Јавен повик Дигитализација на земјоделството

Врз основа на член 27 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), а во врска со Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата oд 20.01.2020 година, арх.бр. 01-514/17, Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 година,арх.број 01-797/6, и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 01.06.2020 година, арх.број 01-1662/5, Фондот за иновации и технолошки развој на ден 16.03.2021 година, го објавува јавниот повик за:

”Дигитализација на земјоделството”

Одржливото земјоделство е во срцето на “Целите за одржлив развој” на Обединетите Нации (ОН) и првиот основен чекор кон обезбедување на свет без глад (zero hunger). Согласно со Агендата на ОН, до 2030 година треба да бидат обезбедени одржливи системи за производство на храна и да се спроведат одржливи земјоделски практики што ја зголемуваат продуктивноста и производството, кои помагаат во одржување на еко-системите, кои го зајакнуваат капацитетот за прилагодување кон климатските промени, екстремните временски услови, сушата, поплавите и другите катастрофи и кои постепено го подобруваат квалитет на земјата и почвата.

КОВИД-19, како досега незапамтена здравствена, економска и социјална криза што ги загрозува животите и егзистенцијата, направи уште поголем предизвик во постигнувањето на овие цели. Во време кога сме соочени со ефектите на пандемијата врз прехранбениот и земјоделскиот сектор, потребни се навремени мерки за да се осигура дека синџирите за снабдување со храна се одржуваат во живот за да се минимизира ризикот од големи шокови што имаат значително влијание врз сите, особено врз сиромашните и најранливите категории.

Улогата на дигиталната иновација во земјоделството е да се искористи моќта на дигиталните технологии да пилотираат, забрзаат и го зголемат обемот на иновативните идеи со висок потенцијал за позитивно влијание во земјоделството и производсвото на храна. Во изминатиот период, земјоделството, заедно со ловство, шумарство и рибарството има остварено вкупен пораст на бруто додадената вредност од 4,5%. Секторот бележи континуиран годишен пораст на вредноста од 871.400.000 евра во 2014 година на 910.900.000 евра во 2019 година, освен во 2017 година поради влијанието на временските услови. Од друга страна, релативното учеството на земјоделскиот сектор во бруто додадената вредност е намалено од 10,2% на 8,1% поради поголемата додадена вредност остварена во останатите попропулзивни економски дејности. Заедно со преработувачката индустрија, учеството во БДП достигнува 12% во БДП, односно е на трето место после индустријата и услугите. Сепак оваа индустрија останува непрепознаена и фрагментирана, а прифаќањето на дигиталните технологии се одвива многу споро.

Дигиталното земјоделство идеално води кон економски раст со тоа што им овозможува на земјоделците да извлечат максимално производство од својата земја. Навремените и точни информации придонесуваат кон донесување на правилни и навремени одлуки што резултира со успех во одгледувањето на земјоделските култури, зголемена продуктивност и зголемени приходи.

Со овој предизвик, бараме напредни стартапи кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ / услуга, со кој ќе придонесат кон зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, обезбедување на одржливи системи за производство на храна и забрзување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор.

Да ја искористиме технологијата за да ги подобриме сите сегменти на земјоделското производство!

Овој предизвик на Фондот се реализира во партнерство со Минстерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).

Земјоделските технологии може да вклучуваат широк спектар на производи, услуги или апликации поврзани со земјоделството: беспилотни летала, сателитски фотографии и сензори, мрежи на сензори засновани на IoT, следење на временски прогнози, автоматско наводнување, контрола на светлина и топлина, интелигентна анализа на софтвер за предвидување на штетници и болести кај растенијата, биотехника, управување со земјоделска механизација, управување со почвата како и решенија засновани на апликации со кои земјоделците преку нивните паметни телефони можат да добијат информации за цените на земјоделските култури, сезоната на сеење, имплементација на агротехнички мерки, техниките за берба, кога и каде да ги продаваат своите производи и сл.

Дополнително, предложените иновативни решенија може да се однесуваат на дигитализација на пост-бербените активности и процесот на преработка на земјоделски производи што може да вклучува дигитални производи, услуги или апликации кои се користат за унапредување и следење на процесите од берба, транспорт, сортирање, складирање, пакување, етикетирање, преработка па се до доставување на пазарот со цел додавање вредност на производите, а притоа зголемувајќи ја ефикасноста на процесите, намалени загуби и отпад како и зголемена заштита на животната средина.

