Македoнската компанија „КМГ Ливинг“ дизјанира мебел по мерка на лицата со телесен хендикеп

Од компанијата велат дека работат на производство на мебел што ќе има специфични решенија за прaктично функционирање кај лицата со специфични потреби, односно дизајнираат мебел што ќе им го олесни животот, а до одреден степен и ќе ги намали болките на овие лица.

Сѐ поглaсни и поочигледни се напорите на земјите за интеграција и непречено функционирање на лицата со попреченост во секој сегмент на општественото живеење. Токму затоа надлежните се залагаат за реална поддршка на сите потфати кои се во насока на обезбедување на квалитетно секојдневие на лицата од оваа категорија. Во прилог на ова говори и поддршката од државниот Фонд за иновации и технолошки развој за компаниите кои со своите иновации сакаат да придонесат во оваа насока.

„КМГ Ливинг“ е една од нив, а делуваат во доменот на производство на мебел согласно потребите на лицата со физичи попречености кој во иднина, освен во домовите, може да биде дел од објектите на институциите како дел од идејата за пристапност.

Од компанијата велат дека работат на производство на мебел што ќе има специфични решенија за практично функционирање кај лицата со специфични потреби, односно дизајнираат мебел што ќе им го олесни животот, а до одреден степен и ќе ги намали болките на овие лица.

„Целта на проектот е производство на мебел кој е прилагоден и целосно одговара на лицата со телесна попреченост, овозможувајќи им да функционираат самостојно и да ги задоволат сопствените потреби. Произведениот мебел ќе обезбеди специфични решенија за проблемите за лицата со телесна попреченост, т.е. тој ќе биде дизајниран да го олесни нивниот секојдневен живот. Производите кои произлегуваат од овој проект имаат практична и неограничена употреба во личниот живот и ќе ги пополнат празнините во обезбедувањето мебел кои има вонстандарден дизајн“, вели сопственикот и управител на „КМГ Ливинг“ Оливер Ристески нагласувајќи дека освен на македонскиот пазар овие парчиња мебел во блиска иднина ќе може да бидат достапни и пошироко во регионот и на светскиот пазар.

Тој најавува нови производи и тоа маси и столчиња кои ќе бидат прилагодливи по висина и агли со цел олеснување на  секојдневните активности за лица во инвалидски колички и лица со ограничувања во активностите.

„Ќе бидат погодни за луѓе кои имаат ограничена мобилност, односно одење, стабилност, користат уреди за мобилност (на пр. патерици, помагала), дури и ако имаат ограничувања на привремена активност, како што се пост-хируршки ограничувања или ортопедски повреди, како и деца со сколиоза, аутизам и слично. Производите може да помогнат во секојдневните активности и овозможуваат правилна поставеност на телото“, појаснува Ристески.

Идејата се родила спонтано, односно како резултат на барањата на дел од корисниците.

„Идејата потекнува од моето долгогодишното искуство во производство и продажба на мебел. Честопати бев дел од тимот за адаптирање на одредено парче стандарден мебел, за да одговара на потребите на купувачот со телесна попреченост. Најчесто тоа беа деца во училишна возраст, па  морав да адаптирам работна маса, трпезариски, па дури и предмети во кујната за да ги направам подостапни за инвалидските колички или специфичните потреби“, нагласува иноваторот Ристески.

Следејќи ги трендовите, односно по примерот на сè повеќе организации и општествени сектори кои придонесуваат овие лица да се интегрираат и да функционираат независно, првиот човек на компанијата внимателно и во консултација со стручни лица развива концепт со кој ќе се дополни понудата која е оскудна на нашиот пазар, а е наменета за оваа ранлива категорија на лица.

„Нашата мисија е внимателно дизајнирање и производство на мебел во консултација со стручни лица во однос на луѓето на кои им е потребна поддршка. Ова значи дека целото семејство може да ужива“, вели Ристески.

Тој потенцира дека ќе бидат пионери во оваа област со оглед дека во земјава не постојат продавници, фабрика, ниту увозници на ваков тип на мебел, поради што родителите, старателите сѐ почесто мора да се потпираат на постоечките решенија и истите да ги адаптираат.

„Мебелот прилагоден на оваа категорија на луѓе не е достапен во Македонија, ниту во регионот. Постојат неколку компании кои произведуваат медицински производи (медицински кревети, столчиња). Во земјава нема ниту продавница, ниту фабрика, а ниту увозник на странски производител кој што ја третира оваа категорија на мебел. Целта е ние да понудиме производи со висок квалитет, лесно прилагодливи и достапени за најранливата категорија. Долгорочни планови се да се понудат овие производи во регионот, преку саеми за мебел и саеми за медицина“, појаснува Ристески.

Проектот ќе се реализира со финансиска поддршка од 27.000 евра Фондот за иновации и технолошки развој во висина од преку повикот „Стартапувај“.

„Ние сме благодарни што ФИТР овозможи да се реализира овој проект со финансиска помош. Подршката е клучна и е од големо значење за развојот на нашата идеја. Досега имаме одлична соработка со Фондот и се надеваме дека ќе ja продолжиме соработката и со некој следен проект. Со тие средства се овозможува технологијата за изработка како и обезбедување на потребните суровини за реализација“, вели Ристески.

Ристески го споделува својот став дека е потребна подоследна регулација со закон на прашањето со пристапноста на лицата со попречености до иституциите и истовремено нотира дека недостигаат ваков вид на помагала во поголемиот број институции.

„Не постои ниту еден училишен капацитет и ниту една медицинска установа во Македонија која што во својата понуда имала ваков тип на помагала за оваа категорија на лица. Не постои ни банка, ни суд, а уште помалку општинска или републичка установа која има воведено каков било вид на помагало што би му ја олеснило посетата или комуникацијата на оваа категорија на граѓани со официјалните лица, нешто што сметаме дека треба да биде регулирано со закон. Ние се надеваме дека со помош ФИТР ќе станеме пионери во обезбедување на овие производи во секој засегнат дом, во секоја засегната институција“, оптимистички прогнозира Ристески.

Заложбите се напредните технологии, знаењето и искуството да го дадат својот максимум за создавање услови за психофизички развој на лицата со телесен хендикеп за целосно да се вклучат во општеството, да бидат независни сами да одлучуваат. Истовремено, производите на кои работи компанијата ќе бидат лесни за самостојно ракување и ќе бидат со поширока намена.

На почетокок, за да стигнат до купувачите, „КМГ Ливинг“ ќе ги користи социјалните мрежи и ќе биде во  директен контакт со центрите и здруженијата за рехабилитација и поддршка. Пенетрацијата на странските пазари е планирана во третата година од проектот.

Проектот се вклопува во визијата на компанијата, а тоа е да создаде подобар секојдневен живот за што е можно повеќе луѓе.

Kомпанијата е основана 2017 година и произведува модерен мебел за да го максимизира визуелниот впечаток во затворен простор преку оптимална употреба на бои, материјали, светлина, земајќи ја предвид функционалноста на просторот и создавање на хармонична атмосфера. Нуди идеални решенија за мебел и декорации за домот и работното место.

Компанијата работи во областа на производство на мебел за кујна, дневни соби, спална соба, бањи, канцеларии, административни згради, и е препознатлива со својот квалитетен, модерен дизајн и навремена испорака на производот дизајниран да ги задоволи потребите, желбите и вкусовите на клиентите.