Царовска и Деспотовски: Доделени иновациски ваучери за 34 научно истражувачки проекти

Фондот за иновации и технолошки развој денес ги презентираше резултатите од првиот Јавен повик за иновациски ваучери, со кои се поддржуваат 34 научно истражувачки проекти. Проектите се наменети за развој на нови производи и услуги, со повисока додадена вредност, а на нив ќе соработуваат домашни компании и високо образовните институции од државата. Ова е прв ваков инструмент во Северна Македонија, а целта е ангажирање на сите капацитети на државата во креирање на забрзан економски раст.

На јавната презентација на резултатите се обратија министерката за образование и наука, Мила Царовска, директорот на ФИТР Јован Деспотовски, а домаќин беше Машинскиот факултет во Скопје, претставуван од деканот проф. д-р Дарко Данев.

Министерката Царовска  истакна дека реалниот сектор ја увидел потребата од инвестиции и примена на академските знаења во развој на бизнисите.

„И од тука започнува еден нов начин на инвестиции во наука, што е главна заложба на МОН и на Владата, сакајќи да видиме што ќе бидат оние продукти коишто ќе значат дополнителна вредност за економијата, но од друга страна и за развој на науката во нашата држава, што ни е многу значајно на нас како Министерство за образование и наука. Процентот на инвестиции од БДП во наука досега беше мал, но во 2021 сакаме да се зголеми токму преку вакви интерактивни и двонасочни комуникации и координации помеѓу двата сектора“, рече Царовска.

Директорот Деспотовски рече дека од денеска започнува со реализација на 34 проекти на кои заедно ќе работат домашните компании и академската заедница во функција на економскиот развој.

„Ова е прво системско решение со кое се институционализира оваа директната соработка. Она што е важно е дека средствата од државата одат директно кај универзитетите, а компаниите се корисници на нивната услуга. Со вакви таргетирани мерки сакаме да ја поттикнеме научно-истражувачката дејност и директно да ја вклучиме академската заедница во економското зајакнување на државата, рече Деспотовски.

Директорот на Фондот најави и нов сет мерки за директна поддршка на научно-истражувачката дејност во земјава.

Деканот проф. д-р Дарко Данев изрази благодарност до државата и Фондот што ја препозна академската заедница како сериозна алка во ланецот на развој на државата и обезбедија конкретна финансиска поддршка.

“Ова само по себе е доказ дека академијата и е потребна на индустријата за да и даде поддршка, но таа поврзаност е взаемна, и на нам ни е потребна индустријата. Оваа врска е нераскинлива и секогаш мора да се негува доколку сакаме прогрес и напредок. Сакам да ги охрабрам колегите од сите факултети да се вклучат во соработката со индустријата затоа што само на тој начин она што го правиме ние ќе стаса до компаниите,  а она што сме го направиле ќе биде пример за студентите,” рече Данев.

Јавниот повик беше отворен од 01.10.20 до14.10.20 и за првпат беше воведен принцип на доделување на средства по принципот “прв дојден – прв услужен“,односно според редоследот на поднесувањето на комплетни апликации. Во овој период пристигнаа 77 апликации, од кои 16 беа неподобни или непотполни.

Вкупниот износ на средства во јавниот повик изнесува 15 милиони денари и тие им се доделуваат на факултетите и истражувачките центри. Со иновациските ваучери се покриваат до 80% од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 денари. Останатиот дел од 20% е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите. Рокот за реализација на средствата од ваучерите ќе изнесува шест месеци. 

Средствата ќе се користат за развој на нови и подобрување на постоечки производи, процеси или услуги; техничка спецификација, производство на лабораториски прототипови, изработка на демонстрациони прототипови, различни видови на испитувања, валидација на технологија, советодавни услуги во врска со иновациска дејност, развој и воведување на посебен софтвер за производ или процес, како и за специфични обуки во врска со развојот на технолошки решенија.

Меѓу другото компаниите и универзитетите ќе работат на развој на систем за далечинско сензорирање на рударски комплекси со помош на безпилотни летала, развој на модел на вентилаторски ротор за проток на воздух, валоризација на отпаден пластичен материјал за добивање на рециклирачки профили за вградување во водени пумпи за наводнување.

Според анализата 68% се проекти на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, 26% од Универзитетот Гоце Делчев од Штип и 6% од Универзитетот Свети Климент Охридски од Битола. Компаниите со кои ќе соработуваат се претежно стартап компании 71%, и тоа микро (16) и мали (15) претпријатија, и средни (3). 21 од нив се нови корисници, додека 13 веќе користат средства преку другите инструменти на ФИТР.

Според проектите има застапеност на голем број на индустрии, а преовладуваат технолошката индустрија, информатички технологии, градежната индустрија, електроника, енергетика и енергетски ресурси.

Во следниот период ќе се реализира нов јавен повик за Иновациски ваучери, а во подготовка е и нов инструмент на ФИТР за поддршка на истражување и развој. 17 компании кои следат по последната одобрена апликација се на листа на чекање и ќе бидат разгледувани како првопристигнати по нареден јавен повик.

Резултатите од повикот може да ги погледнете на следниот линк.