Поагајќи од ова, во рамки на предизвикот „Дигитализација на земјоделството“ секој Натпреварувач има можност да достави предлог решение во една од следните категории:

  • ПАМЕТНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО / Smart farming

Паметното земјоделството има холистички пристап кон земјоделските иновации и претставува усвојување и комбинирање на паметни технологии како што се комбинација на сензори, Интернет на нештата (Internet of things – IoT), автоматизација и платформи базирани на облак кои го подобруваат секој аспект на управување со посевите и го трансформираат земјоделското производство.

  • ПРЕЦИЗНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Прецизно земјоделство или специфично управување со земјоделски култури (SSCM), значи користење на сонди за мерење на одредени параметри, слики од сателити или дронови за креирање на стратегии за најдобра ефикасност и користење напредни земјоделски практики за следење, обработка и менаџирање со земјоделските посеви и насади.

  • РОБОТИКА И АВТОМАТИЗАЦИЈА

Напредната роботика, автоматизирана машинерија и беспилотни летала се клучни за зголемување на ефикасноста на земјоделското производство во иднина. Автоматизираната голема механизација може да преземе многу аспекти на земјоделството од големи размери. Новата генерација на прецизни роботски манипулатори можат да го лоцираат и идентификуваат производот, да го изберат и да го берат врз основа на неговата големина и степен на зрелост.

Дополнително, автоматските системи за наводнување го оптимизираат растот на посевите и употребата на вода за истите.

  • БИОТЕХНОЛОГИЈА (BIOTECH)

Неодамнешните достигнувања во биотехнологијата во голема мера придонесуваат за подобрување на земјоделското производство. Со помош на генетското инженерство се создава семе и саден материјал што е прилагоден на различни средини и климатски промени. Освен тоа, биотехнологијата помага и во идентификување на подобри начини за борба против штетниците.

  • БАЗИ НА ПОДАТОЦИ И ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Бази на податоци и Вештачката интелигенција ги оптимизираат скоро сите аспекти на управувањето со посевите преку користење на сонди и сензори кои ги евидентираат временските услови, како и евидентирање на промените во составот и структурата на почвата и ефикасноста во производството на земјоделските култури. Овие две технологии носат подобрувања во деловните и оперативните процеси врз база на веќе примени информации.

  • ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА ПОСТ-БЕРБЕНИ АКТИВНОСТИ И ПРЕРАБОТКА

Дигиталните решенија може да се применливи во пост-бербени активности како операции за контролирано зреење и сушење, транспорт до центарот за пакување, сортирање, чистење, селекција, чување во контролирани температурни режими и атмосфера, системи за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, намалување на отпад од производите, инспекција од користени заштитни средства (пестициди, инсектициди) фумигација,  и дополнителни системи за контрола и подобрување на квалитетот. Предлогот за напредна дигитална технологија може да се однесува на одржливи начини и материјали за пакување, ре-дизајнирање и следење на процесот на преработка и обработка на податоците во секој дел од синџирот се до малопродажбата.

  • ДРОНОВИ И САТЕЛИТИ

Беспилотнитe летала (дронови) и сателити ги мерат и надгледуваат полињата, создаваат мапи на теренот, го контролираат квалитетот на работата на полињата и обезбедуваат голема количина на фито-геоморфолошки податоци за оптимално управување со земјоделството. На пример, мултиспектрални и хиперспектралните камери поставени на беспилотните летала покажуваат каква е употребата на вода и ѓубриво, приносот на култури и укажуваат на појавата на болести и штетници, што на крајот придонесува во решавањето на овие проблеми во рана фаза и се обезбедува поголем принос.

  • ИНТЕРНЕТ НА НЕШТА (Internet of things – IoT)

Интернетот на нешта ги интегрира технологиите за сензори и решенијата за мониторинг во постојниот земјоделски процес (механизација) за да се генерираат прецизни податоци потребни во секојдневното донесување на одлуки на земјоделците и земјоделските бизниси. Обработката на податоци во реално време придонесува кон активирање и следење на ефективноста на системите за автоматизација и кон нивно идно подобрување.

Спроведувањето на проектот може да биде до 12 (дванаесет) месеци.

Фондот врз основа на оправдани околности може да одобри продолжувања на спроведувањето на проектот до 6 (шест) месеци.

За финансирање на проекти во рамки на овој повик обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000 (шест милиони) денари.

За поединечен предлог проект, Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет проценти) од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.500.000 (еден милион и петстотини илјади) денари. Од страна на Натпреварувачот треба да бидат обезбедени минимум 10% (десет проценти) од вкупниот буџет на проектот.

Средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на Натпреварувачот – корисник на финансиски средства од Фондот.

Доколку нема доволно квалитетни предлог проекти или не се исполнети условите за финансирање, Фондот го задржува правото да не додели финансиски средства.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост” (ИМЕ) финансирана од Швајцарската Агенција за развој и соработка, ќе обезбеди два вида на поддршка за апликантите и идните корисници и тоа: менторска поддршка и поддршка во однос на комерцијализација на иновациите.

  • Менторска поддршка:
  • Индивидуални менторски средби со избраните апликанти – корисници на Фондот со цел детектирање на функционалностите на предложеното решение, презентирање на бенефитите од решението, обезбедување на повратна информација од секторот за подобрување на решението и иницијален интерес за комерцијално користење.
  • Поддршка во комерцијализација на иновациите:
  • Презентирање пред чинителите во секторот
  • Поврзување со претпријатија или фармери кои би биле потенцијални корисници на изработените дигитални решенија/услуги (во зависност од остварените резултати при развој на решението)

Поддршката ќе биде насочена кон корисниците на Фондот избрани на овој предизвик кои ќе развијат дигитални решенија кои се апликативни во земјоделскиот сектор во областите свежо овошје и зеленчук, преработки од овошје и зеленчук, лозарство и винарство. Склучувањето на договори на корисниците со ИМЕ ќе следува по склучување на договорите со Фондот.

Јавниот повик е наменет за стартапи кои можат да понудат иновативно и/или технолошки напредно решение сами, или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност или друго претпријатие.

Натпреварувачот (Водечкиот натпреварувач) треба да биде правен субјект кој ги исполнува следните услови:

  • Да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • Во моментот на аплицирање да не се поминати повеќе од 6 години од денот на основање на трговското друштво;
  • Да е со мнозинска македонска сопственост (со 50,1% или повеќе);
  • Годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра во претходните две фискални години, според финансиските извештаи;
  • Да е претпријатие со максимум 250 вработени;
  • Да не е поврзан (согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечен број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, освен во случај на капитална поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • Да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis), односно:
  • Да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двестотини илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • Да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • Да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието) и
  • Да не се занимава со производство на јаглен.

Доколку предлог-проектот вклучува соработка на Натпреварувачот со друго претпријатие, условите за партнерот се исти како и за Водечкиот Натпреварувач.

При аплицирање во партнерство или конзорциум, главен носител на проектот е Водечкиот Натпреварувач.

Активностите предвидени во предлог-проектот треба да соодветствуваат на фазите на истражување и развој, односно на напредување на технологијата од прототип до производ / услуга потврдени во реална средина и спремни за пазар – Technology Readiness Level (TRL5-TRL9)

Активностите може да вклучуваат:

  • Активности за тестирање;
  • Дизајн;
  • Активности за истражување и развој;
  • Активности за заштита на интелектуалната сопственост;
  • Набавка или изработка на специфична опрема, ИКТ алатки и потрошен материјал поврзани со реализација на проектот и
  • Активности за маркетинг и продажба (насочени кон доведување на решението до инвестициска подготвеност и зрелост за воведување на пазарот).

Горенаведената листа на активности не е ограничувачка.

Трошоците предвидени во буџетот на проектот треба да соодветствуваат на активностите предвидени во проектната апликација.

Трошоци подобни за финансирање:

  • Бруто плати (само за вработени кај Водечкиот натпреварувач). Износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваaт на воспоставените практики на корисникот пред почетокот на проектот, намалени за износот на потенцијална државна субвенција примена по основ на плата;
  • Купување и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • Поддоговорни услуги за истражување и развој (пр: тестирање, лабораториски услуги и сл.);
  • Ангажирање на експерти/советници за истражување и развој;
  • Ангажирање на консултанти за останати потреби дирекно поврзани со очекуваните резултати на проектот (експертиза поврзана со иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на средства и капитал, бизнис развој, маркетинг, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго);
  • Подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и индустриски дизајн, обезбедување на квалитет и слично;
  • Канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, хостинг и останати видови на административни трошоци) во максимален износ од 15% (петнаесет проценти) од вкупниот буџет на проектот.

Само трошоците настанати за време на проектот во согласност со одобрениот Буџет на проектот и реализирани до крајот на проектот се подобни за финансирање.

