриска средина и/или на пазарот. 

Вон програмата за млади поддржана под проектот, лабораторијата за проиводство може да се користи и во комерцијални цели.

Времетраењето на проектот треба да биде до 12 (дванаесет) месеци.

Фондот, врз основа на оправдани околности може да одобри продолжување на спроведувањето на проектот до (6) шест месеца.

Во случај на продолжување на времетраењето на спроведувањето на проектот, износот на доделениот грант не може да биде зголемен.

За финансирање проекти под овој повик обезбеден е вкупен износ од 9.000.000 (девет милиони) денари.

Преку овој  повик, Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет проценти) од вкупниот буџет на проектот, во максимален износ од 4.500.000,00 (четири милиони и петстотини илјади) денари.

Преостанатите 10% (десет проценти) од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот (средствата добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на натпреварувачот.).

Обезбеденото кофинансирање може да биде и во форма на in-kind учество. Предност ќе имаат оние предлог проекти кои ќе обезбедат парично финансирање од сопствени средства и/или парично финансирање од трети страни (трговски друштва, донатори, бизнис здруженија и др.).

Фондот го задржува правото да не додели награда доколу нема доволно квалитетни предлог-проекти или не се исполнети условите за доделување на наградата согласно овие Правилата и условите наведени во Јавниот повик.

Предлог проектот може да биде поднесен од поединечен натпреварувач, од поединечен натпреварувач во партнерство со други правни лица или од конзорциум предводен од водечки натпреварувач.

Условите кои треба да ги задоволува секој натпреварувач се:

  • Да е правен субјект регистриран во Централниот регистар на Република Северна Македонија, и тоа:

(а) јавни универзитети во нивните единици насочени кон наука (научни институти) и во единици насочени кон образование засновано на наука (факултети);

(б) самостојни јавни високообразовни установи;

(в) приватно-јавни непрофитни високообразовни установи,

(г) јавни научни установи и мешовити научни установи основани согласно Законот за високо образование или Законот за научно-истражувачка дејност;

(д)  трговски друштва кои се во доминантна сопственост на јавни високообразовни установи (50,1% или повеќе);

(ѓ) правни субјекти ргистрирани согласно Законот за здруженија и фондации активни во областите на млади, образование, наука, технологија и/или иновациска дејност.

  • Да нема акумулирано повеќе од 200.000 (двеста илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis).

Просториите на лабораторијата за производство треба да бидат во сопственост на:

(а) јавни универзитети во нивните единици насочени кон наука (научни институти) и во единици насочени кон образование засновано на наука (факултети);

(б) самостојни јавни високообразовни установи;

(в) приватно-јавни непрофитни високообразовни установи,

(г) јавни научни установи и мешовити научни установи основани согласно Законот за високо образование или Законот за научно-истражувачка дејност; или

(д)  трговски друштва кои се во доминантна сопственост на јавни високообразовни установи (50,1% или повеќе).

Како партнер/и или член/ови на конзорциум може да се јават правни лица регистрирани во земјата и/или регистрирани надвор од Република Северна Македонија.

Во случај кога предлог проектот е поднесен од натпреварувач во чија сопственост не се просториите на лабораторијата за производство, натпреварувачот треба да има склучено договор или обезбедено писмо за изразување на интерес за користење на просториите на лабораторијата за производство за намените на наградениот проект во минимално времетраење од 18 (осумнаесет месеци).

Еден натпреварувач може да аплицира само со еден предлог проект. Водечки натпреварувач не може да се јави како член на конзирциум во друг предлог проект. Водечки натпреварувач може да се јави како партнер во друг предлог проект. Еден партнер може да се јави во повеќе од еден предлог проект.

Активности подобни за финансирање во рамки на наградениот проект се:

  • Воспоставување (просторно адаптирање и опремување) на лабораторијата за производство со опрема за истражување и развој;
  • Спроведување на менторски програми за и обезбедување стручна поддршка за истражување и развој, дизајн, тестирање, развој на пилот линии, обезбедување на квалитет, маркетинг и продажба за млади на возраст од 15 до 29 години кои се дирекно поврзани со целите на лабораторијата за производство.

Лабораторијата за производство треба да биде опремена со:

  • Ласерска машина за сечење во 2D и 3D;
  • 3D печатар;
  • CNC машина со висока точност за обработка на струјни кола, калапи и др.;
  • Машина со рутер за обработка на дрво.

