Eдна третина од вкупниот број поддржани компании од ФИТР се во сопственост на жени или имаат жена управител

Жените имаат навистина активно учество во иновативните процеси и значително придонесуваат за позитивните резултати на компаниите кои се подржани од ФИТР. Што е уште поважно е дека се охрабруваат да работат на нови развојни проекти со кои придонесуваат не само за развојот на сопствената компанија, туку и за развој на домашната економија. 

И жените Македонки се активно вклучени во иновативните процеси, технолошкиот развој и позитивниот раст на бизнис секторот во земјава. Можеби соодносот со нивните колеги од машкиот пол не е 50-50, но прогнозите се оптимистични.

Програмите на Фондот за иновации и технолошки развој не прават разлики на компаниите кои се поседувани и/или менаџирани од страна на мажи или жени, но многубројни се примерите каде жените се препознаени и се јавуваат како успешни претприемачки, менаџерки, лидерки, иноваторки и слично.  

Фондот е отворен за сите оние кои сакаат да воведат нешто ново, да направат подобрување на постоечки производ, процес или услуга и да ги реализираат преку е механизмите и инструментите за поддршка кои им се на располагање, порачуваат надлежните од овој Фонд. Нивното мото е „Секој што верува во својата бизнис идеја, треба и може да ја искористи шансата за поддршка која се нуди преку инструментите на ФИТР“.

Влева ентузијазам фактот што речиси една третина од вкупниот број поддржани компании од Фондот се во сопственост на жени или имаат жена управител. Тоа е некаде околу 40% од вкупното портфолио на овој Фонд.

Надлежните од ФИТР ги охрабрува жените да ги презентираат своите идеи и проекти и да бараат помош и поддршка за реализација на истите во реалната сфера.

„Она што радува е дека процентот на жени претприемачи кои аплицираат за различни инструменти на Фондот постојано расте, а очекувам ваквиот тренд да продолжи и во иднина. Од овие бројки може да се види дека жените имаат навистина активно учество во иновативните процеси и значително придонесуваат за позитивните резултати на компаниите кои се подржани од наша страна. Што е уште поважно е дека се охрабруваат да работат на нови развојни проекти со кои придонесуваат не само за развојот на сопствената компанија, туку и за развој на домашната економија“, вели Тања Илијевска, раководител на секторот „Анализа, меѓународна соработка и програми за поддршка на приватниот сектор“ при ФИТР.

Освен од Скопје има и жени од други делови на земјава кои се активни кориснички на понудата од Фондот за иновации и технолошки развој, а доминантни се првенствено во Интернет технологијата.

„Доколку ги анализираме индустриите во кои се спроведуваат овие проекти доминира ИТ секторот, по кој следуваат инженерство, преработка на храна, енергетика и енергетски ресурси, образование, електроника, градежништво, текстилна и кожна индустрија, екологија, биохемија, креативна индустрија и останати. Од вкупниот број на поддржани проекти од компании кои се управувани или менаџирани од жени 62% односно 68 проекти се од компании кои се регистрирани во Скопје. Овој процент се совпаѓа со општата економска слика во државата од аспект на концентрација на активностите во најголем процент во главниот град. Но, покрај Скопје, во нашето порфтолио на поддржани компании менаџирани од жени има комапании  од уште 14 градови меѓу кои се Штип, Прилеп, Битола, Струмица, Кочани, Охрид,Свети Николе, Виница и Дебар“, појаснува Илијевска.

Во изминативе неколку месеци Фондот преку својата кампања „Создаваме успешни приказни“ ги претстави успесите и резултатите од компаниите кои се финансиски поддржани и меѓу нив има многу компании предводени од жени. Целта е преку промоција на позитивни примери да се влее инспирација кај помалку храбрите жени!

„На пример ја  имаме компанијата „Фор лејди“ која има уникатна иновација – биохигиенски и биоразградливи алое хулахопки, кои не само што ги негуваат нозете, туку и влијаат врз  заштита животната средина, бидејќи се разградуваат десетпати побрзо од стандардните. Потоа ја имаме компанијата „Стратумрид“ која работи на проект поврзан со невромаркетинг и беше прва наша компанија претставена на меѓународниот форум во Давос, што меѓу другото е резултат на можностите за  вмрежување и поврзување со потенцијални странски инвеститори и потенцијални партнери кои ги обезбедува Фондот“, вели Илијевска.

Фондот, не само преку финансиска, туку и техничка и менторска поддршка им помага на сите компани и потенцијални апликанти и корисници и интензивно работи на изградба на капацитетите на бизнис секторот со цел да станат атрактивни и за странските инвеститори, но и да им се овозможи олеснет пристап кон пазарите и се разбира да го остварат својот профит, односно комерцијализација на резултатите.

Со  оглед на тоа дека последните две и пол години значително е зголемена поддршката за иновации на приватниот сектор преку различни инструменти на Фондот, се подобрува положбата на земјава на регионалната мапа.

„Можам да кажам дека забележуваме подобрувања и во тој сегмент.  Како што кажав, фактот што околу 40% од компаниите корисници се менаџирани или во сопственост на жени укажува на тоа дека и ние сме дале придонес во промената на “мајнд сетот“, но и дека само преку конкретни мерки може да се менуваат работите на подобро“, оценува Илијевска.

Успешните приказни како по непишано правило ги поврзува една иста „шема на успех“. Упорноста, креативноста, посветеноста, но и самодовербата и самовложувањето, иако звучи како клише, секогаш даваат резултати.

„Како и за сѐ останато, клучна е упорноста, самодовербата и посветеноста. Воедно, стравот од неуспех не треба да дозволиме да биде ограничувачки фактор поради кој се одлучуваме да не превземеме акција.  Иновацијата сама по себе значи некава “дисторзија“, позитивна се разбира, па оттука нашата задача е да ги поттикнеме сите да почнат да размислуваат “надвор од кутијата“ и да работат на идеи кои го “пореметуваат“ пазарот. Од друга страна, јас навистина не ја признавам поделбата на работите на „машки“ и „женски““, заклучува Илијевска.

ФИТР само досега има инвестициско портфолио од околу 65 милиони евра, а над 343 компании веќе користат средства за иновации и технолошки развој. Фондот е препознаен како успешен пример во студијата изготвена од World Economic Forum од каде порачуваат моделот на ФИТР од нашата земја да се преслика и во другите земји од регионот.