ФИТР ја доби водечката улога во новиот европски проект „POLICY ANSWERS“

Фондот за иновации и технолошки развој jа доби водечката улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан, во рамките на новиот европски проект „Policy Answers“, финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија со буџет од 5 милиони евра.

Проектот има за цел да ги продолжи и зголеми заедничките напори на Европската Унија и Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија – за да поттикне соработка во полето на иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт. Целта е на крајот да се поттикне стабилноста и просперитетот додека се зајакнува европската перспектива на регионот.

Директорот на Фондот Фестим Халили, во Виена пред присутните претставници од ЕУ и регионот истакна дека улогата на ФИТР во овој проект уште еднаш ја потврдува определеноста на Република Северна Македонија за наша интеграција во европскиот заеднички пазар.

„Policy Answers“ е предводен од Центарот за социјални иновации (ZSI) во Виена и вклучува 14 партнер институции од Европската Унија и од Западен Балкан.

Предвидени се активности како состаноци на високо политичко ниво, анализи и препораки за градење на политики и јакнење на капацитеттите на локалните актери со цел поефикасна интеграција на Западен Балкан во Европската истражувачка област и иновациски екосистем.