Јавен конкурс за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст по редовна постапка

Врз основа на член 25 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18) и член 9 од Правилникот за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст бр. 01-2410/5 од 30.12.2020 година, Фондот за иновации и технолошки развој на ден 10.05.2022 година, објавува Јавен конкурс за поднесување на предлог-проекти за финансирање под Инструментот за поддршка Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст.


Преземи документација


Презентација од јавниот повик

Цели и опис на инструментот за поддршка

Целта на овој Инструмент е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи („ПЗУ“) за забрзан економски раст, кои ги исполнуваат условите од Правилникот за  инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст.

Целта на поддршката е претпријатијата да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација.

Поддршката е наменета за претпријатијата и ПЗУ (приватни здравствени установи) кои имаат јасно идентификувана потреба од нови технологии која ќе има значително и мерливо позитивно влијание во еден или повеќе од следните аспекти од нивното работење: зголемена продуктивност и ефикасност, намалување на трошоци и употреба на ресурси, намалување на негативното влијание врз животната средина, подобар квалитет и нови карактеристики на производите и услугите кои ги нудат на пазарот, за развивање на нови канали за продажба, влез, експанзија на нови пазари или за градење на постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи. 

 

Износ на финансиска поддршка

Преку овој Инструмент Фондот обезбедува финансиска поддршка:

Износот на остварени годишни приходи и просечен број на вработени се утврдува согласно финансиските извештаи за последни две години (2021 и 2020 година).

Максималните граници на остварени приходи според кои се определува процентот и максималниот износ на кофинансирање се изразени во евра и се пресметуваат според средниот курс на НБРМ за евро на денот на објавување на јавниот повик.

АПЛИКАНТОТ ОБЕЗБЕДУВА сопствено кофинансирање од 30% (за микро и мали претпријатија) односно 40% за средни претпријатија од вкупниот буџет на проектот.

Средствата добиени од Фондот по која било друга основа, како и средствата добиени по основ на која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за кофинансирање од страна на апликантот.

Критериум за подобност на апликантот

  1. Да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот Регистар на Република Северна Македонија или да е приватна здравствена установа основана согласно Законот за установи и Законот за здравствената заштита регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  2. Да не е поврзан (согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие и/или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечен број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, согласно член 10 став 1 точка 5 од Правилникот и одредбите од Јавниот конкурс, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
  3. Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  4. Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  5. Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  6. Апликанти со над 3 (три) години на постоење до моментот на аплицирање да немаат остварена загуба согласно финансиските извештаи за последните две календарски години, согласно член 7 став 6 од Правилникот; Со оглед на економската криза во 2020-та година предизвикана од Ковид19 пандемијата, како година која ќе се смета за меродавна за проверка на остварена загуба е само 2021-та година.
  7. Да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиски институции заклучно состојба на крај на месец Февруари 2020, односно пред почеток на кризата предизвикана од Ковид 19, издадена од Македонско кредитно биро;
  8. Да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истата намена/мерка да не добива државна помош од два различни извори поради тоа што таквата помош не е дозволена.

Подобни активности за финансирање

Листата на активности не е ограничувачка.

 

 

Подобни трошоци за финансирање

Само трошоците направени за време на проектот во согласност со одобрениот буџет на проектот и реализирани до крајот на проектот се подобни за финансирање.

При распределба на буџетот по квартали, апликантот треба да води сметка за рамномерност во распределбата на буџетот oдносно износот за секој одделен квартал да не се разликува од останатите квартали за повеќе од 30 (триесет) %.

Критериум за еваулација на предлог проекти

Критериумите и подкритериумите за евалуација на проектите се наведени во образецот –Табела за евалуација.

Времетраење на проектот

Времетраењето на проектот може да биде до 18 (осумнаесет) месеци.

Вкупен буџет на повик

За финансирање проекти под овој конкурс за овој Инструмент обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000.00 (шест милиони) евра во денарска противвредност.

Начин на аплицирање

Сите обрасци за аплицирање може да ги преземете со клик на копчето „Преземи документација“.

