4,2 милиони денари доделени на најуспешните 20 училишта кои учествуваа на „Предизвикот за млади истражувачи“

Во Владата на Република Македонија се одржа настан во организација на Фондот за технолошки развој и иновации посветен на прогласување на најуспешните 20 училишта од Предизвикот за млади истражувачи. Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев им посака топло добредојде на присутните ученици, ментори, наставници и присутни гости и заедно со министрите за образование и здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, им доделија вредносни ваучери на најуспешните истражувачки проекти на 20 основни и средни училишта од цела Македонија.

Премиерот Заев во своето поздравно обраќање рече дека креативното размислување и истражувачкиот дух кај децата и учениците треба да бидат поттикнувани во рамки на образовниот процес, од општеството, во семејствата.

„Мотивирани млади луѓе се градителите на стабилна и економски перспективна иднина. Такви млади луѓе и се потребни и на нашата Македонија. Во вас драги ученици, млади истражувачи го препознавам тој креативен потенцијал што и е потребен на Македонија! И со вашиот вложен труд и резултатите што ги постигнавте денеска го потврдувате тој факт“, порача премиерот Заев.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми рече дека знаењето, иновациите ги движат земјите и светот напред и во тој правец подвлече дека Владата на Република Македонија има јасна стратегија преку конкретни мерки и активности за поттикнување на иновативноста и креативноста.

„Денешниот настан е потврда за јасната заложба за поттикнување на иновативноста. За младите да создаваат нови идеи а ние да ги поддржуваме во нивната реализација. Ви посакувам многу нови успеси во иднина“, порача министерот Адеми.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски во детали зборуваше за истражувачките проекти кој беа наградени и рече дека околу 100-тина училишта се пријавиле на предизвикот и изрази уверување дека на вториот предзивик ќе земат учество уште поголем број на училишта.

„Иновацијата ве предизвика, и на неа одговоривте со: Изработка на дрон, на хидрапонична градина, Систем за детекција на гасови во воздух во работни простории, Фотоволтаична централа, Стаклена градина Индиго Росе, Отпорност на градинарските култури на кисели дождови и десетици други успешни истражувачки проекти. Со нив само се уверивме дека во вас има креативен, критичен и иновативен потенцијал независно во кое училиште учите, и од кој дел на Македонија ни доаѓате. И затоа првичниот буџет за награден фонд на Предизвикот од 1, 5 милион денари, го зголемивме за скоро трипати и денес тој изнесува 4,2 милиони денари бидејќи наш приоритет е да вложуваме во вашиот развој и идеи. Вложувањето во развојот на вашите потенцијали, е предизвик на кој ние треба да одговориме. Знаеме дека не е едноставно, но е неизмерно значајно за нашата заедничка иднина. Верувам дека меѓувас денес е идниот Закерберг, Илон Маск, Џек Ма“, порача директорот Деспотовски.

Настанот заврши со заедничко селфи на учениците и менторите од наградените училишта, премиерот, министрите и директорот што го направи младиот и популарен јутјубер Стефан, препознатлив кај децата и учениците како Стефонатор, кој инаку беше и модератор на настанот.