Горенаведената листа на опрема не е ограничувачка.

Опремата треба да соодветствува со предложената програма на лабораторијата за производство.

Предност за финансирање ќе имаат оние предлог проекти каде лабораторијата за производство ќе ја има целосната опрема од горенаведената листа.

Трошоци подобни за финансирње во рамки на наградениот проект се:

  • Набавка на опрема за истражување и развој, вклучително и софтвер, како и адаптација на простор за инсталирање на набавената опрема;
  • Набавка на потрошен материјал за истражување и развој (електронски компоненти, канцелариски материјал и др.);
  • Бруто плати – износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот на наградата пред почетокот на проектот;
  • Ангажирање на консултанти за менторски услуги, маркетинг и стручна поддршка – до 30% од вкупниот буџет на проектот;
  • Деловна поддршка (трошоци за управување со проектот, сметководствени услуги, правни услуги и др.) – до 15% од вкупниот буџет на проектот;
  • Aдминистративни трошоци (банкарски провизии, трошоци за објава на јавни повици и др.) – до 5% од вкупниот буџет на проектот.

Набавената опрема треба да остане во трајна сопственост на јавната или приватно-јавната непрофитна восоко-образовната / научно-истражувачката установа чии простории се користат за лаборторија за производство.

Трошоци кои не се подобни за финансирње во рамки на наградениот проект се:

  • Отплата на камата или долг на друга страна;
  • Трошоци и провизии за минати или можни идни загуби или долгови;
  • Покривање на загуби поради размена на валута, такси и казни;
  • Трошоци за забава и угостителство;
  • Трошоци за регрутирање на кадар (трошоци за објавување на оглас, провизии од агенции завработување, трошоци поврзани со селекција на кандидати и слично) и трошоци за преселба;
  • Купување на земја или згради, вклучувајќи и реновирање;
  • Готовинскa исплата од посебната сметка на проектот;
  • Извозни активности (трошоци директно поврзани со извоз на производи, со основање и работење на мрежа за дистрибуција и слично);
  • Годишни такси за оддржување на патент (со исклучок на добро оправдани случаи проценети како дозволив трошок при евалуација на предлог проектите);
  • Додатоци на плата;
  • Трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на сопственик/ици на претпријатие кое е корисник на наградата;
  • Наем на деловен простор од закуподавец кој учествува во активностите на проектот или е поврзано лице со корисникот на наградата;
  • Набавка на патнички, товарни и транспортни возила;
  • Набавка на половна опрема;
  • Данок на додадена вредност (ДДВ),во случај коганаградениотсубјект има право на поврат на ДДВ;

Не се подобни за финансирање и трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Натпреварувачот не смее свесно или намерно да ги нарушува правата на интелектуална сопственост на кое било трето лице.

Фондот нема да биде одговорен за спорови поврзани со правата на интелектуална сопственост помеѓу натпреварувачот/корисникот на наградата и трети страни.

Секој предлог проект доставен на јавен повик за доделување средства на Фондот кој има влијание врз животната средина мора да биде во согласност со Законот за животна средина и другите релевантни важечки закони и подзаконски акти на Република Северна Македонија.

Оценката, изборот и одлуката за доделување награди се врши од страна на Комисија за оценување и избор.

Оцената на проектите се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на доставените документи (дали документацијата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик);
  • Прва оцена на предлог-проектите (предселекција);
  • Селекција на најдобри предлог-проекти – по презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор.

Процесот на административна проверка, претселекција и селекција ќе биде завршен во рок од 60 (шеесет) дена по крајниот рок за доставување на предлог проектите.

Секој предлог-проект се оценува од Комисија за оценување и избор, од најмалку 5 (пет) члена во состав:

  • Претставник на Фондот за иновации и технолошки развој;
  • Претставник на Министерството за образование и наука;
  • Претставник од академската заедница;
  • Претставник од партнер организации;
  • Претставник од бизнис секторот (експерт во област на развој на бизнис).