Уредно да се пополнат, потпишат и заведат со печат:

Проектната апликација, буџетот на проектот и биографиите треба да бидат пополнети на македонски и на англиски јазик и во PDF формат да се прикачат на формуларот за аплицирање со клик на копчето „Аплицирај“.

Останатата документација треба да биде доставена само на македонски јазик.

 

Рок на аплицирање

До 15.06.2022, до 16.00 часот.

За сите дополнителни прашања пишете ни на: zabrzanrast2@fitr.mk

Често поставувани прашања

  1. Дали може да аплицираат стартап компании основани во  2022 година?

Може, бидејќи нема ограничување во однос на староста на претпријатието апликант.

 

     2. Доколку повратот се врши  по стапка од 7,5% од оперативната добивка за период од 5 години, дали тоа значи дека треба да го вратиме целиот добиен износ од Фондот или само тие 7,5% за 5  години?

Повратот на финансиската поддршка доделена од страна на Фондот се врши по стапка од 7,5% од оперативната добивка на корисникот, до остварување на еден од следниве два услови:

  1. до остварување на поврат на 105% од износот исплатен од страна на Фондот или
  2. за период од 5 (пет) години по завршувањето на проектот, во зависност од тоа кој услов е прв остварен.

Обврската за поврат настанува по завршување на проектот и износот на поврат се пресметува од остварената оперативна добивка за годината за која се уплаќа (односно основот за поврат не е остварената добивка пред аплицирање или последните три години).

 

        3. Во повикот не е наведено дали сопственичката структура треба да биде 51% македонска, па би замолила да не информирате дали е ова задолжителен критериум?

Условите за подобност се наведени во член 7 во Правилникот за овој инструмент. Според наведените услови, сопственоста не е критериум за подобност.

 

         4. Ве молиме за објаснување каков документ и од која институција е следниот: потврда/ извештај дека апликантот нема доспеани неподмирени обврски над 90 дена кон финансики институции?

Потврда/извештај дека апликантот нема доспеани неподмирени обврски над 90 дена кон финансиски инстутиции можете да ја извадите од Македонското редитното Биро на РСМ.- https://mkb.mk/ . За овој документ ќе бидете дополнително контактирани од фондот, истиот не се доставува во фазата на Аплицирање.

 

       5. Листа на вработени – дали е доволно листата издаена од сметководство со печат од фирмата или треба друг документ издаден од друга институција?(пр. АВРМ)

Листа/потврда за бројот на вработени кај апликантот треба да е од Агенција за вработување (АВРМ). За овој документ ќе бидете дополнително контактирани од фондот, истиот не се доставува во фазата на Аплицирање.

 

          6. Биланс на состојба и биланс на успех – дали треба од сметководството на фирмата или од Централен регистар?

Со цел намалување на трошокот за апликантите и намалување на документацијата која ја обезбедува апликантот, Фондот ќе го обезбеди билансот на состојба и успех за секој апликант преку Централен регистар.

 

         7. Во Правилникот за инструментот, во делот на неподобни трошоци, пишува дека ДДВ-то е неприфатлив трошок. Дали тоа значи дека сумите во буџетот се пишуваат без ДДВ или со ДДВ?

ДДВ е неподобен трошок и износите во буџетот треба да се без ДДВ.

 

        8. Дали за предвидените трошоци за набавка во проектот, во фазата на аплицирање треба да се доставуваат понуди за правдање на бараните суми?

Во фаза на апликација немате обврска да ги доставите понудите.

Во случај проектот да е одобрен за финансирање, по потпишување на договорот а пред правење на набавката, за било која набавка предвидена во буџетот на проектот која надминува износ од 10 000 евра, потребно е до Фондот да доставите минимум три понуди и кратка информација за направениот избор на добавувач.

 

       9. Дали како апликант може да се јави субјект кој е регистриран како Приватна Установа за социјална заштита на стари лица?