Трошоци неподобни за финансирање:

  • Додатоци на плата;
  • Трошоци за набавки на стоки, услуги и работи од домашни јавни претпријатија;
  • Трошоци за камата или долг на која било страна;
  • Расходи и резервирања за минати и можни идни загуби или долгови;
  • Курсни загуби и казни;
  • Трошоци за  храна и угостителство;
  • Трошоци за регрутирање на кадар (трошоци за објавување на оглас, провизии од агенции за вработување, трошоци поврзани со селекција на кандидати и слично) и трошоци за преселба;
  • Готовински исплати од наменската сметка за проектот;
  • Трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на сопственик/ици на Корисникот;
  • Трошоци за консултантски услуги обезбедени од страна на лица кои се вработени кај Корисникот;
  • Наем на деловен простор од закуподавец кој учествува во активностите на проектот или е поврзано лице со Корисникот;
  • Трошоци за реализација на активности кои претходно биле финансирани од други извори;
  • Набавка на половна опрема и
  • Данок на додадена вредност (ДДВ), во случај кога наградениот субјект има право на поврат на ДДВ.

Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот, а кои се во согласност со одобрениот Буџет на проектот и Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата, ќе се сметаат за подобни трошоци.

Фондот го задржува правото да преговара со победниците по однос на дефинирање на активностите и буџетот на проектот на основа на препораки добиени од Комисијата за оценување и избор (во натамошниот текст: Комисијата), а пред потпишување на Договорот за доделување на награда.

Во случај проектот да се базира на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, Натпреварувачот е должен, пред потпишувањето на Договорот за доделување на награда, да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за „in-kind“ придонес или друг вид на договор кој потврдува дека Натпреварувачот има право на користење на интелектуалната сопственост на која се базираат резултатите од проектот.

Фондот не е одговорен за спорови поврзани со правата на интелектуална сопственост помеѓу Корисникот на финансиските средства и трети страни.

Сите права на интелектуална сопственост и „know-how“ кои ќе бидат создадени за време на имплементација на Проектот и/или како резултат на спроведувањето на Проектот му припаѓаат на Корисникот и доколку е применливо, Корисникот треба да ги заштити правата на интелектуална сопственост.

Постапката, од прием на пристигнатите апликации се до селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор и доделување на финансиски средства на корисникот/ците, се состои од неколку чекори:

  • Административна проверка на пријавите (дали апликацијата е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик)
  • Прва оцена на предлог-проектот (предселекција)
  • Пичинг односно презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор (опционално)
  • Селекција на најдобри предлог-проекти 
  • Потпишување на договори

Секој предлог-проект се оценува од Комисија за оценување и избор која се состои од:

  • Еден (1) надворешен експерт од областа на предизвикот
  • Еден (1) експерт во областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба
  • Два (2) претставници од партнерските институции
  • Еден (1) претставник на Фондот

Комисијата работи врз основа на Деловник за работа на Комисија за оценување и избор кој се усвојува на првиот состанок на Комисијата.

НАПОМЕНА: По барање на членовите на Комисијата, Фондот може да ангажира експерти кои ќе дадат стручно мислење за одредени апликации, соодветно на областа на нивната експертиза. Во таков случај, стручното мислење ќе биде земено во предвид од членовите на Комисијата при оценувањето на апликацијата.

 

Главните критериуми за оценување на предлог проектите се:

  • Степен на иновативност
  • Капацитет на проектниот тим
  • Квалитет на проектот
  • Потенцијал на пазарот
  • Влијание

Главните критериуми и подкритериуми за евалуација на проектите се опишани во образецот на Табелата за оценување.

При аплицирање задолжително треба да се достават следниве документи:

Проектна документација (која треба да е потпишана од овластен претставник на Натпреварувачот и печатирана, а достапна е преку веб-страницата на Фондот):

  • уредно пополнет образец за проектна апликација
  • уредно пополнет образец за буџет на проектот
  • изјава на Натпреварувачот за прифаќање на условите на Фондот
  • нотарски заверена изјава за сопственичка – основачка структура на Натпреварувачот.

Кратки биографии на главните лица ангажирани во проектот (најмногу за пет лица)

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик. Проектната документација задолжително се доставува на обрасци изготвени од страна на Фондот.

Проектната документација заедно со кратки биографии да се прикачат на формуларот за аплицирање достапен на следниот линк: https://fitr.mk/agrodigital/ со клик на копчето „Аплицирај“

Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 16.04.2021 година, до 14:00 часот.

За финансирање ќе бидат земени во предвид само оние предлог проекти кои се доставени на горенаведениот начин и во дадениот рок.

