Се зајакнува соработката помеѓу ФИТР и Стопанската комора на Северна Македонија

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески. Tема на работната средба беше иницијативата за активности кои водат до поттикнување на иновативноста и конкурентноста на компаниите.

Директорот на ФИТР Дестим Халили на средбата ги истакна активностите на  Фондот преку кои се нуди поддршка за компаниите, преку финансирање на најдобрите и одржливи бизнис идеи и проекти, како и фактот дека ФИТР ќе биде првата акредитирана институција кон Зелениот климатски фонд од Западен Балкан.

-Преку Зелениот климатски фонд ќе се обезбедуваат финансиски средства за зајакнување на ангажманот на приватниот сектор во климатската акција за реализирање на приоритетите согласно Парискиот договор, Целите за одржлив развој и остварување на обврските за клима во рамките на претпристапниот процес на Европската Унија.- истакна Халили на средбата.

Во текот на средбата беше поздравена и досегашната соработка помеѓу двете институции, за што говори успешно реализираниот проект „Зголемување на извозната конкурентност на металопреработувачкиот, електро и машинскиот сектор, преку подобрување на производните и на технолошките способности на извозно ориентираните МСП“, преку кој беа набавени 23 машини и дополнителна опрема за 4 компании во директна финансиска поддршка во форма на грант од Фондот за иновации и технолошки развој со поддршка од Светската банка, во вредност од половина милион евра.

Двете страни договорија комуникација на дневно ниво со која компаниите навремено ќе се информираат за сите активни јавни повици, во насока на дополнително афирмирање на инструментите кои овозможуваат раст и развој на компаниите.