Доколку апликантот е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и   регистрирано во Централниот Регистар на Република Северна Македонија или е приватна здравствена установа основана согласно Законот за установи и Законот за здравствената заштита регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија, тогаш го исполнувате овој критериум за подобност, согласно член 7 од Правилникот за инструментот.

 

      10. Дали како апликант може да се јави субјект кој има пријавено загуба во работењето?

Доколку компанијата е постара од три години во моментот на аплицирање, тогаш, согласно условите за подобност (член 7, точка 6 од Правилникот за инструментот и одредбите од јавниот конкурс) Апликантот може да има загуба во 2020 година, но не треба да има генерирана загуба во 2021година согласно официјалните биланси на успех за тие години.

Доколку претпријатието апликант е до 3 години постоење до моментот на аплицирање, за тие претпријатија нема услов да немаат остварена загуба.

 

      11. Што се подразбира под оперативна добивка на корисникот?

Под оперативна добивка се подразбира остварената бруто добивка на претпријатието пред одземање на трошоци за камата, даноци и амортизација.

 

      12. За колкав износ на поддршка може да аплицира компанија со број на вработени под 10 а износ на годишни приходи над 50 000 евра?

Во член 4 од Правилникот, соодветно на големината на претпријатието различни се максималните износи кои можат да бидат побарани од ФИТР.

Во конкретниот случај доколку апликантот има до 10 вработени а годишни приходи поголеми од 50 000 евра, максималниот износ кој може да биде побарано од ФИТР изнесува  5.000.000 денари доколку приходите се до 2 милиони евра. Доколку приходите се над 2 милиони евра а помали од 10 милиони евра тогаш може да се аплицира за поддршка до 10.000.000денари.

 

       13. Дали претпријатие кое има до 250 вработени а годишен приход за последниве две години околу  13.000.000 ЕУР е подобно да биде Апликант ?

Согласно Правилникот доколку претпријатието има годишен приход над 10 милиони евра, не е подобен апликант.

 

      14. Што доколку по некое време фирмата е во потешкотии и нема услови да ги враќа средствата?

Доколку фирмата не остварува оперативна добивка во период од пет години по завршување на проектот, согласно официјалните податоци од билансот на успех, за годините за кои нема остварено оперативна добивка корисникот нема да има обврска да направи поврат.

 

  15. Што ако фирмата отиде во стечај во меѓувреме?

Во случај да е поднесен предлог за поведување на стечајна постапка против корисникот, корисникот писмено го известува Фондот во рок од 10 (десет) дена од дознавањето за таквиот предлог. Информации за постапување во  вакви случеви може да најдете во Правилникот за инструментот.

 

      16. Ние сме ИТ фирма, и сме заинтересирани за аплицирање на Инструментот за кофинансирање грантови со цел набавка на опрема, сервери и слично. Моето прашање е дали треба ние да ја имаме претходно набавено опремата па потоа вие да ни доделите средства зависно од критериумите, или најпрво треба да се аплицира, да се чека одбрување на средства па потоа да се набави опремата.

Согласно условите од Правилникот, секоја активност и набавка поврзана со проектот, треба да биде преземена по одобрување на проектот односно по потпишувањето на договорот со Фондот. Согласно член 8 од Правилникот став 2 „само трошоците направени за време на проектот и во согласност со одобрениот буџет се подобни за финансирање“.

 

      17. Дали можеме да аплицираме со повеќе од една апликација?

Нема ограничување во бројот на проекти со кои може да аплицира една компанија, но треба да водите сметка за капацитетот на реализација на истите во случај да бидат одобрени.

 

      18. Дали има минимален износ на средства што можеме да ги побараме?

Нема ограничување во поглед на минимална сума за која би аплицирале.

 

         19. Наведено е дека средствата треба рамномерно да се трошат во текот на кварталите, но бидејќи нашето претпријатие би набавувало опрема, која што реално би се набавила и имплементирала во првиот квартал и потоа не би имале никакви трошоци, дали тоа се смета за прифатливо?