Комисијата за оценување и избор го оценува секој предлог проект одделно според следните критериуми за оценување:

  1. Квалитет на предлог проектот – 20 поени
    • Предложениот предлог проект соодветствува со целите на јавниот повик.
    • Целите на проектот се остварливи во контекст на предложените материјални и човечки ресурси и времетраењето на проектот.
    • Предложените активности се јасно формулирани и водат кон острварување на очекуваните цели.
    • Целните групи се јасно формулирани и соодветствуваат со целите на проектот.
    • Логичката рамка е соодветно пополнета.
  2. Квалитет на предложената програма – 20 поени
    • Предложената програма води кон остварување на целите на проектот.
    • Предложената програма соодветствува со возраста и опфатот на целните групи.
    • Предложената програма овозможува соодветен пристап на целните групи до просторните, техничките и материјалните ресурси на лабораторијата за производство.
    • Предложената програма е остврарлива во контекст на времетраењето и расположливите ресурси на проектот.
  3. Квалитет на проектниот тим – 20 поени
    • Проектниот тим поседува соодветни квалификации и претходно искуство во управување со слични проекти.
    • Проектниот тим поседува соодветни квалификации, технички познавања и претходно искуство соодветни за спроведување на програмата на проектот.
    • Проектниот тим поседува соодветни квалификации и претходно искуство во вмрежување и промоција.
  4. Влијание (научно-технолошка извонредност, поттикнување на иновациската активност вo приватниот сектор, вработливост, инклузивност, регионален и економски развој, влијание врз животната средина, и др.) – 20 поени
    • Проектот ќе има значително влијание на идентификуваните целни групи.
    • Проектот ќе има значително влијание надвор од идентификуваните целни групи, особено во насока на јакнење на иновациската дејност во приватниот сектор.
    • Потенцијалното влијание на идентификуваните целни групи и на пошироката заедница е добро објаснето и остварливо.
  5. Обезбедено дополнително финансирање – 10 поени
    • Натпреварувачот ќе обезбеди парични средства како сопствено ко-финансирање (5 поени).
    • Натпреварувачот ќе обезбеди дополнителни парични средства над задолжителното кофинансирање од сопствени или од други извори (5 поени).
  6. Вмрежување, промоција и одржливост – 10 поени
    • Натпреврувачот на убедлив начин и со доволно информации ја образложува оддржливоста на активностите на лабораторијата за производство по завршувањето на проектот.
    • Активностите на вмрежување и промоција се соодветни на поставените цели на проектот и идентификуваните целни групи.
    • Натпреварувачот има доставено договори, писма за соработка и/или писма за изразување интерес за обезбедување финансиска/in kind/техничка поддршка од страна на трговски друштва, донатори, бизнис здруженија, други здруженија и фондации, образовни установи, и слично.

За да се пријави на Предизвикот секој натпреварувач треба да ги поднесе следните документи:

  • Проектна апликација – пополнета, потпишана и печатирана во образец определен од страна на Фондот, скенирана во PDF формат;
  • Буџет на проектот – пополнет, потпишан и печатиран во образец определен од страна на Фондот, скенирана во PDF формат;
  • Договори, писма за соработка и писма за изразување интерес за обезбедување финансиска/in kind/техничка поддршка од страна на трговски друштва, донатори, бизнис здруженија, други здруженија и фондации, образовни установи, и слично;
  • Во случај просториите за лабораторијата за производство да не се во сопственост на натпреварувачот, натпреварувачот задолжително треба да достави Договор или Писмо за изразување интерес за отстапување на простории за потребите на проектот од страна на високо-образовна / научно-истражувачка установа.

Обрасците на Проектната апликација и  Буџет на проектот се достапни и може да се превземат од интернет страницата на Фондот преку копчето ПРЕВЗЕМИ ДОКУМЕНТАЦИЈА“.

Поднесувањето на Проектната апликација се врши со пополнување на основни податоци и прикачување на целата потребна документација преку копчето „АПЛИЦИРАЈ“.

Фондот го задржува првото од натпреварувачот да побара и дополнителна документација во сите фази на постапката. Натпреварувачот е должен побараната документација да ја достави во рок определен од страна на Фондот. 

Рокот за поднесување на предлог проекти трае до 20.07.2021 година до 14.00 часот.

За доделување награди ќе бидат земени предвид само оние предлог – проекти кои се пополнети во обрасците определени за овој предизвик од страна на Фондот,  доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата.

За сите дополнителни информации можете:

  • да ни пишете на електронската адреса: fablabs@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број  389 (0) 23145258

Со цел да Ви помогнеме при подготовка на предлог-проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани. Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот и на социјалните медиуми.