Правилата и процедурите за спроведување, следење и надзор на проектот се дефинирани во документот Правила за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 20.01.2020 година и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 и 01.06.2020 година.

За сите дополнителни информации можете:

  • да ни пишете на електронската адреса: agrodigital@fitr.mk
  • да се јавите на телефонскиот број: 02 3145 258

Со цел да ви помогнеме при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот Фондот ќе организира инфо-настани; бесплатна техничка помош од експерти; и менторски работилници.

Информациите за овие активности ќе бидат навремено објавувани на веб-страницата на Фондот како и на официјалните профили на Фондот и ИМЕ на социјалните мрежи (Фејсбук и Инстаграм).

  1. Со оглед на тоа дека кофинансираните средства не се враќаат во рок од 5 години (како што е случај за други повици), до кога траат обврските кон Фондот? Дали траат додека трае проектот и кофинансирањето (на пример 6 месеци)?

Во рамките на овој повик, обврските траат се до завршувањето на имплементацијата на проектот.

  1. Дали може да се користи постоечката сметка на стартап компанијата која ке аплицира на повикот, со оглед на тоа дека на таа сметка нема друг промет? Едиствен промет на таа сметка би биле евентуалното финасирање на проектот и трошоците за истиот.

Сметката може и претходно да биде отворена, но истата треба да е чиста и преку неа да не се спроведуваат никакви плаќања ниту да има приливи за времетраење на проектот.

  1. Дали може да конкурираме со дигитализација на инкубатор за пилиња и примена на обновливи извори на енергија во овој сектор? Гранката живинарство не е спомната, но таа спаѓа под земјоделие.

Сточарството како дел од земјоделството секако е во рамките на овој предизвик. Проектот ќе ги исполни условите на повикот доколку влезе во некоја од следните области на дигитализација:Паметно земјоделство, Прецизно земјоделство, Роботика и автоматизација, Биотехнологија, Бази на податоци и вештачка интелигенција, Дигитализација на пост-бербени активности и преработка, Дронови и сателити и Интернет на нештата.

  1. Дали можат да аплицираат трговските фирми кои имаат повеќе од 6 години од основањето? Какво решение имате за нив?

Овој јавен повик е наменет за новоосновани трговски друштва (стратапи) кај кои не се поминати повеќе од 6 години од основањето. Доколку има поминато повеќе од 6 години од основањето на трговското друштво постојат 2 можности:

  • да биде основано ново претпријатие стартап кој ќе го развива предложениот производ или
  • да ја разгледате можноста за аплицирање на друг јавен повик на ФИТР во иднина
  1. Дали партнерот/ член на конзорциумот треба да биде исклучиво правно лице или е возможно тоа да биде и физичко лице ангажиран како надворешен консултант/советник за потребите на проектот.

Доколку предлог-проектот вклучува соработка на натпреварувачот со друго претпријатие, условите за партнерот се исти како и за водечкиот натпреварувач. Тоа значи дека партнерот треба да биде правно лице кои ги исполнува истите услови како и водечкиот натпреварувач. Партнерството истовремено може да означува и директно учество во буџетот односно во кофинансирањето на проектот. Доколку нема партнер во проектот, податоците за натпреварувачот се внесуваат само во првиот, воведен дел на апликацијата, во Точка 1. Основни податоци за натпреварувачот. Соработката со трети страни може да биде остварена и преку договори со правни или физички лица за вршење на одредени работи поврзани со проектот, што се евидентира во проектната апликација како и во буџетот на проектот: ставка III Трошоци за техничка поддршка.

  1. Доколку вкупниот буџет на проектот изнесува 1 500 000ден, а кофинансираниот грант од ФИТР изнесува 1 350 000 т.е. 90% од вкупниот буџет на проектот, односно % од страна на апликантот е 10% т.е 150 000ден. Доколку вкупниот буџет на проектот се рапредели сразмерно по квартали односно за секој квартал доколу има кофинансирање од 15% од страна на апликантот се добива сума од 56 250 ден по квартал или 225 000ден за цела година што преставува 15% од вкупната вредност на инвестицијата. Прашањето е дали кофинансирањето од страна на апликантот треба да биде не помалку од 15% или не помалку од 10% ?

За поединечен предлог проект, Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет проценти) од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.500.000 (еден милион и петстотини илјади) денари. Од страна на натпреварувачот треба да бидат обезбедени минимум 10% (десет проценти) од вкупниот буџет на проектот.