Доколку проектот трае повеќе од еден квартал согласно член член 8 од Правилникот став 3, износот на секој одделен квартал не треба да се разликува од останатите за повеќе од 30%.

Доколку проектот се реализира во еден квартал, тогаш нема вакво ограничување.

 

       20. Дали е потребно клиентите поврзани со проектот, да ги вршат своите уплати на наменската сметка на која ќе бидат средствата од поддршката или тоа не е потребно?

Доколку еден проект е одобрен, пред потпишувањето на договорот за финансиската поддршка се отвара наменска сметка на која се уплаќаат средствата од Фондот и вашето кофинансирање. Понатаму сите исплати согласно буџетот на проектот се прават преку наменската сметка.

Во случај да имате прилив од продажба, истиот не е задолжително да оди на наменската сметка бидејќи претпријатието корисник сам одлучува на која сметка ќе легнуваат средствата од продажба.

 

      21. Што поточно се смета за кратка биографија, кои сегменти се најважни за да бидат опфатени?

Биографија или CV (curriculum vitae) e образец на документ кој ги прикажува вештините и квалификациите на членовите на проектниот тим за секој член одделно.

 

      22. Дали можеме да аплицираме со проект за набавка и монтажа на фотоволтаични панели?

Доколку ги исполнувате условите за подобност наведени во Правилникот може да аплицирате. Воедно, при подготовка на проектот треба да водите сметка за целта на инструментот, активностите подобни за финансирање и критериумите за евалуација (табелата за евалуација е доставена на нашиот сајт со цел да имате увид во критериумите и тежината на секој критериум според кои проектите ќе бидат евалуирани).

 

      23. Кој почетен датум е оптимален за почеток на реализација на проектот, бидејќи треба да се испланира набавка на  опрема која е основна за дигитализација на работењето ?

За почеток на реализација на проектот, апликантот сам го одбира датумот. Имајте на ум дека рокот за аплицрање е до средина на Јуни по што следува процесот на селекција. При определување на рокот за почеток на проектот (при правење на планот за проектни активности) препорака е активностите да не се пишуваат во планот на активности со конткретни датуми туку на пример прв квартал, прв месец и слично.

 

      24. Дали повратот на вкупната инвестицијата треба да биде проектирана максимално до пет години и од вкупните приходи ?

Немате обврска да правите проекција на поврат. Во третиот дел од буџетот на проектот имате обврска да направите проекција за приходите и добивката на вашето претпријатие во рок од пет години по завршување на проектот. Врз основа на бројките од тој образец, во проектната апликацијата треба да дадете објаснување на претпоставките од проекцијата.

 

     25. Дали може да се користи истата наменска сметка од претходниот повик за кој имаме добиено одлука за финансирање?

 Истата сметка може да се користи само доколку претходниот проект ви е завршен и доколку салдото на сметката е 0 денари.

 

       26. Дали постои ограничување во однос на земјата на потекло при набавка на опрема потребна за развој на нов производ?

Не постои ограничување во однос на земјата при набавка на опрема.

 

     27. Во табелата за евалуација  се наведува дека максималниот број на поени по критериумот „капацаитет на проектниот тим“ ќе може да се освои доколку во тимот има еден доцент, универзитетски (вонреден или редовен) професор  и/или докторант кој ќе биде вклучен во проектот. Кој документ е потребен за докажување на таквиот статус?

Потребно е да се достави Одлука за избор на соработник од  високо-образовната институција или Потврда за запишани Докторски студии.

Документот треба да биде прикачен при аплицирањето во полето дополнителни документи.

 

       28.Дали можеме да аплицираме на Jавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст по скратена постапка?

Скратена постапка за овој повик не е објавена. Можете да аплицирате само во редовна постапка.

 

   29. Ве молам за инфо дали може да аплицира фирма каде 75% е странски капитал а 25% е македондски капитал.

Критериумите за подобност на апликант се наведени во член 7 во Правилникот за овој инструмент. Според наведените услови, сопственоста (домашна или странска) не е критериум за подобност.